08 Jul Пристрасно известување и говор на омраза од страна на Инфомакс и Журнал
Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ), жалбите на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ против интернет порталите Инфомакс и Журнал ги прогласи за основани. Жалбите беа поднесени за текстовите на порталите во врска со изјава на фејсбук на активистот Љуми Бекири, која беше извртена и злоупотребена од страна на порталите преку текстот со наслов „ПРОНАЈДЕНО РЕШЕНИЕТО: Љуми Бекири е шиптар, педер, комуњар и соросоид и се предлага како идеално решение за СДСМ“.
СЕММ утврди дека со текстовите на порталите се повредени повеќе членови од Кодексот на новинарите на Македонија како забраната за употреба на говор на омраза, обврската за почитување на општоприфатените стандарди за пристојност, обврската да се прави разлика помеѓу факти и мислење, вест и коментар, како и обврската за непристрасно и избалансирано известување.
Коалицијата СЗПМЗ при редовниот мониторинг на медиумите за начинот на кој се известува за ЛГБТИ заедницата, забележа дека сé повеќе се користи различната сексуална ориентација и родов идентитет на активисти со цел пресметување со политички неистомисленици и нивно омаловажување и дискредитирање. Во битката против хомофобичниот и трансфобичниот говор на омраза, Советот за етика на медиумите на Македонија го сметаме за многу значаен партнер. Но говорот на омраза е потребно да се санкционира од страна на институциите на системот, со цел да се превенира истиот и да се обезбеди ефикасна заштита. Со оглед на тоа дека Јавното обвинителство сè уште не презема конкретни дејствија за санкционирање на говорот на омраза, сметаме дека во Македонија не постои ефикасен и ефективен начин на справување со истиот, со што, преку молкот се одобрува хомофобијата и трансфобијата од страна на институциите.