Повик за донирање на предмети за Емоционална архива на нехетеросексуалните искуства во Македонија

Повик за донирање на предмети за Емоционална архива на нехетеросексуалните искуства во Македонија

Со огромно задоволство сакаме да ве поканиме да учествувате во проектот наречен „Емоционална архива на нехетеросексуалните искуства во Македонија“ и да ве повикаме за придонес во креирањето на архивата од предмети, како меморијална колекција од доживеаните ненормативни емоционални и еротски искуства.

 

Овој проект претставува дел од поголемата изложба, која ќе биде отворена на 22.2.2012 г., во Чифте Амам (Национална галерија на Македонија), Скопје, со наслов „Член 1“ и „Нехетеросексуалниот музеј“. Изложбата е организирана од страна на The Unstraight Museum, Шведскиот институт, Амбасада на Шведска во Р. Македонија, коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и институтот „Евро-Балкан“. Партнери на настанот се: The Police Museum (Шведска), The Nobel Museum (Шведска), National Sports Museum (Шведска), The National HistoricalMuseum (Шведска), The National Museum of Science and Technology (Шведска) и The Army Museum, Transpond (Шведска), Civil Rights defenders, и Амбасадата на Шведска во Р. Србија и  „Национална галерија на Македонија- Чифте Амам “.

 

Сите донирани предмети, кои во себе носат лична приказна и емоционална вредност, се со подеднакво значење за колекцијата. Секој предмет е сведоштво за постоењето на минатото, за проживеаните интензитети на љубовта и на пријателствата, за стравот, срамот и за стигмата, за борбата, преживувањето и за радоста. Секој предмет е подеднакво вреден, затоа што носи приказна, лична, но и јавна, приказна за нашата интимност, како и приказна за контекстот, во кој се развивала нашата интимност, нашите чувства.

 

Предметите што би сакале да ги донирате, а кои ја имаат оваа вредност за вас може да бидат најразлични. Тоа може да биде чашата што ви ја подарил/а вашиот некогашен љубовник / вашата некогашна љубовница, покривката на која сте го имале вашето прво или најинтензивно хомоеротско искуство, фотографијата од некој град-спомен на вашето љубовно патување, првото љубовно писмо од забранетиот љубовник / забранетата љубовница, првиот оглас за геј-средба што сте го прочитале во списание и од кој сте затрепериле, првото геј-списание во кое сте ѕиркале, првиот филм на кој кришум сте мастурбирале, летокот од вашата прва геј-журка, фотографија од поп-ѕвездата, која претставува ваш идол или, пак, е предмет на вашите желби, книгата што најмногу ве охрабрила, подарокот од вашиот партнер што себично го чувате и кому му се радувате со солзи и со насмевки… Сепак, предметот што ќе го донирате може да биде и фотографија од свадба – вашата присилна иднина, од трпезариската маса и семејниот ручек – симбол на вашиот молк, потврдата од психијатарот, кој требало да ве „лекува“ од вашата хомосексуалност, крпата од спортската гардероба – тајниот објект на желбата и на ритуалот на нормативната машкост итн.

 

Краен рок за поднесување на предметите е 17 февруари 2012 г.

 

Предметите можете да ги доставите лично или да ги пратите по пошта, во канцеларијата на коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, Бул. „Партизански одреди“ бр. 23-1/7, Скопје, или директно да исконтактирате со нас по е-пошта или по телефон на: gejarhiv@gmail.com/072/519 006 (Славчо).

 

Доколку сакате, предметите можете да ги оставите како постојана донација за архивата, која ќе продолжиме да ја развиваме и по изложбата, но истите можат да ви бидат и вратени по затворањето на изложбата, на 15.3.2012 г.

 

Со предметите треба да се достави и краток текст од неколку реченици за приказната што со себе ја носат и точната или приближната година со која се врзуваат. Со цел дискреција и целосна заштита на идентитетот на сите оние што ќе донираат предмет за архивата, донираните предмети не треба да бидат потпишани со лични податоци (за оние, пак, кои сакаат, можноста да се потпишат е отворена).

 

Ајде да работиме заеднички во креирањето на поинаков свет на можности, спротиставувајќи се на насилството од наметнатата тишина и невидливост!
Славчо Димитров и Велимир Жерновски,
Локални ко-куратори на проектот