Јас сум етичко макро. Еве како изгледа моето и секојдневието на моите вработени.

Јас сум етичко макро. Еве како изгледа моето и секојдневието на моите вработени.

Превод: Јулија Мицова

„Чао мамо! Се гледаме утре изутрина!“

Вторник, 08:00 часот, а мојот работен ден почнува како и вашиот: ја пакувам храната за училиште, подготвувам здрав појадок за децата, ги барам чорапите и чевлите и домашните задачи. Но кога ме бакна и истрча за да го фати училишниот автобус, мојата деветгодишна ќерка Миранда знаеше дека ќе се вратам многу доцна навечер откако таа ќе заспие.

Тоа е затоа што сум макро. Со пофини зборови, јас сум Мадам на Бач , мојата феминистичка ескорт агенција на Северниот Остров во Нов Зеланд.

Не очекував ваков вид на кариера. Со оглед на тоа што пораснав во Сан Франциско, учев во француско приватно училиште, посетував часови по пијано, веројатно требаше да завршам со „поугледна“ професија, на пример научник или наставник. Но животот понекогаш не можеш да го предвидиш.

Сексуалната работа отсекогаш ме интересирала – самата идеја дека жените можат да заработат пари преку сопствената сексуална привлечност – и подоцна, кога едвај крпев ден за ден во Њујорк како студент, еднаш дури и се јавив во една ескорт агенција што ја најдов во именикот. (Се сеќавате на именикот? Знам, престара сум). Сепак на крајот немав храброст. Не се плашев од сексуалната работа – се плашев да го прекршам законот. Што ако некој ме истепа или силува? Знаев дека ако отидам во полиција ќе ме уапсеја мене. И така ѝ се вратив на привремената работа и јадев само ориз.

По 20 години имигрирав во Нов Зеланд. Се преселив овде заради државниот здравствен систем и спектакуларните пејзажи, но Нов Зеланд нудеше нешто друго што тогаш не го знаев: најлиберални закони за уредување на сексуалната работа во светот. Ме замисли, но само во теорија. Следните 10 години бев зафатена со децата и домаќинството. Кога бракот ми заврши со развод се јави потреба од дополнителен приход – и тоа брзо. И така отворив феминистичка ескорт агенција.

Кога ќерка ми ме праша што работам, ѝ објаснив со зборови што ќе ги разбере: „Тетките се облекуваат во убава облека и се бакнуваат и гушкаат со мажите и така заработуваат многу пари“.

Во суштина тоа е вистина. Но би сакала да објаснам како навистина функционира, особено затоа што легализацијата на сексуалната работа глобално се рашири како тема на дискусија неодамна. Во Калифорнија, Хаваи и Федералниот Округ Колумбија се создадоа сериозни движења за укинување на кривичните казни за проституција, додека минатиот месец законодавците во Њујорк воведоа едни од најпрогресивните мерки досега: целосна декриминализација на сексуалната работа во целата држава. Потегот на Њујорк е особено радикален: За разлика од легализирањето на проституцијата, каде вообичаено владата има одредена контрола над сексуалните работнички, со декриминализацијата сексуалната работа станува како и секоја друга работа.

Според мене тоа е супер. Заедно со Аменсти Интернешнл и Здравствената светска организација, како и секоја сексуална работничка што ќе ја запрашате, верувам дека декриминализацијата е најбезбедниот модел за сексуалните работнички.

Во Америка пак не се воздржуваат од кошмарните предвидувања поврзани со поблагите криминални казни за сексуална работа: Улиците ќе бидат преземени од уличните проститутки! Ќе се киднапираат деца и ќе се екслоатираат како сексуални робови! Мажите ќе се однесуваат со жените како со предмети без никаква вредност!

Но нема потреба да се измислуваат хорор приказни. Експериментот е завршен. Во 2003 година, Нов Зеланд го изгласа Законот за реформи на проституцијата, со кој проституцијата меѓу две полнолетни и согласни лица се декриминилизира – иако трговијата со луѓе за секс, незаштитената сексуална работа и детската проституција сè уште се кривични дела. Пет години подоцна, владата побара истражување за проучување на состојбата, со која се покажа дека „сексуалната индустрија не се зголемила, додека … поголемиот дел од лицата вклучени во сексуалната индустрија се во подобра состојба по изгласувањето на новиот закон отколку претходно.“

И, како изгледа мојата работа како макро? Ги менувам ли деновите шмркајќи кокаин од разголените гради на експлоатираните тинејџерки? Далеку од тоа.

