Работата во сексуалната работа

Работата во сексуалната работа

од HENNESSY WILLIAMS

Во најдолгото лето од мојата младост, се најдов себеси во ситуација да бидам седната на совозачкото седиште од една ефтина кола, а лево од мене еден странец, странец во кој требаше да ја влеам целата моја доверба. Не’ возеше горе-долу по булеварот Crenshaw во Лос Анџелес чекајќи да заѕвони телефонот. Мажите кои се јавуваа ја бараа ‘азијатката’.

Кога ќе се сретневме, ќе ми исплатеа $300, ќе си ја завршев работата и ќе си заминев со 50%.

Во следните години ја поминував истата рутина во неколку градови. Понекогаш работев со партнер, а некогаш сама. Законски, бев вмешана во трговија со секс. Но за мене тоа беше само работа.

Неодамна, случаите со исчезнати млади девојки во Вашингтон ДС добија огромно внимание, поткрепени од неосновани тврдења дека се жртви на трговија. Овој вид на дезинформации, иако е вообичаен, произлегува од простото разбирање на индустријата со секс кое воопшто не придонесува за да им се помогне на вистинските жртви, а истовремено го одржува комплексот на спасители за невладините организации од висок профил.

Дезинформациите за трговијата се шират брзо бидејќи методите за прибирање на податоци се непостојани и нецелосно прецизни. Polaris, непрофитната организација која раководи со Националниот ресурсен центар за трговија со луѓе има пријавено преку 22 илјади случаи од 2007 година. Сепак, податоците ги прибира само од телефонски повици, електронска пошта и доставки преку веб. Повеќето пријави доаѓаат од “членови на заедницата” — не од жртвите, нивните семејства или работниците.

Другите извештаи се потпираат на податоци од владините и агенциите кои го спроведуваат законот, кои извлекуваат груби бројки од апсењата и појавувањата на суд. Со оглед на тоа дека правната дефиниција за трговијата со секс е намерно опширна, овие податоци често вклучуваат и согласни сексуални работници и вистински жртви.

Законски, трговијата ги опишува регрутирањето, засолнувањето, транспортот, обезбедувањето, добивањето, покровителството или проституирањето на една личност со цел комерцијален секс. Возењето на сексуален работник, средувањето на даноците на сексуален работник, посетата на сексуален работник, работата со сексуален работник – за се’ ова може да бидете уапсени под обвинение за трговија со луѓе. Всушност, кога две проститутки работат заедно, секоја од нив може да биде обвинета за тргување со другата. Оваа дефиниција, обемна до точка на апсурдност, ги заматува дискусиите во врска со трговијата со луѓе, додека ги соголува согласните сексуални работници од било каква автономија.

Дискурсот кој преовладува користи фрази како “модерно ропство”, но ја минимизира улогата на економските санкции во обликувањето на секс индустријата. Се тврди дека се зборува за угнетените, но не се успева да се разбере зошто толку многу жени влегуваат во оваа високо ризична, криминализирана работа. Многу сексуални работници ја објаснуваат својата одлука на истиот начин како службеник во Walmart, возач во Uber, или келнерка: тие имаат потреба од пари. Финансиските императиви – а не навредливите макроа или меѓународните банди – се најчесто одговорни за она што ги присилува луѓето на сексуалната работа.

Почнав да работам во индустријата со секс кога имав седумнаесет години бидејќи имав долг: не кон макро, туку кон мојот факултет. Институцијата не ми дозволи да го започнам првиот семестар додека авансно не исплатам $3,000, кои моето осигурување не ги покрива. Ова известување го добив 6 дена пред почетокот на наставата.

Знаев дека сексуалната работа ќе даде брзи резултати. Подоцна во животот ќе ми обезбеди облека, храна и дом, особено во најтешките моменти.

Ваквата принуда е симптом на капитализмот, а не само карактеристика на сексуалната работа. Луѓето се принудени да работат за плата не по своја воља или желба, туку од потреба. Волјата да преживееш, да јадеш, да обезбедиш за своите најблиски е она што не принудува да работиме.

Капитализмот ја поддржува оваа економска принуда со идеолошка приказна: ако не можеме да си дозволиме нешто, вината е во нас; ако не можеме да си ги дозволиме животните потреби, не сме се обидувале доволно; ако државата не ни’ помогне, тоа е затоа што не сме доволно добри. Како и секој член на работничката класа, сексуалните работници се обидуваат да добијат нешто, обидувајќи се да постигнат минимална финансиската стабилност.

Сексуалните работници, се разбира, ја извршуваат својата работа со голем личен ризик. Тие прават компромис со емоциите, безбедноста, а понекогаш и моралот само за да обезбедат покрив над глава.

Јас не влегов во индустријата затоа што мислев дека ќе биде забавно и лесно, или затоа што сакав да направам феминистичка изјава: јас го направив тоа, бидејќи бев очајна за пари.

Но исто така, никогаш не сум се сметала себеси за жртва на трговијата, дури кога требало да работам со менаџери или макроа. Тоа беше мој избор – да работам со нив и да прекинам. Едиствено се почувствував експлоатирано бидејќи моите права како работник недостасуваат.

Трговијата со секс не е прашање на човекови права. Тоа е прашање на трудот. Елитите одбиваат да го видат тоа затоа што одбиваат да го признаат трансакцискиот секс како вистинската работа.

Тие гледаат на оние со кои се тргува како жртви на околности, наместо како жртви на неправедниот економски систем. Тие го поддржуваат малтретирањето на сексуалните работници и нивното фрлање во затвор, правејќи ги плен на правниот систем кој не им обезбедува ништо. Овие “жртви” најчесто се жени кои, како мене, се обидуваат да заработат за живот – жртви единствено на економски и политички структури кои никогаш не се залагаат за нив.

Кога за прв пат влегов во индустријата со секс како адолесцент, ги проголтав анксиозноста и личните убедувања и ги држев таму со години.

Научив дека секој ден кој не ти е одработен, секој клиент кој нема да го видиш и секој час кога не работиш може да биде разликата меѓу јадење и изгладнување. Кога твојот опстанок зависи од парите кои ги заработуваш – секој долар е важен, а како го добиваш не е важно.

Премногу луѓе во нашето општество го прават овој компромис секојдневно.

Извор