Шакар Муџукиан: Естетиката на сиромашните квир луѓе

Шакар Муџукиан: Естетиката на сиромашните квир луѓе

Превод: Јулија Мицова

Во последно време се појави еден вирален и ироничен тренд меѓу мојата ТКЛОУД (Trans Queer Living Otherized Understanding Digital) заедница и пошироко: побогатите пријатели имаат сѐ освен класна привилегија.

Живеев три години во северна Калифорнија и неодамна се преселив во Сан Франциско; ја имам привилегијата да навигирам во различни простори кои ја нормализираат интерсекционалната правда и преиспитувањето на привилегиите што ги имаме. Но, во ваквите простори проблематичното е и нормално: отсуството на општествена класа од дискурсот на идентитарни политики. Тој разговор ми е неопходен како транс и квир личност со поинаква боја на кожата израснат и кој сѐ уште живее сиромашно во Соединетите Американски Држави. Како јас да сум единствениот што зборува за ова.

Следнава приказна ќе ви појасни што сакам да кажам:

Не знаев дека сум сиромашен се дури не се запишав на факултет. Додека растев претпоставував дека не постои разлика меѓу припаѓањето на малцинство и сиромаштијата затоа што растев во не-бела средина, лишена од право на глас. Но на факултет сфатив дека сиромаштијата не е поврзана единствено со парите: може да биде чувство, може да биде наменска и може да дејствува на сѐ.

Факултетот беше преполн со екстремно привилегирани и здодевни студенти. Затоа јас вообичаено се движев меѓу студентската заедница во домовите – еден вид на засолниште за луѓе како мене: квир и транс обоени лица со слободоумни сфаќања. Живеев во три домови, и во секој од нив директно научив што значи да се биде сиромашен, и повеќе: како изгледа и какво е чувството на класна привилегираност, и како побогатите квир луѓе рутински ја омаловажуваат својата.

Една од студентските куќи се истакнуваше од другите: беше олицетворение на преиспитај си ја сопствената привилегираност. Во куќата во главно живееја транс и квир лица со поинаква боја на кожа. Јас и личноста со која делев соба бевме единствените со потекло од работничка класа, од вкупно 13 резиденти, кои постојано зборуваа за секојдневната опресија која ја искусуваа – на пример во училниците. Но не знаевме дека сите резиденти се класно привилегирани додека не се отселивме – дотогаш (успешно) глумеа дека немаат скршен денар. Една индивидуа исто така се истакнуваше, со мешано потекло, транс и квир студент што може да пројде како бел. Со месеци мислев дека е како мене: сиромашни и одгледани во средина лишена од глас, или од „предградијата“. Никогаш не зборуваше за своето потекло туку за својот исклучително тежок живот. Немаше никаква причина да мислам дека оваа индивидуа е богата: учествуваше – јавно и гласно – во хаосот со кој се справуваа сиромашните секојдневно за да преживеат (и од кој се срамеа и беа засрамувани).

Заедно одевме по бесплатна храна која можеше да се добие преку јавни програми или пак во контејнерите. Се тетовираше со игли за шиење, креираше онлајн списанија, се жалеше за парите, пушеше тутун (поевтин е нели), носеше искината и стара облека, крадеше како да нема ни за леб, а не затоа што можеше да си дозволи таква привилегија – демек така израснал/а и не бил приман/а на престижен универзитет како ученик со совршен просек, демек немаше фино семејство со фин дом во фино белечко село до кое со авион си одеше за празници, како воопшто да знаеше што значи да се живее „борејќи се“.

Нешто ми беше сомнително кај оваа индивидуа, дури и пред да дознаам дека се давела во богатство. Еднаш неделно сите заедно готвевме, а јас секоја недела се напнував, се подготвував и кроев планови. Немавме заеднички муабет – таа готвеше некое фенси, комплицирано срање, а јас готвев конзервирана храна. Но знаев дека е поинаков/а: удобно навигираше во секој простор и постоеше слободно. Тоа за мене претставуваше новост.

