Повратната траума на меѓугенерацискиот квир/феминистички живот и „Ball Busters“

Повратната траума на меѓугенерацискиот квир/феминистички живот и „Ball Busters“

lesbiananger

Неодамнешните меѓу-генерациски идеолошки феминистички-квир војни (Џермејн Грир! Твојот говор на омраза не треба да се брани!) ги следам со вознемиреност, голем замор и одредена доза на веќе видено. Се сеќавам дека за време на последните две рунди од идеолошките војни – расните и сексуалните – бев на страната на лутите/ранетите/сѐ уште не-институционализираните, и тогаш бев генерацијата која доаѓа, генерација која ги водеше голем дел од неопходните и исцрпувачки активности околу прашањата поврзани со транс лицата, хендикепираноста, транс лицата со поинаква боја на кожа и гентрификацијата. Јас сум сепак дел од едно клише – постојан професор на Женски студии – така што понекогаш се чини дека сум од другата страна. Подобро тоа отколку сиромаштија, но тоа што го изгубив правото да попувам не годи многу, ви гарантирам.

Сметам дека имам уште многу за учење кога се работи за транс политиката. Во последната година се случија три интернет експлозии меѓу транс лицата и (прилично белечки, често лезбиски, понекогаш и радикални) феминистички структури: „Париз гори“ експлозијата на социјалните медиуми минатата година; интернет битките и писмата до Унијата на бабици на Северна Америка во врска со ново воведените транс-инклузивни политики; и нешто од мојата област, блоговите и Фејсбук битките за настанот „Killjoy Kastle Lesbian Femiist Haunted House“ во октомври 2015 година, во Лос Анџелес и во Торонто пред неколку години. Најчесто се трудам да прегризам јазик и да читам и слушам и да научам нешто од новите дела и од активистите во оваа област. Веќе започнав со читање на литература. Се восхитувам на енергијата потребна за да се постави едно уметничко дело или да се организира политичка изјава, и се чудам на гневот и огорченоста провоцирана од овој тип на политика на оставање коментари на нашата ера.

Почетоците во квир и феминистичките политики ги имав преку изложеноста на првиот радикален/либерален феминизам во 1970тите години. Дел од тие моменти се доловени во филмот на мојата мајка, Лидија Вазана, изработен во соработка со нашата цимерка во тоа време Кеј Арматиџ (Арматиџ подоцна стана професор по Женски студии). (1) Филмот, во кој главниот лик е лезбијката писател, новинар и танцов критичар Џил Џонстон, го прикажува нејзиното патување до Универзитетот во Торонто каде што требаше да одржи предавања во есента 1975 година (не се појавувам во филмот бидејќи тогаш сѐ уште бев дете, факт што не можам да го простам до денес). За ограниченоста на феминизмот за кој се залага Џил Џонстон може да се зборува на долго и широко: биолошкиот есенцијализам кој претставува подлога за нејзината замисла за женскиот род како стабилна категорија; начинот на кој го исцртува родовиот идентитет преку еден вид на оперски Едипов модел; темпераментното однесување налик на дива, како и фактот дека откако филмот беше завршен таа јавно се ограничи од истиот и го забрани неговото прикажување во САД. Голем дел од оваа приказна е обработен во натпис на Сара Ворнер, теоретичарка која се занимава со проучување на перформанси. (2)

Џил Џонсон дефинитивно не беше “ball-buster”: агресивна лезбијка што ги мрази мажите („man-hating dyke“ – нејзина кованица со која се опиша себеси и Џермејн Грир – подолу во текстот повеќе за нејзе- при едно заедничко патување до стриптиз клуб во Лондон). Во клучна сцена во филмот таа се разгневува на еден маж кој седи во публиката и му одговара во стил на типична сурова лезбијка само заради неговото присуство. Вели: „Го чувствувам присуството на непријателски машки елемент и ми пречи… Мажите можат да присуствуваат, но го чувствувам присуството на непријателски машки елемент кој ме, хм, ме вознемирува“.