Како прво, Бач не наликува на гламурозна сексуална палата каква што можеби си замислувате. Всушност, агенцијата ја водам од ефтин мотел. Секако тоа не ми беше првиот избор. Дури и со декриминализацијата, сè уште постои стигма околу сексуалната работа. Кога се обидов да изнајмам простор за агенцијата сите ме одбија. Дотогаш немаа слушнато за „феминистичка ексорт агенција“ и претпоставуваа дека ќе ги вовлечам во пресметки со банди, дрога и криминал. Но на крајот, мотелот исто така заврши работа. Нуди дискретност за клиентите и во секоја соба има бања.

Мотелот од каде што работам содржи осум соби во две незабележителни сиво-бели згради. Шест од собите ги изнајмувам како  мотелски соби и повеќето гости – бизнисмени и семејства – немаат поим дека на локацијава постои ескорт агенција. Другите две соби се целосно преуредени: Една е уредено во летен стил што потсеќа на плажа (во Нов Зеланд, „бач“ значи летна колиба на вода), додека другата е обоена во црвено-пурпурни и кафеави нијанси со јапонски еротски дрвени гравури на ѕидовите. Во собата има дополнителни елементи што нема да ги најдете во ефтина мотелска соба: свежи цвеќиња, греано масло од кокос за масажи, и широка понуда на кондоми и лубриканти.

Кога стигнувам на работа првин ги отворам собите за услуги. Проверувам дали на располагање има чиста постелнина, пијачки и безбедна сексуална опрема, и ги вклучувам греачите за масло.

Потоа се симнувам во канцеларијата, соба во подрумот која што нагалено ја нарекувам Зандана. Таму  проверувам дали преку ноќта пристигнале пораки на Бет-телефонот (прекар за мобилниот телефон на агенцијата). Понекогаш господата што ни ги оставаат пораките не сфаќаат дека работиме до 22:00 часот. Друг пат пак се работи за пијани идиоти („Отворено е? Анален?“ е типичен шармантен пример за пораки што пристигнуваат на полноќ).

Наскоро пристигнуваат нови пораки. Еден тип што се нарекува „Бен срамежливиот фармер“ сака да се види со Грејс, бидејќи само со нејзе се чувствува удобно. Бен е вдовец на 60тина години, а животот го минува на сточарска фарма за овци. Премногу е срамежлив и има мала говорна маана.

Ѝ праќам порака на Грејс. „Сакаш да се видиш со Бен во 11:00 да му бидеш девојка на еден саат“?

„Секако“! враќа. „Се гледаме“!

Глумењето на девојка е основната услуга што ја нудиме овде. Не продаваме жени и не продаваме секс. Како и секој вешт професионалец, на пример масажер-терапевт или неговател, ескорт девојките продаваат време. Кога глуми дека му е девојка му нуди можност за вагинален секс, обостран секс или бакнување. Се нуди друштво и грижа – клиентите ги ценат овие услуги многу повеќе од сексуалниот однос.

Велам „можност“ за секс со причина. Според законите во Нов Зеланд, сексуалниот работник има право да ја повлече согласноста кога сака, дури и откако ќе почне средбата за која се плаќа. Никој нема право да направи да се чувствува одвратно, непочитувано или под закана. Затоа секогаш првин ги прашувам нашите ескорт-девојки дали ќе прифат средба – никогаш не им наредувам да дојдат. Постојат независни хонорарци и согласни возрасни, и секогаш само од нив зависи дали ќе го прифатат или одбијат клиентот.

Покрај оваа услуга, исто така нудиме сензуална масажа, односно гола еротска масажа со мастурбација на крај. Според мене, постојат три видови на клиенти што бараат масажа: ефтините (120 долари за 30 минути – новозеландски долари – и 160 долари за еден час, најефтината услуга што ја нудиме), женети мажи кои мислат дека доколку не пенетрирале не изневериле, и повремениот уморен фармер кој всушност бара масажа.

