Исланд го донесе еден од најпрогресивните закони за транс права

Исланд го донесе еден од најпрогресивните закони за транс права

Во четвртокот, покрај Англија и Велс, и Шкотска се приклучи кон одлуката за одложување на предложените измени на Законот за признавање на родот. Во меѓувреме, Исланд донесе еден од најпрогресивните закони за транс и интерсекс правата, без никаков конфликт во јавноста. Законот има потенцијал да го направи Исланд светски лидер во ЛГБТИ правата, под услов да бидат забранети интервенциите за интерсекс новороденчињата.

Како Исланѓанец, чест ми е што бев еден од оние кои го подготвуваа законот, од кој голем дел конечно стана реалност, четири години по започнувањето на процесот. Процесот го водеа грасрут ЛГБТИ активисти од Исланд, и истовремено беше најтешкото и најисплатливо искуство во мојот живот.

Законот гарантира дека секој може да бара здравствена грижа поврзана со трансродовоста и да го смени своето име и род во официјалните документи без медицинска дијагноза, а исто така им овозможува на лицата под 18 години да го сторат истото со согласност на законските старатели. Исто така, дозволува и трет род во официјалните документи, обележан со буквата “X”.

Додека предложените измени на Законот за признавање на родот наидоа на непријателска реакција во Велика Британија, законот во Исланд доби поддршка од групи како Amnesty International, службите за заштита на децата и Организацијата за женски права на Исланд. Предлог-законот беше широко поддржан и ниту еден член на парламентот не гласаше против него.

Исланд веќе долго време е познат по својата репутација за родова еднаквост и е рангиран на врвот на индексот за родова еднаквост од 2009 година. Сепак, се уште постои простор за напредување. Но, за разлика од Обединетото Кралство, правата на транс луѓето никогаш не биле врамени како закана за правата на жените, туку се сметаат за важен дел од движењето.

Додека се покренаа прашања за потенцијалните последици од законот за женските шелтери, затворите, спортските и рекреативните активности како што е пливањето (како во Велика Британија), тие брзо добија одговор од конструктивните дискусии базирани на докази и инклузивното креирање политики . За споредба, токсичната дебата во Велика Британија околу Законот за признавање на родот е апсурдна. Тоа покажува дека најголемиот дел од медиумскиот наратив за транс-права во Велика Британија има помалку врска со фактите и повеќе има врска со создавање на конфликт.

Транс луѓето со децении отворено пристапуваат во сите простори  без проблеми и законски им е дозволено да го сторат тоа според исландскиот закон, исто како и во Велика Британија. Повеќето даватели на услуги, без разлика дали се кризни центри и засолништа за семејно насилство, спортски сојузи, затворски служби или градски власти, секогаш им простапуваат на сите прашања од аспект на почитување на автономијата и родовиот идентитет на луѓето.

Додека голем дел од британските медиуми често отстапуваат простор речиси секому со анти-транс ставови без проверка на квалификациите или експертизата, исландските медиуми пристапија кон ова прашање со почит и нереакционерска гледна точка. Ова е од корист за Исланд како општество, бидејќи луѓето можат да добијат одговори на важни прашања на конструктивен и информативен начин, без тоа да стане токсична дебата на сметка на транс луѓето.

За споредба, постојаното клеветење на транс луѓето во британските медиуми е срам. Сите ние треба да бидеме ужаснати од тоа колку се штетни групите со анти-транс ставови кои ги засноваат своите слаби аргументи на нетолеранција и десничарска идеологија. Дел од британските медиуми дозволија да бидат заразени од омраза и се занишаа од грижите на една мала, но гласна група луѓе.

Колку порано сфатиме дека нема зошто да се плашиме од транс луѓето, толку побрзо Велика Британија ќе може да се фокусира на прашањата како што се климатсите промени, родовата нееднаквост, зголемената сиромаштија, бездомништвото и владата која направи политика во Обединетото Кралство да биде предмет на потсмев.

Можам само да се надевам дека легислативата која штотуку беше усвоена во Исланд ќе биде пример за другите земји и ќе биде достоен повик за будење на Велика Британија и слабиот третман на транс луѓето низ годините.

Извор