01 Jul Пенси во Неапол или за: ведрата трагичност на расличностувањето
Од: Вики Младенова
Неапол е град за кој што Џорџо Агамбен претпоставува дека ако бил изборот за престој во Италија, наместо Торино, филозофот Фридрих Ниче во 1888-89 г. немало да полуди и можеби никогаш немало да се врати неколку чекори наназад за да го гушне торинскиот коњ.
Неапол е град на Пулчинела, патем, и причината – според Агамбен – заради која Ниче би можело да не полуди, ако го избере како референтна фигура наместо Заратустра.
И последниот впечаток за градов, при овој обид во зборови да се истолчи искуството од вечерта на Пенси во Скопје, Неапол е град во кој за да се преживее трагичноста на настаните, истиве се замешуваат во ведрина и никогаш само не се плаче или само не се смее, туку истовремено и заедно – и се смее и се плаче. Tiene ment’ a ‘sta mascara: nun vide ca je maje rido e maje chiagno o – pe’ meglio parlà – accussì forte astregno ‘nzieme ‘stì ddoje cose cа cchiù nun se po’ dicere: ‘È chesta! . . . È chella!’ „Имај ја на ум мојата маска: не гледаш дали јас плачам или се смеам или подобро да се каже – толку силно ги врзувам овие две работи што никој не може да каже: Тоа е! . . . Ова е!“ – вели Пулчинела. Ова обраќање кон светот не е поразлично од тоа како Пенси се движеше низ болката и мапата на повреди на оние кои живеат инакво, рабно, спротивно на нормата и нормалното, често за осуда и против правилата на денот и календарот на паланката. Неговото движење низ мапата на повредите, соодветно и неговото движење позади сцена и на сцена, нужно завршуваше во врисок кој се разлева и ги разлабавува грижите до нивна променета агрегатна состојба, сега, онаква на врвна ведрина. За маската или вџашувачките слоеви на шминка (пр. во случајот на дрег-кралиците), зборуваше и Пенси: „ние сме и вајари, и скулптори и сликари“, со апел до сите – да се прави што се сака со себеси, да се сака секого, да се биде сенешто, поентираше мајсторката на вечерта: да се напушти нашата persona, да се создаде нова, пак да се напушти, да се (пре)создаде нова… и сѐ така до најважната политичка операција на нашето време: да се деактивира диспозитивот на личноста, носителот на правниот капацитет кој во себе веќе ја содржи логиката на исклучување и нејзината екстензија во сите (не)замисливи форми на насилство. Формите на живот и инаков свет се можни само преку политичката операција на расличностување! Формата-на-живот како среќен живот нужно се населува во биолошко-правно-политичка растеретеност, во дестабилизиран и до неодамна препознатлив социјален статус. Не постои есенција која ја предодредува нашата судбина, тоа не може да биде полот ниту родот, законот ниту правилото, досадната естетска ниту етичка рамка на нацијата, бидејќи нацијата не е единствениот можен амбиент на заедничарење, пред и после нацијата тлеат мноштво форми на бивање и бивање-заедно.
Сепак, расличностувањето не е лесна политичка операција, таа истовреме во себе го содржи и смеењето и плачењето, но ништо што наѕира ново не може да биде лесно. Ниту животот во Неапол не е лесен, ниту животот на кутрите работливи луѓе кои се облекуваат како Пулчинела и бараат 1, 2, 3 евра од туристите, како што, конечно, не е лесно да се биде инаков во паланката и да се спротивстави бивањето-заедно на нацијата која евентуално мрази, односно на правото кое сигурно исклучува. Категоријата persona, веројатно, е најодговорна за политичкото и правното поимање на окцидентот, и ги посредува сите крупни правни и политички појави кои историографски даваат одговори на прашањата за ропството, расизмот, војните, и останатите нивни современи облици. Оттука, изгледа навистина неумесно – да се постават инакви прашања чии одговори ги содржат фигурите на Пулчинела и Пенси. И тоа е така заради политичката навика на конфликт и непријателство, на милитаризирани опции за освојување на политичкиот простор.
„Во животот на луѓето – ова е учењето [на Пулчинела] – најважната работа е да се најде излез.“ (Агамбен 2015: 45). Излезот, бидејќи води само другаде и нема прецизна и претходно одредена дестинација, истовремено претставува и прекин, расцеп, бегство од постојното и премин кон новото. Или како што порачува Пулчинела: Ubi fracassorium, ibi fuggitorium (Каде што има катастрофа, има и пат за бегство). Имено, излезот од мапата на повредите, неочекувано може да биде светкав, и пред сѐ игрив. Тоа го покажа и Пенси. На тоа инсистира и Агамбен и некои негови толкувачи: ако конфликтот се овозможува во политиката преку војна, тогаш играта – како спротивна политичка акција на војната – го оневмозможува (l’inoperosità del conflitto). Играта е жива, успева и се одвива на прагот кон поинаков свет, живот и заедница. На Пенси, на преминот 15-16 јуни, 2019 г. му успеа да претстави и претскажа друг свет во кој може да живееме. Да живееме!
Текстот беше оригинално објавен на meduza.mk