Еротиката на национализмот

Еротиката на национализмот

Миша Поповиќ, политиколог

 

Пред некој ден налетав на интернет врска која води кон галерија на кинеско-советски хомоеротски постери. Таму, се провлекуваат слики во кои архетипите на кинескиот и советскиот (еве да речеме рускиот) „реален човек“ ја искажуваат својата блискост како нации. Но таа блискост во секој постер е претставена телесно, преку допир, прегратки или држење за раце. Во комбинација со препознатливата естетика на „соц реализмот“, и акцентирањето на телесната фигуративност, оваа интеракција помеѓу мажите на постерите добива еротски контекст уште на прво гледање.

 

Ова веднаш ме потсети на чудната врска помеѓу национализмот и сексуалноста… врска на „љубов и омраза“.

 

Уште од самите почетоци на формирањето на нациите, национализмот и сексуалноста се категории кои се поврзани една со друга. Нацијата изгледа онака како што е раскажана од оние кои имаат ресурси да си обезбедат место на раскажувачи. Викторијанската и протестантска етика и морал преовладуваат па така националниот етос ја добива сликата и приликата на доминантната класа отелотворена во буржоазијата – работливоста и побожноста наспроти ексцесите на аристократијата и инстинктивизмот на необразованите селани и работници.

 

Луѓето вообичаено ја замислуваат нацијата како проширено семејство. Сите ние, наводно сме вистински или симболично „браќа и сестри“. Врамени од патријархална културна рамка, нацијата „определува“ родови улоги: што е тоа што го прават мажите и жените за нацијата. Накратко и поедноставено, мажите ја градат и бранат, а жените ја репродуцираат, физички и културно пренесувајќи ја традицијата. Или на ниво на иконографија, таа е секогаш претставена како жена (пр: мајка Македонија) која низ времето од различни национални татковци-основоположници симболички повторно ја раѓа нацијата.

 

Накратко, сликата на нацијата почива на јасна поделба помеѓу мажите и жените со јасни родово поделени улоги. А имајќи предвид дека иницијалните раскажувачи на нацијата се побожните индустријалци од северна Европа, уште од самите почетоци, пропишаната сексуалност и достоинственото однесување се оние на умереност, самоконтрола и поредок. Во така поставени услови на кој е кој во групата и што треба да прави, хомосексуалците од прва било тешко да се вметнат како пожелни групи. Според тоа како нацијата е замислувана, тие најпрво го збунуваат родовиот поредок односно поделбата помеѓу мажи и жени. Бидувајќи ни ваму ни таму, во очите на нацијата хомосексуалците не можат да ги остварат основните национални улоги: нејзина одбрана и репродукција. Дополнително, низ времето, од оние кои го определувале нормалното во нацијата, тие биле етикетирани и како закана, бидејќи ја ’труеле’ достоинственоста на нацијата, промовирајќи го хедонизмот.

 

Ова одново ме потсеќа на постоечката националистичка приказна за хомосексуалците во Македонија. Приказната почнува со осудата на хомосексуалниот животен стил кој не го помага наталитетот кој е во опасност. Цела една понова генерација е осудена бидејќи во овие „тешки времиња“, кога „белата чума“ се шета низ земјава, таа брка кариери и задоволства наместо да учествува во „битките“ за наталитетот. Во таа петта колона една од четите се и хомосексуалците.

 

Приказната продолжува со идејата дека хомосексуалците ги трујат традиционалните вредности во Македонија. Некој ќе напише дека не сака да го гледа Скопје како станува Амстердам. Таквата патека на трансформација на градот наводно не ги отсликува вистински посакуваните вредности. Тоа и не е нешто ново – национал романтизмот отсекогаш имал проблем со индустрискиот „град“, смогот, темните улички но и мултидимензионалноста, неизвесноста и постојаната промена. Наспроти ова седи идеализираното „село“. А селото е коренот на националната имагинација во Македонија (и не само тука) почнувајќи од битовата драма па се досега. Хомосексуалците, во таа имагинација, се суштества на градот, една од оние групи кои го прават „нездраво“ место за живеење.

 

На крајот, последниот дел од приказната е етикетирањето на хомосексуалците како инсталиран елемент и увезен од странство. Националистите замислуваат дека хомосексуалците ги создава Сорош или европските интеграции. Повиците за остварување на нивните права се гледаат како на уште еден наметнат бенчмарк, налик на решавање на проблемот со името.

 

Но тоа што постојано се поттиснува се „братските“ односи тогаш кога тие, како резултат на креирањето иконографија стануваат преблиски. Нацијата пред се е замислена како „хоризонтално братство“. На ова не потсетува, намерно или не, Бенедикт Андерсон во својата прочуена дефиниција за нацијата. Братството во овој случај ја открива патријархалната хиерархија во националната имагинација (но и во реалниот живот). Оваа хиерархија ги става во преден план мажите и нивното братство како основна врска на градење на нацијата.

 

Таквата хиерархија доаѓа од патријархатот, каде жените „мигрираат“ од едно семејство во друго без притоа да бидат целосно припаднички ниту во едно од нив. Од друга страна мажите се оние кои се столбовите на заедницата. На тој начин, во националистичкото замислување на заедницата, со жените „никогаш не сте на сигурно“. Така, еден наш познат „брат“ бргу беше наречен „сестра“ во оној момент во кој се „дозна“ дека сведочел против еден друг „брат“.

 

И тука некаде се враќаме на постерите од каде почнува овој текст. На крајот на денот, за националната иконографија односите кои што се слават се оние помеѓу мажи: другари или „браќа“ кои во заеднички потфат ја градат или ја бранат нацијата. Тие треба да се предадени еден на друг, да се жртвуваат, сакаат и чуваат во време на невоља. Во минатото, таквата блискост била некогаш опевана и како љубовна врска. Меѓутоа, во ерата на национализмот, идеалот за братска љубов требало да биде санитаризиран, а потенцијалите за хомоеротика избришани. На национализмот сеуште му била потребна оваа братска љубов, но симболот на голи машки тела мора да биде „олеснет“ од неговата сексуалност, а во него да се инвестира значењето за здрава и одбранета нација.

 

Така, некогаш кога на Фејсбук ќе налетате на некоја фото сесија од неколкумина мускулести топлес другари, кои се „пипкаат“ или се гушнати и накитени со националистички симболи, запомнете дека го гледате резултатот на националната имагинација каде „братството“ е најпосакуваниот човечки однос, жените попатно место, хомоеротиката непосакувана нус појава, а хомосексуалците остануваат нерехабилитирани.

 

Преземено од ПлусИнфо http://www.plusinfo.mk/mislenje/504/Erotikata-na-nacionalizmot