Девојките од Скопје – Изложба на фотографии на Лепа Георгиевска

Девојките од Скопје – Изложба на фотографии на Лепа Георгиевска

Коалиција Маргини има чест да ве покани на отворањето на изложба на фотографии „Девојките од Скопје“ на фотографката Lepa Georgievska. Посебно задоволство ни’ е дека ова е првата изложба на фотографии од неколку трансродови девојки од Македонија. Повеќе информации за изложбата во текстот на Калиа Димитрова во прилог.

______________________

„Не е доволно да бидам прифатена, сакам да бидам сакана. Но, ако светот тоа не знае да ми го даде, ќе си го дадам јас на самата себе.“

„Девојките од Скопје“ е серија портрети во форма на блиска и пријателска средба со 6 транс жени од нашето локално опкружување, со кои можеби за прв пат ќе се погледнете директно во очи. А тие, без да го тргнат погледот, мудро и гордо ќе ви се насмевнат, како да се познавате отсекогаш.

Фотографиите лебдат некаде помеѓу реалноста и фантазијата, нивна и наша, каде една девојка може да биде задоволна, самодоволна и речиси среќна.

Интимната атмосфера /Некаде високо над Скопје/ Некаде зад затворени врати/ дозволува да се игра забранетата улога: себеси
и знаеш како оди тоа: се шминкаш онака како што знаеш (а знаеш многу добро, со оглед на тоа што цело детство ја гледаш мајка ти како го прави тоа), го избираш оној аутфит кој е баш твој/ пушташ Lady Gaga /се бакнуваш во огледало/ и сигурна си дека апсолутно го владееш овој момент/ овој момент е твој чкрап/
не, ова не е шоу
ова е копнеж кон себереализација,
а окото на фотографката е како клучалка која ни дава пристап до една можна реалност каде не постои парализирачки страв од задоволство и уживање.
Таа фобија од задоволство е создадена за да те држи на место, да те прави уморна и здодевна, ладна и туѓа, постојано чувствувајќи се екстремно лошо поради сопствените избори.
Фобија од другиот, фобија од темно, фобија од можното надвор од очекуваното, фобија од мајка ти, фобија од себеси и од сé што можеш да бидеш кога дома нема никој.
Секој од овие портрети раскажува по една приказна за ослободување од тој страв и славење на животот, барем за момент. Безвременските црно-бели ликови ни зборуваат за моќта на женственоста, слаткиот вкус на ослободувањето и пријателствата помеѓу транс жените во сивиот град.

Девојките од Скопје се сепак ранливи, а портретите со сета своја фрагилност и отвореност тоа не пробуваат да го скријат: ниту со retouch, ниту со продавање скапи идеи за животен стил „10 чекори до станување супержена“.
Овие девојки се реалноста каква што не сакаме да ја прифатиме, а реалноста е следна: никогаш не си доволно мазна, никогаш не си доволно тенка и баш никогаш не си доволно жена, за свет кој не дозволува да бидеш своја во своето тело, своја во својата сексуалност и своја во својот дух.
Во еден таков свет, макар и стиснати во мали станови или скриени во црнилото на ноќта, себеприфаќањето, потрагата по задоволство и сестринството се можеби најрадикалните политички акти.
Овие портрети го слават токму тоа.
_____________________________

Лепа Георгиевска е портретна и модна фотографка, фасцинирана од брилијантноста на човековата индивидуалност и уметноста на изведувањето. Во последните години Лепа има живеено и работено во Милано, Лондон и Сингапур.
„Девојките од Скопје“ е нејзин втор уметнички проект кој вклучува портрети од транс жени, по „Убавиците на Банкок“ со кој се има претставено во Банкок и Милано. https://lepa.format.com/2686366-bangkok-beauties#2

_____________________________

Изложбата е дел од деновите за борба против насилството врз сексуалните работници што Коалицијата ги организира во партнерство со STAR – The first Sex Workers collective in the Balkans

Изложбата финансиски е поддржана од Фондација Отворено општество – Македонија