Кога младичот се обидува да ѝ одговори таа разјарено му се обраќа: „Фаќај магла затоа што ќе те шутнам директно во јајца па ќе видиш како ќе те снема… Не ми се допаѓаат твоите генерализации… Затоа или седи и молчи или губи се. Насетувам непријателска машка енергија и не ми се допаѓа… Ти не ја чувствуваш, само јас ја чувствувам. Ти имаш поинакви чувства од мене“! (3)

Би се задржала овде, кај обликот и формата на гневот на Џил Џонстон. Се разлева, со нејзина дозвола, низ предавалната во која мажи и жени седнати на подот ја слушаат и разговараат со нејзе. Нејзиниот телесен јазик е агресивен, а гласот и е строг: посочува кон младичот со закана кон неговите најинтимни и најранливи (но и ерогени, и за голем број радикални феминистки кои се залагаат против насилство, опасни) делови од телото. Точно цели, посочува кон него, гневот ѝ е предизвикан од неговото наводно непријателство, кое за неа претставува дифузна „енергија“ и „непријателски елемент“. Нејзиниот гнев е моќен и го полага својот авторитет на родова афективна форма која се совпаѓа со политиките за кои е поканета да предава на Универзитетот во Торонто, но и со нејзината документирана волја да биде скандалозна.

Чувствата се движечката сила зад  нашите политички ангажмани, како што Лорен Берлан и многу други покажаа. Но емоциите, како што ни е познато, се чувствуваат и сфаќаат единствено преку нивната историски возможна читливост. Овде би сакала да ја искористам длабоката проникливост на Берлан која ни ја нуди во „Суров Оптимизам“: дека афективното размислување ќе ни дозволи, како читатели и критичари, да ги слушнеме политичките формации – настанот – пред да можеме да ги именуваме кои се. (4) Формација во зародиш, според Рејмонд Вилијамс; капацитет со зборовите на Делез; моќ („potential“) за Спиноза. Нешто се случува.

Од оваа гледна точка, собирот на група мажи, жени, феминистки, лезбијки и лезбијки- феминистки есента во 1975 година во една соба во Торонто за да дискутираат за она што тие го нарекуваа Пол, а ние денес го нарекуваме Род, е разговор за нешто што тогаш наликувало на нестабилна теоретска формација: лезбиски феминизам, а можеби и само феминизам, или пак двете: сѐ уште дебатираат за разликата во нивните дискусии. Како што се прикажува во филмот, се работи за разговор прекриен со неодложни и неодговорени прашања, како на пример:

Што значи да се биде жена?
Како да бидеме различни видови на жени?
Како е лезбејството поврзано со тоа да се биде жена? Со феминизмот?
Што е тоа што мажите го имаат или добиваат (поседуваат или ловат), а ние не?

Џонстоновите одговори на прашањава се поклопуваат во голем дел со сфаќањата на Радикалните феминистки (big-R Radical Feminist) од тој период: антрополошки аисторизам кој ја лоцира женскоста во однос на митската колективна матријархална племенска формација, во која само-остварувањето, она што жените сѐ уште го немаат добиено, се постигнува преку идентификување со она што го имаат мажите: индивидуалност. Жените, вели Џонстон, мора да се здобијат со таа индивидуалност со тоа што ќе ги отфрлат племенските – читај вистинските – мајки. И секако, како што самата кажа во една дебата со Норман Мајлер, неколку години пред гостувањето во Торонто: револуцијата ќе се случи само кога сите жени би биле лезбијки.

Од аспект на феминистичката и квир теорија во 2015 година, 40 години подоцна, идеите на Џонстон изгледаат педантни и застарени. Но според современите транс политики, историјата на транс активизмот и феминизмот на жените со поинаква боја на кожа, бинарните одговори кои произлегоа од тој период – дека постојат само мажи и само жени и од тоа произлегува само патријархатот – се ограничени, навредливи и применуваат насилство на исклучување кое остави и сѐ уште остава длабоки лузни врз последиците на ограничените и насилни дисциплинарни форми на самиот феминизмот. Доколку го имате гледано видеото во кое Силвија Ривера е истуркана од сцената од страна на Џин О`Лири  (линк до Вимео страницата на активистката, историчарка и авторка Реина Госет) или доколку сте ги прочитале скандалозните насилни и навредливи напади врз транс лицата на Џермејн Грир, ќе добиете претстава за бруталноста на радикалните феминистки кон транс заедниците. (Иако доколку е точен еден неодамнешен натпис – доколку –почнуваме да добиваме и некаква претстава за потиснатите приказни за сојузништвото меѓу овие наводни непријатели).

