На корисниците на дрога им се заканува казна затвор според новиот руски закон

На корисниците на дрога им се заканува казна затвор според новиот руски закон

Москва: Руските анти-дрога застапници припремија нов предлог-закон со кој се предвидува казна до две години затвор за корисниците на дрога.

 

Според новинската агенција РАПСИ, законот ќе биде внесен на разгледување во Думата, долниот дом на рускиот Парламент.

 

Доколку биде усвоен, тоа ќе значи враќање кон советските пракси кога корисниците на дрога добиваа прекршочна пријава по првото апсење, а осудувани доколку повторно бидат забележани дека користеле дрога. Максималната казна во тоа време беше седум години затвор.

 

Според официјалните статистики, годишно околу 30 до 40 илјади Руси умират од болести поврзани со користење на дрога.

 

Се пресметува дека во Русија живеат пет милиони корисници на дрога, а се смета дека за епидемија е одговорен ефтиниот хероин од Авганистан.

 

Користењето на дрога, исто така, се посочува како причина за 57-те проценти од 62 илјади инфекции со ХИВ кои биле регистрирани во Русија во 2011-та.

 

Минатата година, Руската федерална служба за контрола на дрога предложи воведување на кривична одговорност за „постојана употреба на дрога“.

 

Предложениот закон предвидува корисниците на дрога да се соочуват со затворска казна или принудна работа во период од две години доколку бидат фатени вторпат во текот на една година. Оние кои ќе бидат фатени првпат ќе платат парична казна.

 

Според сегашните закони, користењето дрога во Русија не се смета за кривично дело како што е случајот со дилањето и поседувањето дрога. Консумирањето дрога се казнува со парична казна од 4.000 до 5.000 рубли (околу 140 до 150 американски долари) или пак притвор до 15 дена.

 

Според новиот закон се предвидува и принудно лекување за луѓето кои ќе бидат дијагностицирани како зависници од дрога или пак ако преставуваат „постојани корисници“.

 

Оние кои ќе бидат обвинети за постојана употреба на дрога можат да избегнат кривично гонење доколку доброволно подлегнат на медицински третман.