09 May Употребата на психоделици би можела да го намали ризикот од самоубиства
Врз основа на присуството и разновидноста на презентации на конференцијата Psychedelic Science минатиот викенд, во организација на Multidisciplinary Association of Psychedelic Studies, не би се претерало ако се каже дека се наоѓаме сред психоделична ренесанса. За прв пат во речиси 50 години, психоделици како MDMA и ayahuasca се истражуваат како легитимни третмани за ментални болести, како PTSD и депресија, како и анксиозноста кај пациентите со карцином.
Според една нова студија презентирана од Elena Argento на конференцијата MAPS, истражувач во BC Center for Excellence in HIV/AIDS, психоделиците исто така може да имаат значајна улога во намалувањето на ризикот од самоубиство кај некои од најранливите популации, како што се сексуалните работнички.
По земањето на ayahuasca, моќен психоделичен пијалак со автохтоно потекло од Јужна Америка, Argento сфатила дека постои можен терапевтски потенцијал кај психоделиците и одлучила ова сознание да го земе предвид во нејзината работа за подобрување на здравјето на маргинализираните групи.
Нејзините најнови истражувања се засноваат на податоци од четиригодишната лонгитудинална студија спроведена од страна на An Evaluation of Sex Workers’ Health Access (AESHA), иницијатива за родово и сексуално здравје во Британска Колумбија. Во периодот од 2010 до 2014 година, AESHA спровела интервјуа со речиси 800 жени сексуални работнички во Ванкувер, два пати во годината. Прашалникот содржел прашања за нивната мината и сегашна употреба на дрога, како и прашање дали се соочиле со нагони за самоубиство во последните шест месеци.
Со цел да се воспостави показател за тоа како психоделиците влијаат на новите случаи на суицидалност, Argento морала ги исклучи сексуалните работнички кои пријавиле мисли или обиди за самоубиство за време на првичниот разговор. Околу половина од учесниците првично пријавиле суицидалност и не биле вклучени во студијата. Од останатите 290 жени, 11 проценти се изјасниле како суицидални во текот на следните четири години.
Сепак, Argento открила дека употребата на психоделици (што означува дали сексуалните работнички земале психоделици во одреден момент од својот живот) е независно поврзана со 60-процентен намален ризик од суицидалност. Во исто време, употребата на кристал мет и злоупотребата во детството останале независни предвесници на суицидалност кај жените.
Иако студијата на Argento е само набљудувачка (што значи дека е спроведена без контрола на променливите, за разлика од лабораториски експеримент), претставува важен прв чекор кон испитување на терапевтскиот потенцијал на психоделичните супстанци. Супстанците кои некогаш беа ексклузивни за рејверите и хипиците, сега наоѓаат терапевтска валидација во клинички услови.
MDMA, на пример, се очекува ова лето да влезе во фазата за употреба кај пациенти кои страдаат од PTSD. MAPS е пионер во оваа работа со години, и нивната најнова клиничка работа со MDMA бележи неверојатни резултати во терапевтскиот третман на PTSD кај ветераните.
Покрај тоа, психијатрите во John Hopkins, кој се смета за најистакната здравствена установа во САД, се во епицентарот на истражувањето на псилоцибин за лекување на депресија и анксиозност кај смртно болни пациенти. Овие истражувачи се надеваат дека оваа година ќе започне фазата за испитување на псилоцибин, претпоследната фаза на истражување пред FDA да ја разгледа можноста за одобрување на лекот за општа употреба.
Која е позицијата на ЛСД и растителните дроги како peyote и ayahuasca во однос на псилоцибин и MDMA како можни медицински третмани е помалку јасно. Иако голем број на студии покажуваат ефикасност во лекувањето на депресија и анксиозност со ЛСД, овие три букви беа демонизирани од војната на дрогите, и истражувањето на неговиот терапевтски потенцијал напредуваше со многу побавно темпо. Што се однесува до растителните дроги, релативниот недостаток на истражување и податоци за нивните ефекти, изгледите за било каков вид на клиничко испитување на нивната терапевтска употреба ги прави се’ уште многу далечни.
“Не го сведовме истражувањето само на ЛСД или псилоцибин, на пример, иако тоа е нешто што може да се погледне во иднина”, ми рече Argento на MAPS конференцијата. “Постојат планови во BC Center for Excellence за започнување на испитувања со психоделици. Потенцијално, некои од сексуалните работнички од AESHA ќе имаат можност да се запишат на овие испитувања за користење на психоделици за различни ментални здравствени проблеми.”