Но масажата кај нас може да чини и многу повеќе. Ако барате нешто дополнително на мастурбирањето се плаќа плус. Доколку сакате да ја бакнете ескорт-девојката се плаќа 50 долари плус. Доколку сакате орален секс, исто така 50 долари плус. Сето тоа оди директно во нејзиниот џеб – оваа заработка не ја дели со куќата. Нашата најталентирана продавчка еднаш наплати 500 долари за време на една масажа а типот дури не доби ни секс.

По дваесет минути влегува Грејс со беспрекорен изглед и шминка. Има дваесетина години, црна коса до рамена, и неверојатни тетоважи во стилот на Маорите долж рацете. Грејс е самохрана мајка и го изучува столарскиот занает. Може да се обиде да преживее на социјалната помош од државата (социјалниот систем во Нов Зеланд е дарежлив, барем во споредба со американските стандарди), но не сака да се бори за да го зачува покривот над глава. Сака топол дом за нејзиниот син, убава облека за него – и секако – убав пар чевли од време на време и вечера со пријатели. Исто така го сака и сексот.

Грејс оди во собата за услуги додека јас ја гледам преку безбедносната камера, одговарам на телефонски повици и пораки, и забележувам дека Бен се паркира на означеното место. При контакт со агенцијата клиентот добива строги правила: кога да пристигне, каде да се паркира, на која врата да тропне. Жената се затвора на безбедно во собата, зад обоено стакло. Одвнатре се гледа нанадвор, но не и обратно, па може добро да го види клиентот и да биде сигурна дека се чувствува удобно пред да ја отвори вратата. На мониторот гледам дека вратата се отвора и Бен влегува внатре. Го навивам алармот на часовникот на еден час.

Продолжувам со резервациите и закажувам неколку состаноци.

„Рави учи англиски“ е свежо пристигнат имигрант во Нов Зеланд, и бидејќи потекнува од традиционално семејство од него се очекува да остане девица се додека не се врати во Индија за да стапи во договорен брак. Веќе е над 30 години и сака да се стекне со сексуално искуство во агенцијата наместо да се мачи со живот во целибат.

„Мајкл, љубезен, фин и чесен“ е успешен локален продавач со огромна сексуална желба. Ја сака сопругата и сака да остане во брак со нејзе, но таа не сака да има секс со него два пати во денот. Затоа имаат договор: Тој може да посетува ескорт-девојки, но таа не сака да знае ниту еден детал од неговите средби.

„Професорот Лео“ е пензиониран професот по англиска литература. Сè уше е во шеесетите, но неговата сопруга страда од деменција и тој мора постојано да се грижи за неа. Со посетите на ескорт-девојките ги задоволува сопствените потреби, а сепак останува посветен на сè похендикепираната сопруга.

Добивам повик и од мајката на „Ерик со аутизам“. Ерик живее со родителите и ја заштедува паричната социјална помош од неколку недели за да нè посети. Кога ќе заштеди доволно пари, мајка му го носи на средба.

При разговорот со клиентите, мојата задача е да забележам дали се трезвени и дали се однесуваат со почит, и да им препорачам дама со која мислам дека ќе уживаат. Вообичаено имам околу 12 до 15 жени што работат во агенцијата, од 18 до 45 години. Дел од нив се Маори, а дел европски Новозеланѓани, но заради дополнителна заштита против трговија со луѓе сите се со постојано жителство – лицата со туристичка виза не смеат да работат како сексуални работници. Бидејќи жените работат само кога сакаат, во одреден момент се случува да имам само две или три слободни.

Дел од жените се достапни по цел ден, вообичаено кога децата им се на училиште. Други доаѓаат само навечер, откако ќе завршат со работниот ден. Помладите се придружија на агенцијата заради сексуалната авантура и заработката на дополнителен приход, и доаѓаат само два-три пати во месецот. Најуспешната, која е 45 години, доаѓа еднаш во неделата и работи цел ден. Има три до четири редовни клиенти, сите околу 60тина или 70тина години, и ја резервираат по два до три саати во денот. За нејзе велиме дека тој ден работи во канцеларија – доаѓа од 10 наутро и завршува во 6 попладне со заработка од 900 долари на крајот на денот.

