19 Jan Хомосексуалноста во македонските учебници по психологија и педагогија
За жал учебниците кои им се понудени на македонските средношколци и универзитетски студенти, a кои ја опфаќаат темата на сексуалната ориентација, комплетно се противат на овие научно поддржани и интернационално прифатени стандарди. Оваа анализа вклучува еден средношколски учебник, “Педагогија за трета година на реформираното гимназиско образование” (Костова, Бараковска и Маказлиева, 2005) (понатаму во текстов: “Педагогија”), и три учебници по развојна психологија и по психологија на родот во употреба на Институтот за психологија и на Катедрата за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје: “Психологија на детството и адолесценцијата” (Мурџева-Шкариќ, 2009) (“Детство”),Психологија на возрасните и стареењето” (Мурџева-Шкариќ, 2010) (“Возрасните”), и “Психологија на родот: Родовиот идентитет и родовите улоги” (Мурџева-Шкариќ, 2002) (“Род”). Во спротивност со погоре-опишаните стандарди и препораки, во сите четири учебници имплицитно и експлицитно се презентираат исклучиво хетеросексистички и хомофобични ставови.
Пред се, сите четири материјали изобилуваат со примери на хетеросексизам, т.е. без директно споменување на хомосексуалноста, хетеросексуалноста и хетеросексуалните врски се презентираат како единствениот нормален и природен развој на сексуалноста. На пример, во “Педагогија” се промовира дефиниција за љубовта како појава во која еден човек тежнее кон одредена личност од спротивниот пол (стр. 200). Во “Детство” психосексуалниот развој се дефинира како процес на осознавање и истражување на своите хетеросексуални желби и потреби и стапување во хетеросексуални односи (стр. 273), а во “Возрасните” природното семејство се дефинира како брачна заедница меѓу две лица од спротивен пол и нивните деца (стр. 80). Ваквите дефиниции се, пред с?, неточни: во светските речници, енциклопедии, и учебници по психологија, педагогија и сексуалност овие емоции, процеси и заедници се дефинираат без споменување на полот на лицата за кои станува збор (пр. Hock, 2007; ‚love’, ‚family’ Merriam-Webster Dictionary; Steinberg, 2005; Williams, Sawyer и Wahlstrom, 2006). Ваквите изјави се проблематични не само поради тоа што се невистинити; тие, исто така, на навидум неприметлив начин, ја промовираат хетеросексуалноста како единствена развојна опција и не му овозможуваат на читателот да согледа дека постојат и други алтернативи кои се исто толку здрави, природни и нормални.
Иако ваквите подмолно вметнати, имплицитни хетеросексистички содржини во наставните материјали се проблематични и непожелни, многу пострашни за образованието на македонската младина се експлицитните антигеј изјави и ставови, кои, скоро без исклучок, се базирани на неточни или на непостоечки податоци и се изразени со отворено дискриминatoren и непријателски тон. Иако сите четири учебници содржат вакви елементи, тие се разликуваат во количината и интензитетот со кој истите се потенцирани. Додека во “Педагогија” хомофобичниот став е изразен со само неколку реченици, во “Род” на ваквите изјави им е посветено цело едно поглавје од 62 страници. Подолу се изложени најпроблематичните експлицитни изјави во секој од четирите учебници, проследени со анализа на нивната научна и логичка неоснованост.
Во “Педагогија”, трите авторки и посветуваат малку експлицитно внимание на хомосексуалноста – два кратки пасуса. На крајот од поглавјето за воспитание меѓу половите, се среќава поднасловот “Сексуални определби: Опачините на сексуалниот живот” (стр. 202-204). Меѓу “негативните појави на сексуалниот живот на човекот, но истовремено и значајни општествени проблеми” се сместени половите болести, проституцијата, силувањето, хомосексуалноста, и, сосема необјасниво, алкохолизмот и наркоманијата. Авторките ја дефинираат хомосексуалноста како “опачина на половиот нагон” и изјавуваат дека “меѓу така ориентираните лица и во двата пола има многу невротични и психотични личности” и дека “учесниците на таков изопачен, неприроден, и, што би рекле, ненормален сексуален живот, се личности со тешки психички тешкотии и пречки”
. Во “Детство”, за хомосексуалноста експлицитно се дискутира во неколку пасуси сместени во поглавјето за сексуалноста. Во еден пасус на почетокот на ова поглавје (стр. 276), накратко, но без двоумење се изјавува дека хомосексуалноста не е биолошки условена, туку дека се должи на воспитувањето и социјализацијата; дека “хомосексуалноста е избор, а не судбина”; и дека фактот што човековиот род се состои од машки и женски единки е доказ дека “хетеросексуалните односи овозможуваат повисок квалитет во човековиот развој”. Тука, исто така, се наведува дека геј адолесцентите не формираат долготрајни љубовни врски, туку “најчесто се повлекуваат или имаат сексуални односи со непознати, случајно сретнати луѓе”. Последниов став се потенцира кон крајот на ова поглавје, каде што се дискутира за адолесцентските врски со врсниците, кога авторката изјавува дека “повеќето истополни двојки имаат истополно сексуално искуство, но не и романтична истополна врска” (стр. 292).
Во “Возрасните”, третото поглавје е посветено на бракот, семејството и родителството. За хомосексуалноста се дискутира кон крајот на ова поглавје, во делот со неочекуван поднаслов: “За правата на децата и родителите” (стр. 84-85). Тука авторката изјавува дека “хомосексуалноста го урива природното семејство, бидејќи се противречи на половиот диморфизам кај луѓето” и објаснува дека хомосексуалците немаат право да се вљубуваат и да формираат заедници, бидејќи таквите заедници се биолошки неплодни. Во овој контекст авторката ги обвинува геј луѓето дека тие “се чувствуваат добро само во своите хомоеротски групи”, дека тие “се обидуваат да ја наметнат својата хомоеротска супкултура” на останатиот свет со сите можни средства, и дека единствената причина поради која тие го бараат правото да посвојуваат деца и да бидат родители е за да му докажат на светот дека се рамноправни со другите луѓе (а не поради желбата да имаат деца, како сите други родители). Оттука произлегува заклучокот дека на хомосексуалците не смее да им се дозволи да бидат родители и дека таквата семејна заедница би била нездрава и штетна за развојот на децата кои растат во неа. Понатаму, авторката тврди дека хомосексуалните индивидуи се појавuvaat поради “незнаење”, “грешки во социјализацијата”, неразбирање и незадоволство од своето семејство, или заведување од страна на возрасен хомосексуален маж или жена. Поради ова, а со цел да се спречи создавањето на нови хомосексуални единки, се “нужни превентивно-образовни програми за децата од преадолесцентната доба”. (Анализата продолжува во следниот број. Инаку текстот е извадок од студијата (Хомо)сексуалноста во образованието на РМ” на Коалиција ‘Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’)
СНЕЖАНА ВРАНГАЛОВА докторанд по развојна психологија на Универзитетот “Корнел” во Њујорк Преземено од Глобус (http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=866D17C656854F40B767EED06523D150)