15 Nov Остра осуда за пропустите и неажурноста на институциите кои резултираа со бегство на осудениот Н. Груевски
Најостро ги осудуваме пропустите, неажурноста и непочитувањето на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи од страна на Основниот суд Скопје 1 и Министерството за внатрешни работи, кои резултираа со напуштање на земјата од страна на осуденото лице Никола Груевски и неможност да се изврши правосилната пресуда по случајот познат како Тенк, со која Груевски беше осуден на двегодишна казна затвор.
Пропусти врзани со извршувањето на правосилната одлука
Хронологија на настани:
- На 26.10.2018 на осуденикот Никола Груевски му беше врачен упатен акт за отслужување на затворската казна, согласно кој осуденикот имаше рок доброволно да се јави во затвор најдоцна до 8.11.2018.
- На 29.10.2018 Груевски поднесе молба за одложување на казната затвор до судијата за извршување на санкции, кој имаше рок од 3 дена од приемот на молбата да донесе одлука.
- Судијата за извршување на санкции на 2.11.2018 ноември донесе решение со кое ја одбива молбата на Груевски.
- По добиеното решение, Груевски и неговата одбрана на 6.11.2018 поднесоа жалби против решението со кое беше одбиена молбата за одлагање на извршувањето на казната затвор.
- Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по споменатите жалби на 9.11.2018 донесе решение со кое ги одби жалбите и го потврди решението на судијата за извршување санкции. Ова значеше дека осуденикот требаше да се јави во затвор веднаш по приемот на конечниот и правосилен упатен акт.
- Судскиот курир на Основниот суд Скопје 1 Скопје, на 9.11.2018 прави три обиди за доставување на конечниот упатен акт на домашна адреса на осуденикот, но трите обиди завршуваат неуспешно, бидејќи осудениот Никола Груевски не бил дома и не можел да го прими упатниот акт.
Според член 87 од Законот за извршување на санкции, доколку осудениот не се јави во зададениот рок со упатниот акт, установата (затворот) е должна да го извести судијата за извршување на санкции, кој треба веднаш да издаде наредба до МВР за приведување на лицето. Доколку лицето не е достапно на органите на прогон, Министерството за внатрешни работи треба да издаде потерница.
Согласно информациите од медиумите, директорот на Затворот Скопје – Скопје, Ѓоко Котевски го известил Основниот суд Скопје 1 Скопје, дека осуденикот не се јавил доброволно на отслужување на затворска казна на 10.11.2018, еден ден после трите неуспешни обиди за доставување на упатниот акт.
Во овој момент се јавува најголемиот пропуст на судот и прекршување на одредбите од Законот за извршување на санкции.
Апсолутно е нејасно зошто Судот не постапил во согласност со закон и го игнорирал начелото на итност од став 3 на чл 87 од Законот за извршување на санкции, па за издавање на наредба за приведување на осуденикот, чекал два дена од добиеното известување од директорот на затворот и истата ја издал до СВР Скопје на 12.11.2018 во 16:30 часот, со барање за издавање на национална потерница.
Во конкретниов случај, во смисла на наведениот член, судот воопшто не ни требало да чека известување од установата за издржување на казна затвор, бидејќи веќе било поминато времето за доброволно пријавување во затворот на осудениот Груевски. Веднаш по неуспешниот обид за достава судот морал да издаде наредба за пронаѓање и спроведување на осуденото лице на издржување на казна затвор, впрочем како што досега во сите претходни случаи се постапувало.
Пропусти во обезбедувањето на осудениот Никола Груевски
Бидејќи во случајот станува збор за поранешен Претседател на Владата на Република Македонија, истиот согласно членот 6 од Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување на Владата на Република Македонија, се обезбедува со редовни мерки и активности за обезбедување.
Согласно членот 200 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи („Службен весник на РМ“ бр. 149 од 10.12.2007г.), „Полицискиот службеник кој врши редовно обезбедување не може да се оддалечи од личноста односно објектот кој го обезбедува“, освен во исклучителни околности, но притоа личноста која ја обезбедува не смее да остане необезбедена. Согласно член 201 од истиот правилник одговорниот службеник кој го организира редовното обезбедување, изработува план за обезбедување, согласно кој се врши обезбедувањето.
Ова упатува на фактот дека лицата задолжени за обезбедувањето на Никола Груевски, согласно овој правилник, не смееле да го остават ова лице необезбедено односно воопшто да немаат контакт со него од 8.11.2018 па се до 12.11.2018.
Неопходни се итни и темелни истраги
Бараме да се спроведат итни и темелни истраги во кои ќе биде утврдена одговорноста за пропустите во постапувањето на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на Министерството за внатрешни работи од аспект на тоа дали се постапувало согласно планот за обезбедување на Никола Груевскии и дали се постапувало согласно тој план проценката за ризик. Соодветно на резултатите од истрагата, бараме да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, особено од Законот за извршување на санкции, Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и Планот за обезбедување, со што помогнале осуденото лице Никола Груевски да ја напушти државата и да избегне издржување на казна затвор.
Ова е четврто лице осудено во високопрофилираните кривични постапки, кое поради неажурност и некоординираност на судските власти и органите на прогон, успеало да избега од државата и да го избегне издржувањето на казна затвор определена со правосилна и извршна пресуда, што укажува на итната потреба од преиспитување на функционалноста на органите на прогон, граничните служби и судските власти.
Сметаме дека само со ваков сериозен пристап за утврдување на вистината ќе може целосно и финално да се спроведе правдата која граѓаните долго ја очекуваат, а на која ние, долупотпишаните граѓанските организации инсистираме.
Хелсиншки комитет за човекови права на РМ
Фондација Отворено општество- Македонија
Коалиција МАРГИНИ
Цивил- Центар за слобода
Центар за економски анализи
НВО Инфоцентар
Коалиција сите за правично судење
Евротинк
Македонско здружение на млади правници
Институт за европска политика
Младински образовен форум
Институт за демократија Социетас цивилис- Скопје
Транспарентност Македонија
Транспаренси Интернешнл
ФОРУМ – Центар за стратегиски истражувања и документација