Сесијата на Грејс сè уште е во тек, а јас веќе имам закажано четири резервации и распоредот за тој ден почнува да се пополнува. Се симнува и ми дава 240 долари, износот за еден саат за жена што гллуми дека ти е девојка. „Како беше Бен? Се однесуваше добро“? прашувам.

„Секогаш е добар“, вели таа и седнува на каучот со телефонот во рака. „Срце е“.

„Сакаш да те исплатам или ќе поседиш“? ја прашувам. „Имаш уште неколку саати до 15:00 кога треба да си заминеш“.

„Ќе поседам“, вели. „Можеби ќе ме побара уште некој“.

Од тие 240 долари, Грејс за себе задржува 120, а другите 120 долари се за мене. Некој веројатно ќе ме обвини дека ги злоупотребувам, но веројатно тој никогаш немал сопствен бизнис. Од мојата половина плаќам за кирија, осигурување, данок, градски комунални такси за земјиште и вода, рекламирање, сметки и плата за двајца менаџери вработени во агенцијата.

Верувајте, моите 120 долари не ги трошам на тешки дроги и скапи чанти. Кога ќе ги исплатам сите трошоци остануваат само 20 долари за мене.

Грејс добива уште еден клиент и се качува во собата за да се види со „Итриот Дејв“, згоден бизнисмен од север. Не му верувам многу. Не дека е безбедносен проблем – секогаш е неверојатно љубезен. Сепак, троши многу пари во агенцијата. Во текот на годините има потрошено околу 50.000 долари на ескорт – а знам дека е во брак. Знае ли жена му колку пари троши кај нас? Можеби е подобро тие пари да ги потроши на школарина за внуците.

Од друга страна, агенцијата има вработено дузина жени кои ги има спасено од сиромаштија. Нудиме најплатено работно место за младите жени во овој град во Нов Зеланд. Дури и со минимална саатнина од 17,70 долари е тешко да се преживее. Тешко е да се најде постојано вработување, особено за младите мајки. Ако парите на Дејв се распределуваат на самохрани мајки и студенти што плаќаат школарина тогаш не ми пречи. Секогаш барам клиентите да се однесуваат како џентлмени, да ги почитуваат границите на жените и да користат кондоми. Настрана од тоа не можам да им се мешам во животниот избор.

Попладне Грејс треба да го земе детето од градинка, а јас примам уште неколку повици. Малку муабетам со „Едноракиот Сем што сака да се облекува во женска облека“. Ја загубил раката во индустриска несреќа пред неколку години и многу се срами од неговата изобличеност. Исто така сака да го истражи интересот да носи женска облека, па потребна му е љубезна жена што ќе му помогне со шминката без да го навредува или осудува. Не постои специфична категорија за тоа на Тиндер – но сепак таква услуга можеме да му обезбедиме во нашата агенција. Мислам дека токму заради тоа повеќето жени овде имаат работно искуство како негувателки или медицински сестри: претежно се работи за жени кои сакаат да се грижат за друг, а притоа не ги одвраќаат физичките или сексуалните разлики.

Би сакала да имавме повеќе повици за малку поинакви фантазии и фетиши во овој рурален град, но повеќето од клиентите имаат доста вообичаен апетит. Бараат некоја што ќе глуми дека им е девојка или сензуална масажа, и задоволни се со вагинален секс или орално задоволување. Најчесто бараната дополнителна услуга е анален секс, чини плус 100 долари – но само дел од жените ја нудат. Доминација, плескање, врзување, покомплексни фантазии – секогаш се забавни ваквите средби, но ретко ги бараат. Толку се невообичаени што всушност понекогаш жените не знаат како да реагираат. Луси еднаш се симна доста збунета од една средба. „Сакаше да мочам врз него“, ми рече таа. „И тоа го прават? Не дека ми пречеше. Но не знаев дека луѓето го сакаат тоа“.

„Го сакаат“, ја уверив. „Се нарекува златен туш. Следниот пат треба да му наплатиш плус 50 долари за тоа“.

Оттогаш испечативме стандардно мени со дополнителните услуги и цената за секоја од нив – Луси веќе нема да моча бесплатно врз никого.

Државата не ни прави проблеми, а ние го поддржуваме правото на согласност на нашите жени. Најголемиот страв на повеќето од нив е дека некој ќе раскаже на жителите што работат во гратчето.

