08 Mar „Дали е среќен 8-ми Март?“ – трет марш по повод Меѓународниот ден на жената
„Денес маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено! Денес маршираме за да покажеме дека веќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животите на жените.“ Вака започна Прогласот од третиот марш за права на жените и борбата за родова еднаквост, кој се одржа под слоганот „Дали е среќен 8-ми Март?“.
Во присуство на стотици учеснички, Маршот за правата на жените започна од паркот Жена Борец каде активистките јавно апелираа за промени кои водат кон вистинско унапредување на статусот на жената во нашето општество. „Континуираната социјална, економска и политичка нееднаквост на жените во Македонија е причината поради која денес сме собрани да го изразиме нашиот револт, загриженост и
разочарување. Жените и понатаму се неактивни на пазарот на труд, иако се повеќе образовани од мажите. Насилството врз девојките и жените е жална реалност во нашето општество. Стереотипите, омразата и мизогинијата е присутна не само во приватната сфера, туку и во јавниот дискурс.“ – изјави Снешка Илиќ од Реактор – Истражување во акција.
Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари се осврна на повеќекратната дискриминација врз Ромките, поради тоа што се жени, поради нивниот социоекономски статус и поради нивната етничката припадност. Таа упати повик до државата веднаш да преземе конкретни мерки за да се стави крај на малолетничките бракови, на незаконската наплата од страна на матичните гинеколози и да го донесе Законот за заштита од дискриминација.
Вангелина Пармачка од Национална федерација на фармери истакна дека жените се невидливи потпори во руралните средини, но се соочуваат со голем број на предизвици и проблеми. Пармачка го нагласи барањето за отстранување на дискриминаторската мерка во Програмата за рурален развој 2018 -2021, со која се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри.
„Време е институциите на оваа држава да почнат да работат и за граѓанките!“, со оваа порака заврши прогласот за женски права кој го прочита Јована Јовановска Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа маршот продолжи преку Плоштад Македонија, Камениот Мост, а заврши на плоштадот Филип Втори.
Маршот за женски права е организиран од активистките за женски права и Платформата за родова еднаквост. Прогласот за женски права го доставуваме во прилог на ова соопштение.
——–
Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 22 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост во Република Македонија.
Платформа за родова еднаквост
телефон/факс: + 389 23245536
e-mail: rodovaplatforma@gmail.com
www.rodovaplatforma.mk
ПРОГЛАС
Денес маршираме за да покажеме дека трпението ни е на црвено! Денес маршираме за да покажеме дека
веќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост,
ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на
реални промени во животите на жените.
БАРАМЕ:
1. ПАРЛАМЕНТОТ ВЕДНАШ И БЕЗ ОДЛАГАЊЕ ДА ГИ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА,
ЗАКОНОТ ЗА СПРЕаЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА И ЗАКОНОТ ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА ОНАКА КАКО ШТО СЕ ПРЕДЛОЖЕНИ!
2. ВЛАДАТА ДА ОБЕЗБЕДИ БУЏЕТ И ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ПРЕДУСЛОВИ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА
ВЕТУВАЊАТА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ЖЕНИТЕ И РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ!
3. АФИРМАТИВНИ МЕРКИ ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ И УНАПРЕДУВАЊЕ НА СТАТУСОТ НА ЖЕНИТЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ И ФУНКЦИОНАЛНИ МЕХАНИЗМИ ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА НА РАБОТНО МЕСТО ПО РОДОВА ОСНОВА!
4. ИТНО ОТСТРАНУВАЊЕ НА ДИСКРИМИНАТОРСКИТЕ КРИТЕРИУМИ ВО НАЦИОНАЛНАТА ПРОГРАМА ЗА РУРАЛЕН РАЗВОЈ!
