Покана за конференција Kвир локацијата на културата: национализам, историја и сексуалност

Покана за конференција Kвир локацијата на културата: национализам, историја и сексуалност

Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ со огромно задоволство ве поканува и на последниот дел од дводневната интернационална конференција ’Не/видливо: политичките и сексуални режими на архивата’.

 

Вториот панел од конфернцијата се одржува на 25.02, сабота, во 18.00 часот, во Чифте амам. Тема на дискусијата е: „Квир локацијата на културата: Национализам, историја и сексуалност“. Учество со свои презентации ќе земат: Гордан Босанац (Хрватска), Душан Маљковиќ (Србија), Станимир Панајотов (Бугарија), Славчо Димитров (Македонија), Жарко Трајаноски (Македонија), Иванка Апостоловска (Македонија) и Миша Поповиќ (Македонија).

 

Квир историите се истории на загубата. Квир ја ефектуира и функционира како, загубата на историјата, но истовремено ја ефектуира и историската загуба на нехетеросексуалците во нивните секојдневни искуства облежани со афективните и емоционални трауми чиишто закони однапред ја ставаат во сенка можноста за паметење и нарација. Како што тврди Ен Цветкович, „траумата станува резот меѓу систематските структури на експлоатација и опресија и чувствените искуства на истите.“

 

Во услови на принудна нормативност и насилен притисок на молк, или пак „своеволен“ избор на невидливоста како стратегија за преживување, ни се поставува итно прашање. Имено, до кој степен нормативните критериуми кои управуваат со архивските процедури, што би се рекло, оптиките кои детерминираат кои видови материјали се сметаат за вредни за една архива и кои наративи се легитимни за слух, односно за да ги дефинираат методите на селекција, интерпретација и организација на селектираните артефакти, ги репродуцираат самите општествени услови коишто ги имаат направено можни определените модуси на продукција и имаат вклучено дистрибуција на определени позиции и реалности за репрезентација, додека исклучуваат други? Ако квир историјата ја сметаме за отсутна историја, или историја која не е препознаена како таква, историја која не може да биде интелегибилна како таква во рамките на доминантните дискурзивни правила на историографијата (уметничка, културна и национална), како во тој случај би можеле да ги преосмислиме основните термини на историјата и легитимните архивски складови за да креираме иднина која би ги демократизирала архивите, меморијата и културните идентитети? На кој начин секојдневните трауматски искуства на нехетеросексуалните тела и животи можат да создадат можности за алтернативни јавни култури, да внесат дисјункција во историското време, наратив и идентитет и на кој начин меморијата и личните предмети, сведоштва и зборови можат да генерираат алтернативни модели на знаење за тоа што сме? Како можеме да ја ре-архивираме приватноста и невидливоста кога трагите кои се оставени евоцираат невообичаени допири на ефемерните, фрагментирани и секојдневни интимни животи?

 

Конференцијата е дел од шведската изложбата ’Член 1 и Музејот Нестрејт’ која беше отворена вчера во Чифте амам, и која беше придружена со две македонски изложбени поставки: ’Емоционална архива на нехетеросексуалните искуства во Македонија’ и ’Сексуалноста на македонската архива’. Изложбата е подржана од Шведскиот Институт, а локални организатори се: Институтот Евро-Балкан, Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’, Шведската амбасада во Скопје и Националната галерија на Македонија.

 

Вашето присуство ќе ни претставува посебно задоволство и чест.