Суровата скандалозноста на Џил Џонстон кон мажите не смее да се сфати како гест изолиран од политиката која нанела страшни последици. Но би замолила да не ги отфрлиме толку лесно, со дефанзивност, па дури и со носталгија, почетоците на вториот бран на феминизмот. Ќе се навратам на аргументот на Берлан за да посочам дека промената во разговорот може да се постигне доколку молкум седнеме и ја слушнеме афективната форма на овие две политики во зародиш.

На пример: контрадикторен и нелогичен („се нaсетува енергија“), нејасен (лута заради „генерализации“), настапот на Џонстон е логичен како форма на политичко чувство во зародиш, но на кое му недостига соодветна логика во основата. Врзан е за крајниот солипсизам на либералното индивидуално чувство („Ти не ја чувствуваш, само јас ја чувствувам“) додека се обидува, но не успева да дејствува и како заедничка интерпелација, против кој или со кој слушателите во публиката се приморани да одговорат, иако со одредена амбивалентност: жена од публиката налутено извикува „Ајде де“!! Не е јасно кому му се обраќа таа: можеби на сите во просторијата, или само на Џонстон. Обете посегнуваат една по друга или по некого, но не успеваат да се поврзат со никого.

Ќе го цитирам Агамбен во „Средства без цел“ кога вели: „Во филмовите, кога едно општество ќе ги изгуби гестовите веднаш се обидува да го поврати изгубеното и да ја документира загубата“. (5) Гневот на Џонстон, како и голем дел од кадрите во филмот, жените кои заедно танцуваат, се дружат, зборуваат, за мене се прекрасни, одвратни, но и ме восхитуваат. Се восхитувам на нејзиниот гнев кој претставува артефакт на времето во кое лезбиското присуство – грдо, монструозно, гневно, правично – се здоби со поинаков тек, односно тракција во светот затоа што дотогаш не беше видливо на таков начин. Скандалозната театралност на Џонстон преставува гест заблуден во идејата дека не се развил како последица на моќ, дека е овозможен од нејзината бела боја, слава и основното насилство на исклучување кон условите во рамките на кои се дефинирал феминизмот во тој период (присетете се на презирот со кој Џин О`Лири вели: „тој маж“ Силвија Ривера). Но исто така е и дефектен, недовршен  и колеблив.

Возможно ли е да се поседуваат сите овие феномени одеднаш? Со други зборови, како е возможно да се разбере лезбиската и феминистичката историја без примената на основната Едиповска (Електра?) драма врз минатото за кое самата Џонстон се залага? Мораме ли секогаш да ги убиеме мајките? Овие прашања ми минаа низ ум додека волунтирав како „Killjoy” професор на настанот организиран од Алисон Мичел и Дијадри Лог (Killjoy Kastle Lesbian Haunted House) во Лос Анџелес. (6)

IMG_2220

Со денови се водеше дебата за настан на Фејсбук по повод “Ball-Busting room“, соба во рамките на инсталацијата која за некои транс жени и транс лица била и сѐ уште е трансмизогинистичка и насилна. Обвинувањата летаа на сите страни; искрите се разгореа; беа „повикани“ одредени луѓе – каква меланхолична перформативност постои во оваа фраза! – односно извикаа нечии имиња.

„Замокот на дежурните феминистички кавгаџики“ ги носи учесниците низ неколку соби кои треба да ја претставуваат минатата и сегашната состојба на лезбискиот феминизам, неговите академски и културни формации: соба полна со тампони кои висат од таванот/боречки вреќи наречени „Расизам“ и „Колонијализам“ и слично, низ која една феминистка треба да се избори; вратите наликуваат на Vagina Dentata; Labia/Library полна со класични текстови од Родови студии во кои неколку актери танцуваат; „Daddy Pen“ (ќелија за затворени транс лица и сексуални работнички); крипта за мртви лезбиски организации. Сето ова ја отсликува препознатливата максималистичка естетика на уметничката Алисон Мичел и нејзината партнерка и соработничка Дијадре Лог: комбинација на „направи сам“ способност, дадаистичка насоченост кон објектот и длабоко алегоричен феминистички перформанс.(7)