Затоа поразговарав со заеднички пријател за да ми помогне да сфатам. Пријателот исто така беше квир, од висока средна класа, со поинаква боја на кожата, ама проаѓаше како за бела раса. Кога ѝ/му кажав дека секогаш се чувствувам одвратно во близина на заедничкиот пријател, не можам да заборавам што ми одговори: „можеби не се чувствуваш сигурно во себе“? Одговорот го разглобив во глава милион пати. Сфатив дека, често, „несигурноста“ е синоним, аполитичен збор, за „интернализирана опресија“.

Статистиката вели дека сиромашните страдаат од недостиг на самодоверба и повеќе ментални болести. Има смисла, со оглед на тоа дека парите одредуваат колку вредиш. Кога се почувствував крајно одвратно околу цимерот/ката, ја споредив привилегијата што ја поседуваше наспроти недостатокот од истата кај мене. Чувствата понекогаш се политички – посочуваат на нечија туѓа привилегија и нашата тајна желба по истата. Така е со сите видови на капитал: кожа, тело, род, привилегија, престиж, друштвеност, богатство.

Откако се иселив решив конечно да се соочам со пријателот/ката од домот. Една ноќ седнавме кај мене на кревет и јас со благ тон раскажав сѐ. Дека знам од каде потекнува; дека забележувам како го менува начинот на кој збори кога сум во близина; дека тоа што ја идеализира или естетизира сиромаштијата не е во ред; дека не е „кул“ да се присвојуваат потешкотиите на луѓето за да се добијат социјални поени; дека класната привилегија не може толку едноставно да се отфрли, и не се преиспитува само еднаш; дека сиромаштијата изгледа добро само кај богатите.

Морав да ја разглобам класната привилегија на оваа индивидуа и да објаснам зошто тоа е важно. Морав да ги објаснам психолошките, општествените, физичките и економските афекти на фактичката сиромаштија – срањето со кое јас се справував секој ден – срање кое не беше само во теорија – и кое не е забавно или симпатично туку вистинско и долгорочно и кое одзема многу време и те прави депресивен и те засрамува.

Но тој/таа само седеше без да прозбори. За конечно да ми раскаже за себеси прашав „од каде си“? и „со што се занимаваат твоите родители“ и „дали одеше на училиште со многу други белци“? Се обиде повеќето од одговорите да ги ублажи и разговорот се движеше околу тоа како ја сфаќа опресијата. Не се чувствував вака единствено меѓу оваа индивидуа. Вака се чувствував меѓу сите ТКЛОУД со кои живеев. Со месеци избегнував да носам удобна широка облека или да доцнам наутро, или да јадам смоки или да зборувам на дијалект. Се плашев да не помислат дека ме мрзи, дека ми фали образование, дека не живеам здраво, дека сум див/а – како некој што самиот си барал и си заслужил да биде сиромав.

Естетиката на сиромашните квир луѓе цветаше во тој дом. Но исто така и иронијата (онаа проблематичната). Богатите студенти се трудеа да изгледаат како да не можат да најдат работа. Сиромашен квир студент кој користи бонови за Божик добива нов велосипед и ховерборд. Друг добива пакет со симпатични козметички препарати.  Оној што беше во „најлоша“ ситуација дури и ме праша што се тоа бонови. И покрај тоа, сепак чувствував како привилегијата се шири од нивните тела, жива, тивка, повлечена, нерационална, но сепак гласна. Можеби класата е невидлива, но за мене претставува тип на карактер.

Не можев да бидам тоа што сум во простор изграден за луѓе како мене. Не можев да се идентификувам со луѓето со кои го споделував идентитетот. Идентитетот кој во голема мера има влијание во секојдневниот живот беше избришан во културата која ги консумира идентитарните политики.  Моите анти-капиталистички цимери ја спомнуваа класата само во теорија и кога не се однесуваше на нив лично, небаре ако си маргинализиран можеш да ја разбереш секоја опресија. Лесно е да се криеш зад сопствената опресија.

