28 Jun Здравјето е право, а не привилегија!
Реакција на дезинформациите и говорот на омраза кон трансродовите луѓе
28.06.2019
Почитувани,
Во текот на вчерашниот ден, 27.06.2019, во медиумите беше споделена информацијата дека Министерот за здравство на РСМ, Венко Филипче, во рамки на регионалната конференција за ЛГБТИ права, во ко-организација на МТСП, Советот на Европа и ЕРА, дал изјава за хируршките интервенции за потврдување на родот (во јавноста познати како операции за промена на пол), односно дека „Овие операции досега се правеа приватно, или во странство или во нашите приватни болници. Отсега тоа ќе биде на товар на ФЗОМ”. За само неколку часа по споделената информација, извесни јавни личности и политичари, како и голем број на корисници на социјалните мрежи започнаа застрашувачка кампања против ваквата “одлука” на Министерот, со мноштво трансфобични изјави и говор на омраза против трансродовите лица. За кратко време после оваа лавина на трансфобични коментари на социјалните мрежи, Министерството за здравство излезе со демант на првичните изјави на Министерот.
Како организации кои со години работиме посветено на застапување за правата на трансродовите лица, вклучително и здравствените права, како и на спроведување на истражувања, анализи и препораки поврзани со правното признавање на родот, искуствата на трансродовите лица, нивните репрезентации, и состојбата во здравствениот систем поврзана со медицинското потврдување на родот, Коалицијата МАРГИНИ и Трансформа сме вознемирени и згрозени од степенот на омраза, трансфобија, но и свесни за незнаењето со кое јавноста реагираше на информацијата споделена од Министерот. Чувствуваме должност да објасниме некои од дезинформациите, како и да се спротиставиме на неоснованите реакции во јавноста.
Прво, сакаме да потенцираме дека трансродовата заедница во Македонија е разнолика група, со различни потреби за медицинско потврдување на родот. Најостро ја демантираме дезинформацијата дека операциите за потврдување на родот се обичен хир, каприц или естетска хируршка интервенција. За дел од трансродовите луѓе ваквите операции се неопходен услов за ментално здравје и за да продолжат да живеат поднослив и достоинствен живот. Светските статистики во оваа насока се поразувачки, за што говори процентот на транс луѓе кои извршиле обиди за самоубиство (скоро 50 проценти). Дополнително, а следствено, целосно е неоснована хистеричната реакција дека паѓа голем товар врз ФЗОМ што би се рефлектирало или би го ускратило правото на здравствена заштита на други групи на пациенти. Средствата и бројката на луѓе кои годишно би побарала ваква медицинска услуга е толку мала што може да се спореди со статистичка грешка.
Второ, сакаме да истакнеме дека пристапот до здравствена заштита и правото на живот е уставно загарантирано право во Македонија, па така, кога станува збор за здравјето и животот нема простор за приоритети. Обезбедувањето на потребните здравствени услуги и права на една група граѓани не значи лишување на друга група граѓани од истите услуги и права. Затоа, и една од основните заложби на транс – движењето е универзален пристап до здравствена заштита, ЗА СИТЕ, ПОДЕДНАКВО! Овозможување операции на сметка на ФЗОМ е поправање на досегашната неправда. Трансродовите луѓе имаат обврска да плаќаат здравствено осигурување, и сосема е праведно во социјална држава како што е Македонија да ги добијат услуги кои одговараат на нивните потреби.
За крај, би сакале да го охрабриме Министерството за здравство да го продолжи процесот за изнаоѓање на соодветно решение за покривање на трошоците и обезбедувањето на хируршки интервенции за потврдување на родот. Предрасудите, стигмата, омразата и незнаењето на мнозинската популација не може да биде, во една демократска, проевропска и социјална држава, критериум и услов за почитување на уставно загарантираната еднаквост и заштита на здравјето и животот на најранливите во општеството.
Со почит,
Коалиција МАРГИНИ и ТРАНСФОРМА