06 Feb Моќни претстави на задоволство и експериментирање во знак на одбележување на квир телата
Превод: Јулија Мицова
МоМА прикажува серија насловена „Сега размислуваме како што ебеме: преку квир еманципација до активизам“ со која се искажува поддршка кон вклучување и на недостоинствените филмови во квир канонот.
Каден Марк Гарднер
Новата серија проектирана во рамките на репертоарот на Музејот на модерна уметност, бесрамно насловена „Сега размислуваме како што ебеме: преку квир еманципација до активизам“ е храбра и неопходна. Иако сеопфатната деталност во прилично кратка временска рамка е невозможна, програмата вклучува андерграунд и уметнички филмови од ерата пред Стоунвол, геј еманципацијата, кризата со СИДА се до Новото квир кино (New Queer Cinema). Филмовите од овој вид се значајни за конечно помирување со фактот дека голем дел од филмската квир историја е тесно поврзана со порнографијата и еротиката, исто колку што е поврзана и со активизмот. Насловот потекнува од цитат од пресвртниот документарец на Марлон Риг „Неврзани јазици“ од 1989 година, посветен на животот на раскрсницата меѓу тоа да бидеш и квир и црн.
Филмовите од почетокот на периодот се снимени во 1960тите години, со појавата на личности како Кенет Енгр (тогаш веќе длабоко вкоренета икона во американската авангарда) и Енди Ворхол (тогаш веќе аватар на андерграунд кинематографијата). Квир желбата, фетиши и сексот се соголени во филмовите како „Амфетамин“ на Ворен Сонберт и „Нарцис од кожа“ на Евери Вилард. „Портрет на Џејсон“, пионерскиот портрет на Ширли Кларк на афро-американецот Џејсон Холидеј, геј проститутка, функционира во разговор со делата. Едноставноста на филмот, идејата субјектот самиот да ги раскаже своите развратни приказни директно пред камерата, го прави задолжително примамлив, но критичарите исто така беа привлечни и од притаената нишка на невротизам и тага (како и фактот дека филмот е снимен од страна на бел, хетеросексуален режисер).
Квир авангардните и експериментални дела не се ограничени само на машката геј форма; дел од порадикалните понуди доаѓаат токму од жени. Филмовите на Су Фридрих и Барбара Хамер претставуваат остра критика за тоа како е да се биде жена уметник во периодот на нивното творење. Филмот „Прво е љубовта“ на Фридрих ја истражува хетеронормативната институција и вкоренетите обичаи поврзани со бракот, при што самата режисерка коментира за исклученоста на геј двојките од овие концепти. (Ова претставува предвестување дека еднаквоста на брак на крајот ќе прерасне во главна фокална точка на квир активизмот).
Вистинското откритие на серијата е фокусот на дела од 1970тите години, во период кога насекаде се шират геј прајд парадите, изборот на Харви Милк, и заштитата од таканаречените „морални личности“ како што беше Анита Брајан. Новата геј видливост претставува неверојатно храбар чекор – дури и премногу храбар за американскиот конвенционализам. Хомоеротската и геј порнографијата го достигнува врвот во тој период, а е претставена во серијата преку дигитално обработените филмови на Фред Халстед. Неговиот краток филм од 1972 „Гаража на сексот“ сниман со цел да понуди задоволство исто така функционира и како палав мета коментар за раздорната претстава на истополовите односи дури и во порнографските филмови. Пред да видиме двајца мажи како имаат секс, филмот почнува со секс меѓу маж и жена. Неговото ремек дело „Л.А. се глуми себеси“ (се верува дека е првиот филм во историјата во кој се прикажува фистање на маж) претставува фрагментирана серија од сексуални походи во природа. Претставени се опсесиите и желбите на Џенет и Енгр во нивната карнална екстремност.
Сепак најамбициозното дело на Халстед е филмот „Сексуална играчка“. Првично снимен на 35 милиметарска лента наспроти вообичаената 16 мм. (повеќето театри за геј порнографија во тоа време поседувале единствено проектори за 16 мм лента), филмот претставува мачен проект со двојно посилни прикази на провокациите и најинтензивните сексуални чинови од „Л.А. се глуми себеси“, со фокус на БДСМ. Реакциите на критичарите остро му наштетија на кариерата на Халстед. Весникот „Холивуд Репортер“ објави дека филмот наликува на нешто „што би го нарачале командантите во нацистичките концентрациони кампови за сопствена забава“. Сега овој ретко проектиран бисер претставува значаен артефакт од геј порнографијата во периодот пред истата да прерасне во индустрија слична на хетеросексуалната.
Уметниците како Халстед најчесто се игнорирани во филмската квир историја, оштетени во меморијата на повеќето заради нивното ретроактивно знаење за појавата на кризата со СИДА, која што пак придонесе политиката на угледност да ја преобликува сликата за хомосексуалноста како лишена од секс во пристојното општество. Во 1980тите и 1990тите години, поголемиот дел од Новото квир кино се создаваше како противудар на реакцијата дека сексот е негативен и жртвите се секогаш виновни, преку страсни и радикални дела. Сепак тие што не ја преживеаја кризата со СИДА останаа стигматизирани. Геј сексот беше политизиран и извор на политичка дебата во 1970тите години (и сè уште е така), и како што прикажа Халстед, повеќе од обична провокација. Геј сексот е уметност.
„Сега размислуваме како што ебеме: преку квир еманципација до активизам“ претставува хроника на цикличната природа на геј видливоста во изминатите декади, последица на спротивставенета желба да се живее отворено и на стекнатата претпазливост. Сето ова е прикажано во оралниот историски документарец од 1977 година „Сите дознаа: приказни од дел од нашите животи“, во кој се интервјуираат геј луѓе од ширум Америка. Една лезбејка истакнува дека негативната страна на широката прифатеност на геј луѓето е тоа што: „Се губи смислата за ʻсопствена групаʼ – авантурата да се биде поинаков во стрејт светот… Со сопствен јазик, сопствена терминологија. Сето тоа многу ми недостига. Тајното општество… Дека припаѓам некаде и никој не знае за тоа“. Сентименталните чувства опстојуваат и понатаму, да се биде квир во свет кој сака само дел од тебе. Преку серијата на филмови се преобмислуваат делата наменети не за секого, со моќни прикази на задоволство, експериментирање и славење на квир телото, што заслужува место покрај поопшто прифатениот квир канон.