Еве уште една приказна – затоа што не можам да пишувам за класната привилегија во ТКЛОУД контекст без да ги споменам „Темната материја“ (Dark Matter).

За цимерите со кои живеев Dark Matter претставуваа богови, влијателно поетско транс дуо од Јужна Азија кои станаа заштитен знак на ТКЛОУД заедницата. Иако тие се фокусираат на идентитарната политика, поголемиот дел од нивната работа е академска, елитистичка и тешка за следење – и сѐ уште ја немаат јавно признаено нивната класна привилегија.

Минатата година бев вклучена во студентска организација која собираше финансии за настап на Dark Matter на мојот универзитет. Побараа неколку илјади долари кои потоа планираа да ги донираат за проектот Одре Лорд (The Audre Lorde Project). Но дури и кога ги соединивме фондовите со други слични организации успеавме да собереме помалку од половина од износот кој го побараа. Прифатија и пристигнаа на настап.

Отидов да ги гледам. Неколку секунди пред да почнат, Алок Ваид-Менон, член на групата, ја искритикува публиката затоа што студира на универзитет кој инвестира во опресивни политики – но во текот на целиот сет, ниту еден од членовите не спомна дека дипломирале на Универзитетот Стенфорд. Не ни помислија на тоа дека доаѓаат да настапат на државен универзитетот со уписна стапка значително поголема од таа што изнесува, да речеме 1%. Ги познавав повеќето луѓе присутни на настапот – повеќето беа од работничка класа, од различни раси, и не присуствуваа за да бидат критикувани и навредувани од „поинтелигентни“ и искусни квир индивидуи.

Не, работите не тргнаа на „полошо“, туку на попретенциозно. Алок направи пауза меѓу една од песните за да ѝ одржи лекција на публиката, буквално со срање како: „Мислите дека тоа што имате панк фризура ве прави квир? Жалам, не сте квир дури не направите донација за квир организација“.

Донирањето на грасрутс организации е важно, сепак кажаното очигледно беше класистичко: Алок, кој поседува релативно јасна позиција на моќ, е повеќе финансиски способен отколку што е квир, го ограничи – тоа дали некој е квир – како нешто што само тие можат – и можат само – да го дефинираат. Ја генерализираше публиката и ја проектираше својата класна привилегираност врз нас. И го стори тоа на подбивен, суров и авторитативен начин – како да не сакаше да биде таму, небаре е привилегија што го/ја гледаме. Сето ова за мене беше одвратно – ме врати на времето кога ме малтретираа во средно школо од страна на цис родови бели момчиња заради идентитети кои не можев да ги променам. Меинстримот сѐ уште не може да ги свари квир и транс обоените тела (и критичката теорија). Мислам дека тоа што Dark Matter го пробија тој фронт се должи на нивната класна привилегираност.

Иако обете члена се квир и транс обоени лица, сѐ уште имаат пристап до општествени и материјални ресурси, финансиска доверба и респектабилност неопходна да се пробие тој фронт. Кон нив не се градат стереотипи дека се „закани“ или „насилници“ или „лути“, туку дека се „интересни“, „интелигентни“, „нови“ и „свежи“. Нивната политика не е нова и не ги засега директно нив – а сепак добиваат голема заслуга за истата. И со тоа заземаат простор меѓу работничката класа сочинета од црни и латино транс луѓе за кои се застапуваат во нивната работа, но не врз основа на нивните реални искуства.

