23 Feb Промовирана онлајн платформата „Пријави насилство“
На ден 23.02.2015 пред Основното јавно обвинителство, со почеток во 11 часот, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и ЛГБТИ центарот за поддршка ја промовираа платформата „Пријави насилство“ (www.prijavinasilstvo.mk).
Основното јавно обвинителство е институцијата која и покрај својата надлежност со години одбива да ги заштити ЛГБТИ лицата од бројните напади и говорот на омраза, а со тоа соучествува во овие злосторства. Токму затоа, промоцијата на оваа платформа се одржа таму, како потсетник на нивните надлежности. Истовремено, онлајн платформата претставува јавно достапна алатка на ЛГБТИ заедницата за пријавување случаи на насилство, која содржи информации за постоечките заштитни механизми, достапната правна и психо-социјална помош.
Прес конференцијата пред ОЈО претставува протестен гест поради неколкугодишното игнорирање на случаите на насилство врз ЛГБТИ луѓето и активистите. Промовиравме онлајн платформа за пријавување насилство затоа што очигледно во нашата држава институциите на системот потфрлаат во заштита на основните човекови права на оваа група луѓе. Јавното обвинителство „води“ истрага повеќе од 3 години за сторители снимени на камери, полицијата молчи, политичките елити шират хомофобија, а насилниците во таков контекст стануваат локални херои.
Павле Богоевски од ЛГБТИ Центарот за поддршка ги поткрепи овие аргументи со податоци од истражување, спроведено меѓу ЛГБТИ заедницата во Скопје, Шуто Оризари, Тетово, Куманово, Прилеп, Битола и Струмица. Податоците од ова истражување покажуваат дека начинот на работа на институциите ја има избришано довербата во системот, институциите, можноста за правда, сугерирајќи дека ЛГБТИ заедницата живее не само на маргините, туку и како граѓани од втора класа во сопствената држава, на која и` плаќаме даноци за да ни ги овозможи подеднакво сите права. Истражувањето покажа загрижувачка тенденција на непријавување на случаи на прекршување на правата на ЛГБТИ луќето. Дури 71,27% од испитаниците кои биле жртва на насилство не го пријавиле случајот во ниту една институција или органзиација. Кај семејното насилство стапката на непријавуивање е 66,7%.
Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ укажа на потребата од алтернативни механизми за заштита, како онлајн платформа која едновремено нуди анонимно пријавување на случаи на насилство и информации за постоечките заштитни механизми, како и сервиси меѓу кои правна и психо-социјална помош. Онлајн платформаната за пријавување инциденти е едноставна и лесна за користење. Ги повикуваме сите кои биле жртви на насилство, дискриминација, вербално или психолошко вознемирување да го пријават инцидентот на платформата и доколку сакаат да не` контактираат за понатамошно водење на случајот.
Конечно, на промоцијата беше пријавен и првиот случај – првиот напад врз ЛГБТИ центарот за поддршка на 23.10.2012 година, за кој истрагата се уште е „во тек“.