03 Feb Јавен повик за собирање животни приказни од припадниците на транс заедницата
Поради потребите на проектот ,, What comes next?”, го објавуваме овој јавен повик за собирање животни приказни од припадниците на транс заедницата.
Овој проект, симболично насловен како ,, What comes next?!”, е замислен како проект од интерактивен и интердисциплинарен карактер, во кој подеднакво ќе партиципира и транс заедницата, кои ќе имаат можност да ги достават своите животни приказни, кои понатаму во соработка со уметниците ќе ја добијат својата визуелна форма, што на крај ќе биде презентирана во групна изложба. Самиот наслов, директно алудира на главната цел и порака која ваквата колаборација ќе се обиде да ја пренесе- да се искаже сето она низ што со годините наназад поминале овие индивидуи, сето она низ што денес, можеби во овој момент го поминуваат, онаа животна стаза која поради многубројните општествени, административни, психолошки бариери, постојано ја поминуваат, враќајќи се назад низ лавиринтите на општеството, одново и одново.
Ги повикуваме сите припадници на транс заедницата кои имаат волја да ја споделат својата животна приказна, да се пријават на овој повик, најдоцна до 25ти февруари, 2020 година, пополнувајќи го директно самиот формулар, доколку се заинтересирани во писмена форма да ја доставaт својата приказна, или пак, оставајќи ги своите податоци за контакт на vitanovskaangela3@gmail.com во случај директно да сакаат да ја раскажат својата приказна на уметникот.
Главната идеја за реализација на овој проект е преку рецентни дела, создавани директно како визуелен продукт на вистинските животни ситуации низ кои поминуваат транс луѓето, да се зголеми јавната свест и да влијае на намалувањето на предрасудите кон припадниците на оваа заедница, кои доведуваат до прекршување на нивните права, често ескалирајќи во вербално и физичко насилство. Целта е да преку зголемување на видливоста на овие лица, нивно прифаќање од страна на пошироката заедница, да дојде до еден вид ослободување како единствен начин на градење на подобро, потолерантно и послободно општество.
Повикот е дел од Проектот за ЛГБТИ инклузија 2.0 кој е финансиски поддржан од ИЛГА-Европа, а имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка во партнерство со Коалиција Маргини.
Носител на иницијативата и автор на проектот е Ангела Витановска, историчар на уметност и куратор.