Подоцна тоа попладне поминува и Клои. Се гледа дека нешто не е во ред – нервозна е и се познава дека плачела. Клои е медицинска сестра и работи во локалната болница, но откако ќе ги исплати студентиските кредити и даноците и останува едвај нешто за да преживее. На агенцијата ѝ се придружи затоа што дополнителниот приход ја „ослободува од секојдевното коленичење пред другите“, како што вели таа.

„Бившиот“! вели налутено и ја шутира чантата на подот. „Каков гад“!

Прашувам што се случило. Испадна дека нејзиниот бивш партнер дознал дека работи како сексуална работничка и сега ѝ се заканува дека ќе ѝ ги земе децата. Клои е умна, цврста и професионална жена и досега ја немам видено толку вознемирена.

„Не е возможно“, ја разубедувам. „Ниту еден судија во земјата нема да го прифати тоа барање“. Знам затоа што се имам консултирано со адвокат. Сексуалната работа во Нов Зеланд не е само легална туку е декриминализирана, а во пракса се работи за две многу различни работи.

Да го земеме за пример „Нордискиот“ модел или моделот за „стопирање на побарувачката“ на сексуална работа. Се применува во Шведска и Франција, а постои иницијатива да се воведе и во САД. Но нема никаква смисла. Според Нордискиот модел, продавањето на сексуални услуги е легално, но купувањето на сексуалните услуги претставува кривично дело – логичко салто наназад со кое одредени прогресивни лица се чувствуваат добро од помислата дека ги „спасуваат“ сексуалните работници.

Но доколку сексуална работничка како Клои има бивш кој сака да ѝ направи проблем, според Нордискиот модел ќе се соочи со потешкотии при битката за стрателство. Може исто така да го изгуби и домот доколку наемодавецот пријави дека во нејзиниот дом се одвивале кривични дела. А доколку одлучи да работи со други жени заради поголема безбедност, тогаш може да се соочи со обвинение дека води бордел. Нордискиот модел ги изолира сексуалните работници и ги присилува да се кријат за да не ги уапсат нивните клиенти. Изолираните сексуални работнички од друга страна секогаш се соочуваат со опасност.

Во Нов Зеланд, во согласност со декриминализацијата, никој не мора да знае дека работите како сексуална работничка доколку не сакате. Продавањето на секс е со ист законски статус како и продавањето на пица или работата во кујна. Никој не може да ви ги одземе децата заради тоа. Никој не може да ви го одземе ни домот заради тоа. А доколку се обидат да ви го одземат достоинството – тогаш можете да си потпевнувате до банката.

Таа ноќ, додека се возам кон дома, си помислив на Маја, една од првите што почна да работи за мене. Кога ја отворив агенцијата студираше за медицинска сестра, а нејзиниот партнер ја имаше оставено со мало бебе. Работејќи како ескорт го заврши факултетот без студентски долгови, можеше да си дозволи да купи божикни подароци и неколку одмори. Сега учи за да ги полага последните испити.

„Работава ме спаси од пропаст“, еднаш додека муабетевме во Занданата ми рече. „Инаку ќе морав да прекинам со образованието и да работам за минималец само за да се прехранам“. Повтори уште еднаш, во случај да не сум слушнала. „Работава ме спаси од пропаст“.

Може да се каже дека агенцијата ме спаси и мене од пропаст. Работодавците не трчаат по тебе кога си разведена жена на 40 години со десетгодишна работна пауза. Справувањето со локалната стигма, водењето на два бизниси, остварувањето на личните соништа на жените и клиентите – основањето на агенцијата беше најтешкото нешто што сум го направила во животот, ова го велам како жена што роди бебе од 5 килограми во када со вода, без доктори и бабици.

Ќе се запрашате зошто агенцијата ја нарекувам феминистичка ескорт агенција? Затоа што го поддржуваме сексуалното делување на жените и нивното право на согласност.  На жените им нудиме можност за добра заработка со целосно флексибилно работно време. Не ја спасив јас Маја. Таа самата се спаси. Јас само ѝ дадов место каде што може да работи безбедно.

Можете да ме наречете макро доколку сакате. Само не заборавајте да го додадете и зборот на „е“. Затоа што токму на тој дел сум највеќе горда.

Извор