5. АДЕКВАТНА, НАВРЕМЕНА И ЕФИКАСНА ПРЕВЕНЦИЈА, ЗАШТИТА И ПОДДРШКА НА ЖРТВИТЕ И
ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ ЖРТВИ НА РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО ОД ИНСТИТУЦИИТЕ КОИ СЕ ДЕЛ ОД
СИСТЕМОТ ЗА ЗАШТИТА И СТРОГО САНКЦИОНИРАЊЕ НА СЕКОЕ НЕПОСТАПУВАЊЕ.ОБЕЗБЕДУВАЊЕ
ДОВОЛНО ФИНАНСИИ ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ ЗА ЖЕНИТЕ КОИ ПРЕТРПЕЛЕ СЕМЕЈНО
НАСИЛСТВО И ЗАСТАПУВАЊЕ ВО ГРАЃАНСКИТЕ И КРИВИЧНИТЕ СУДСКИ ПОСТАПКИ. ГИ ПОВИКУВАМЕ ОСНОВНИТЕ СУДОВИ ДА ГИ ИЗРЕКУВААТ ПРЕДВИДЕНИТЕ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА СТОРИТЕЛИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО.
6. ИТНИ РЕФОРМИ ВО ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА РЕПРОДУКТИВНОТО
ЗДРАВЈЕ НА ЖЕНИТЕ – ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ПРИСТАП ДО ГИНЕКОЛОШКИ УСЛУГИ ЗА СИТЕ ЖЕНИ И
ЦЕЛОСНО ИСКОРЕНУВАЊЕ НА НЕЗАКОНСКАТА НАПЛАТА НА УСЛУГИТЕ КОИ СЛЕДУВААТ БЕСПЛАТНО КАЈ МАТИЧНИТЕ ГИНЕКОЛОЗИ. УНАПРЕДЕНИ ПРОГРАМИ СО ОПФАТ НА НАД 75% ОД ЖЕНИТЕ ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ НА РАКОТ НА ГРЛОТО НА МАТКАТА И РАКОТ НА ДОЈКАТА КАЈ ЖЕНИТЕ, ЗГОЛЕМЕН БРОЈ И КВАЛИТЕТ НА ПОСЕТИ ПОМЕЃУ ЖЕНИТЕ ВО РЕПРОДУКТИВНИОТ ПЕРИОД, ЗА ВРЕМЕ НА БРЕМЕНОСТА И ВО ПЕРИОДОТ ПО ПОРОДУВАЊЕТО, ОСОБЕНО НАЈРАНЛИВИТЕ КАТЕГОРИИ–РОМКИ, ЖЕНИТЕ ОД РУРАЛНИТЕ ПОДРАЧЈА И ЖЕНИТЕ КОИ ЖИВЕАТ ВО НЕПОВОЛНИ СОЦИО-ЕКОНОМСКИ УСЛОВИ.
7. ЗАКОН ЗА СПОРТ И СТРАТЕГИЈА ЗА СПОРТ ВО КОИ СЕ ВОДИ СМЕТКА И ЗА СПОРТИСТКИ.
8. ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ ДА ОБЕЗБЕДАТ АКТИВНО УЧЕСТВО ВО ПЛАНИРАЊЕТО НА ПРОГРАМИТЕ И
БУЏЕТОТ, ПРИСТАП ДО ЈАВЕН ПРЕВОЗ, ГРАДИНКИ, ВОДА, ОСВЕТЛУВАЊЕ, ИГРАЛИШТА И ЕФИКАСНО СОБИРАЊЕ ОТПАД.
9. ВАЛОЗИРАЦИЈА И ПОДДРШКА НА АВТЕНТИЧНОТО ЖЕНСКО УМЕТНИЧКО ТВОРЕШТВО И НА
ЖЕНСКОТО ДЕЈСТВУВАЊЕ ВО КУЛТУРАТА. ИТНО ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОН ЗА КУЛТУРА СО КОЈ ЌЕ СЕ
ЗАШТИТАТ РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА НА КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЧКИ И ЌЕ СЕ УНАПРЕДАТ НИВНИТЕ
УСЛОВИ ЗА РАБОТА И ПРОФЕСИОНАЛЕН РАЗВОЈ.
Време е институциите на оваа држава да почнат да работат и за граѓанките!