Важно е да се разглоби нивната привилегија. Еве како изгледа: студираат на врвни универзитети каде се здобиваат со социјални мрежи, интелектуален капитал и престиж; имаат пристап до луѓе кои поседуваат скапи камери; можат да си дозволат да купат облека и акцесории со кои ќе го изразат својот родов идентитет; живеат удобно во Њујорк; имаат пристап до беспримерна глобална платформа преку која ги искажуваат долгогодишните лични борби и борбите на црните и латино луѓето, и имаат кој да ги слуша; заработуваат илјадници долари на саат, па дури и се гневни заради тоа; шетаат низ САД и Европа по завршувањето на студиите и летаат до разни континенти за да се занимаваат со филантропски активности или да држат говори.

Гледано од поетски аспект, обајцата члена ја имаат привилегијата да „ги следат сопствените сништа“. Сништата се инвестиција – скапи се и повлекуваат голем ризик кој работничката класа не може да си го дозволи. На сиромашните не им е дозволено да ги следат сништата.

(забелешка: Лично му пишав на Алок за ова срање неколку месеци откако се случи. Одговорот беше доста слаб – не содржеше обид да се преземе одговорност за влијанијата кои ги имаат врз луѓето од реалноста со кои имаат привилегија да зборуваат или да им држат говори.)

Иронијава е честа кај повеќето класни привилегирани квир луѓе што ги среќавам. Оние што проповедаат „преиспитајте си ги привилегиите“ не си ја преиспитуваат сопствената, вклучувајќи ги и Dark Matter. Долгорочно гледано, ваквиот пристап кон идентитарните политики е штетен и индивидуалистички.

Класата се разликува од другите идентитети: невидлива е, има повеќе нијанси, релативна, и луѓето генерално не сакаат да зборуваат за неа. Ова е затоа што класата исто така е и моќна. Ги поделува луѓето од реалноста во категории на „вредни“ и „невредни“ за основни нужности. Сиромашните се мотивирани од страна на општеството да бидат многу засрамени – не горди – за да се идентификуваат како сиромашни заради многуте последици кои тоа ги опфаќа, и затоа што богатите луѓе се чувствуваат неудобно во нивниот посакуван комфор.

Класата е моќна и од друга причина: го оформува нашето сфаќање за групи на луѓе и начинот на кој се однесуваме со нив. Класата структурно ги обезгласува и криминализира маргинализираните заедници: на тој начин анти-црнечкиот и анти-латино американскиот расизам, мизогинијата и скоро сите други видови на опресија легално функционираат и заземаат вистинска форма.

Затоа е неопходно класата да се третира како што се третира расата, бојата на кожата, родот и сексуалноста. Но првин мора да почнеме да зборуваме за класата. (да се преиспитаат класните привилегии еднаш е исто што и да си речеш „јас сум бел маж – имам привилегија“ и тука да запреш.) Мора да се одржи постојан, чесен разговор и да не се злоупотребуваат начините на кои се само-идентификуваме во наша корист.

Во нашата заедница постои фобија од привилегија – особено кога се работи за сопствената привилегија. Затоа што привилегијата не е повеќе кул макотрпно се трудиме да  ја минимализираме и селективно да ги истакнеме начините на кои сме угнетувани. Бидејќи класата е релативно невидлива и непријатна, најлесно е да се сокрие – особено кога сме маргинализирани на други начини.

Кога говориме за соборување на капитализмот, или Марксистичката теорија, или нашето идентификување и на просторот кој го окупираме како „анти-капиталистички“, не може а да не зборуваме за сопствената класа. Кога самобендисано им префрламе на другите да си ги преиспитаат привилегиите, мора да ги преиспитаме сопствените, постојано, не само еднаш, дури и кога тоа е непријатно.

Доколку учествуваме во ова движење за да ги уништиме и направиме видливи сите форми на опресија, мора да престанеме да ги гламуризираме квир луѓето кои го зафаќаат највисокото место од синџирот на исхрана и да ги слушнеме и да им дадеме права на најмаргинализираните. Мора да ги деконструираме зезнатите, невидливи начини на кои сме програмирани да размислуваме и чувствуваме. А ќе почнеме со тоа што ќе бидеме искрени за себеси, сопствените привилегии и нашите политики.

Извор