DSCF4060

Во „Ball-Busting“ собата, собата која привлече доста контроверзии, двајца актери кршат гипсени додатоци за камиони (кои наликуваат на тестиси – trucknutz ™ ) додека „Споулавена професорка по Женски студии“, водичот низ Замокот, изговара:

„Овде се наоѓаат  лезбијките кои се сурови кон мажите („ball bustas“) кои макотрпно работат – едвај се справуваат со побарувачката за нивното ритуално кршење на тестиси. Милите се уморија од старата поговорка „ball busting dyke” и решија да ја применуваат постојано. Тестисите, секако, претставуваат едно од испреплетените угнетувања кои произлегоа од доминацијата на белата раса – сепак изгледа се само симбол, судејќи по купот руини“.

DSCF4179

Во серија од зајадливи аргументи, коментаторите на Фејсбук посведочија дека ball-busting собата „провоцирала (“triggered”), дека била насилна и полна со омраза кон транс жените, дека заканите за насилство кон машките гениталии биле и сѐ уште се еден вид на насилство кон она што го отелотворуваат транс жените. Нема поента да се дебатира за нечие искуство на одредена уметничка инсталација. Искуството е вистинито колку и намерите и искуствата на уметниците и организаторите на настанот. Сепак, она што не е искажано во овие разговори е следното: дека голем дел од критичарите на Замокот заборавија на работата на бројните радикални и лезбиски културни феминистки.

Зборувам од позиција на некој што викал и протестирал против белите радикални феминистки, како и против моите професори на Женски студии, како некој што седел во Транс Кампот и марширал во првиот транс марш на Женскиот музички фестивал во Мичиген (на кој повторно не се вратив од безброј причини поврзани со белината и затупениот родов есенцијализам на местото): им должиме многу на тие жени. Истовремено, ќе беше многу подобро доколку таа генерација се тргнеше настрана побрзо, доколку слушаа повнимателно, доколку се справеа со расизмот или со хомофобијата во нивните редови, со неверојатно погрешните замисли во врска со сексот, родот и класата. Двете нешта се вистините, меѓутоа, во поглед на обвинувањата за појавата на трансмизогинија во Замокот, да не ја споменуваме веселата прослава што се одвиваше на затворањето на Женскиот музички фестивал во Мичиген, се чини невозможно да се изговорат двете истовремено.

Прашањето може да се постави на друг начин: дали критичарите на несовршената политика која произлезе од есенцијалистичките дефиниции за жената на радикалните феминистки се распламтија како резултат на одредена мизогинија? Дали последиците на таа мизогинија е уште едно бришење на лезбејството од хоризонтот на квир политиката? Исто така: постои ли поинаков начин да се дискутира за ова?

Можеби одговорот се крие во самата идеја за провоцирањето. Доколку траумата претставува зашивање на минатото со сегашноста, а провокацијата е афективното, физиолошкото и психолошкото повторено искусување на траумата, зарем провокативен инцидент – како што е Замокот – не претставува можност да се соочиме со произнесената историја? Секако, провокација (trigger) не е некомплициран збор и со неговата употреба се регистрира физичка болка. Иронично, самата популаризација на „провоцирањето” е резултат на работата на радикалните феминистки при оформувањето на разните анти-воени движења, како и при развојот на феминистички терапевтски протоколи за жртви на сексуално насилство. Би можеле да тврдиме дека самиот термин „провоцира” – како трауматично сеќавање заробено во телото и во психата – удобно се совпаѓа со есенцијалистичкото разбирање за телото и идентитетот кој сега настојуваме да го надминеме. Како треба тогаш да размислуваме, како квир, феминисти или како транс лица за овој политички момент? Дали постои продуктивен начин на работа со формацијата на провокацијата во овој историски момент без притоа да се признаат проблематичните потпори?

