Поднесени претставки против учебникот „Општество“ за 4то одделение

Поднесени претставки против учебникот „Општество“ за 4то одделение

Соопштение до медиуми

Претставки до Народен правобранител и Државен просветен инспекторат поради дискриминација по основ на брачен и семеен статус во учебникот по „Општество“ за четврто одделение

 

Претставки против учебник „Општество“ за 4то одделение денес се поднесени од 40-тина мајки кои живеат во еднородителски семејства, вонбрачни заедници и брачни заедници, но кои сметаат дека учениците не треба да бидат изложени на дискриминаторска содржина, а поддржани од 8 граѓански организации до Народниот правобранител на Република Македонија и Државниот просветен инспекторат.

uchebnik

Министерството за образование издало учебник „Општество“ за 4то одделение кој содржи дискриминаторски материјали врз основа на семеен и брачен статус, со кои се исклучуваат многу групи на родители.

Во учебникот на страна 18 се учи за брачен живот и брачни улоги и меѓу другото се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите или да ги нацртаат, притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат, дали родителите се венчале во матично (општина), црква или друго. Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или пак еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом, бидејќи бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено „нормални“ заедници и поведенија.

Ваквата содржина е спротивна на Законот за семејство кој гарантира еднаквост на децата родени во и вон брак, спротивна на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој забранува дискриминација врз основа на брачен и смеен статус во образованието и секако спротивна на целите на основното образование согласно Законот за основно образование, и правото на образование на секое дете без дискриминација. Со дискриминаторска содржина во учебниците се повредуваат и одредбите на Конвенцијата за правата на детето која вели дека образованието треба да биде насочено кон почитување на личноста на детето, неговите идентитетски карактеристики, почитување на правата на човекот, подготовка на детето за разбирање на различностите и еднаквоста меѓу половите.

Со претставките бараме од Народниот правобранител и од Државниот просветен инспекторат да утврдат дискриминација и да му наложат на Министерството за образование и наука да започне постапка за издавање на нов современ учебник, со инклузивни содржини кои одговараат на потребите на учениците и родителите.

Скопје, 02.12.16

Лице за контакт: Драгана Дрндаревска (078200675)