Уште еден момент на иронија: доколку личноста која е предизвикана е всушност личноста која не може да го одвои минатото од сегашноста, таа е единствената личност која може да ја реши таа траума. Така се враќам назад до оваа меѓу-генерациска драма која се повторува, а во која ние феминистките и квир лицата сме вмешани: активистите кои ги рушат квир и феминистичките политики сакаат да кажат нешто – очигледно знаат, и нема потреба јас да кажам, но тие, а одовде и ние, се најдовме среде политичко движење во зародиш. Постари, институционализирани, моќни, без оглед на вашата позиција – (јас) тргнете се настрана, слушајте и посведочете. (Јас) не ја исклучувајте оваа политика затоа што се гневни и повредени и (понекогаш) звучат рудиментирано. Бесот е самата поента: рудиментираниот бес е афективниот крстопат на кој се најде артикулацијата на политичката повреда и опозиција пред легитимно да биде срочена како моќ.

Ваквата изјава не ја сфаќам единствено како педантен гест, како што се чини при прво пишување, туку како нешто повеќе. Поточно, големата концентрација на меѓу-генерациски аргументи во издвоениот квир и феминистички простор во овој момент, како на пример предупредувањата за провокација, културата на „повикување“, трансродово/„Транс исклучувачките радикални феминистки/радикалните лезбиски идеолошки битки сигнализираат повеќе политика во формирање која повторно ја мапира квир/транс/феминистичка политика на дваесет и првиот век во согласност со новопроменет, неутрален, психолошки и афективен контекст. Веќе е кажано: прашањето за променливите соматски формации во рамките на тековниот микробиополитички момент е широко распространето низ страниците на феминистичката и квир теоријата.

Следствено, тоа што ни се чини, барем на оние кои предаваат во високообразовните институции, на бесценет момент на интензивна индивидуализација во рамките на монетизиран образовен систем (понекогаш предводени од привремен академски и студентски прекаријат чиј економски опстанок зависи од продукцијата на кризи како и од менаџирањето на симптомите и сместувањето) продуктивно може да се разбере и како новонастаната и значајна колективна политичка формација. И наместо со презир, овој момент на јазикот на провокации и повикувања, сега можеби треба да се размисли подлабоко со формата – впрочем со подарокот – на квир и феминистичкиот меѓународен гнев кој повторно ни се враќа, во форма на обвинувања за историската и тековната траума.

Да, струполив неколку движења во едно – политиката на хендикепираноста, транс политиката, академската институционална политика, активистичката реторика – за да ги оградам нивните засебни траектории. Впрочем навистина, урнав многу форми од раниот радикален феминизам. Но всушност сакам да произнесам аргумент за да ја подржам формата на политичко размислување кое би следело две засебни историски траектории: подарежливо кон минатото и подлабоко во сегашноста.

Така, не сакам календарски премногу да се насочам кон радикализмот, но би сакала на идните генерации да им кажам нешто за минатото: би сакала да ви кажам што ми недостига од радикалниот лезбиски феминизам, белата и не-белата верзија. Сакам да знаете дека и покрај тоа што се борев против културниот феминизам – го мразев нивниот расизам, женофобија, страшната алергија кон жени со поинаква боја на кожа, начинот на кој сме присутни во светот –го мразев неуспехот на радикалниот феминизам да ја теоретизира и да ужива во естетиката, бев исфрустрирана од неговите теоретски ограничувања, и покрај тоа многу ми недостига утопискиот, контра-идентификационен дух на културниот лезбиски феминизам и знам дека јас и жените слични мене сме плод на енергијата на тоа движење. И покрај тоа што лезбискиот и културниот феминизам не успеа да согледа некои работи, сепак во него тлееше енергијата потребна да се верува дека револуцијата е возможна. Сепаратизмот, со своите ограничувања, ги инспирираше луѓето да излезат и да градат книжарници, „женска почва“ и барови и женски центри и кризни центри и засолништа за жртви на силување, и уште многу нешта што повеќе не постојат повеќе. Не успеа, не преживеа поточно опстојува на поволен и беден начин, оплакувачки начин. На начин кој за среќа можеби лежи во сличностите на лезбискиот – феминистички гнев тогаш, и квир-феминизмот сега.

Заборавањето на ова несовршено дело и несовршените политики е форма на мизогинија која мора да се разгледа рака под рака со трансмизогинијата како реална формација. Како што видовме од делата на Елизабет Фриман и Хуана Марија Родригез лезбиското секогаш ќе претставува товар за иднината, лезбиското постојано ќе избегнува застапување, лезбијката, особено женствената, е жената која ќе биде заборавена. (8) Дали мора тоа да продолжи? Дали мора да продолжиме со нецитирањето на лезбијки и лезбиски феминизам од секојдневието и теоретизирањето на квир животот? Слично, дали ќе продолжиме да ја исклучуваме политиката која доаѓа? Што ќе се случеше доколку Џин О`Лири ја пречекаше Силвија Ривера на сцена и ѝ го предадеше микрофонот? Што ако Националната женска организација не ги исклучеше лезбиските политики од својата агенда? Што ако Кампањата за човекови права всушност ги преземеше расизмот и сиромаштијата како клучни проблеми за опстанокот на квир лицата? Не го сторија тоа. Сепак, сѐ уште имаат време.

Во „ball-busting“ собата во Замокот на дежурните кавгаџики во мислите ги слушам суровите лезбијки од детството, од тинејџерските години и дваесеттите, жените кои ѝ припаѓаа на старата школа а кои беа тепани од полицајците, кои беа силувани, злоупотребувани и отпуштани од работа, и кои пиеја и љубеа и се бореа храбро за правото да ги сакаат вистински другите жени како што тие самите сакаат. Оние што присуствуваа на предавања за да ја слушаат Џил Џонстон, кои го наоѓаа својот пат низ лавиринтот од колективната политичка теорија. За одредени транс лица “ball busting” претставува негација на нивното отелотворување и родова комплексност, и претставува директен напад врз нивното право да живеат во женските тела кои и понатаму имаат пениси и тестиси, на пример. Сега кога благодарение на разговорот ми се отворија очите, така ја разбирам фразата ball-busting. Исто така: памтењето на “ball busting” е начин да се запамети колку всушност страдаа и создаваа овие феминистки и лезбијки, и колку јас постојам заради нив. Неопходно е овие структури на чувствување да постојат една крај друга затоа што се историски поврзани; неуспешните утопии во кои првото ја оформува неразвиеноста на следното.

Доколку сонуваме за тотализирачки политики и за просторот во кој може да се манифестираат иститеw како единствени и исцелителни формации, ќе бидеме секогаш разочарани. Но некаде во утописките мечти за ранетите политички формации и праведниот и неразвиен гнев кој произлегува од нивната средба со дистопијата во која живееме – дистопија често оформена од утописките мислители пред нас – се наоѓа политика која треба да ја ислушаме. Колку и да изгледа болно таа средба, се обидувам да не заборавам дека е значајна и неопходна за можноста за феминистичките и квир иднини.

(1) Kay Armatage and Lydia Wazana, directors. Jill Johnston….1975. Canadian Film Distributors Film Centre, 1977. Film available for purchase here:http://www.cfmdc.org/node/757

(2) Warner, Sara. “A Gay Old Time: Jill Johnston October 1975” inAffect/Performance/Canada: New Essays in Canadian Theatre, ed. Erin Hurley (Toronto: Playwrights Canada Press, 2014).

(3) Here’s my mom on the context of the conflict: “Jill…gave her lecture at U of T which was also filmed. The guy that she yelled at was there to be obnoxious, his friend is the guy leaning on the wall smirking. They came in off the street and of course Jill didn’t need much to take them on (if you remember the Norman Mailer affair).” Email exchange, December 10, 2015.

(4) Lauren Berlant, Cruel Optimism. Durham: Duke University Press, 2011.

(5) Giorgio Agamben, “Notes on Gesture” in Means Without End: Notes on Politics. (Minneapolis: University of Minnesota Press, 2000). 53. Agamben wants to loosen the notion of the gesture as a “the crystal of historical memory.” He writes: “The gesture is the exhibition of a mediality: it is the process of making a means visible as such.” In this way, the gesture becomes less of a performative ideal and more of “a movement that has its end in itself.”

(6)”Killjoy” is a term coined by Sarah Ahmed. See Ahmed’s blog for an explanation of the term.

(7) All Killjoy Kastle photographs credited to Deidre Logue.

(8) Elizabeth Freeman, Time Binds: Queer Temporalities, Queer Histories. (Durham: Duke University Press, 2010); Juana Maria Rodriguez, Sexual Futures, Queer Gestures and Other Latina Longings (New York: New York University Press, 2014).

 

преземено од: Bully Bloggers

превод: Јулија Мицова