Поздрав од иднината: Интервју со Јон Гнар, поранешен градоначалник на Рејкјавик, 3025 година

gnarr-jumping

© Hörður Sveinsson

Јон Гнар е исландски актер и комичар, а вон границите на Исланд е најдобро познат како најкул градоначалникот на светот. Иако мандатот му завршил во 2014, и тој одбил повторно да се кандидира затоа што му здосадила политиката, се уште е популарен заради неговиот неконвенционален, комичен пристап кон водењето на политичката кампања, извршувањето на функцијата градоначалник, но и неговата интерпретација на политичкото. Моментално работи во медиумската компанија 365media и е среќен што има претпоставен. На пауза помеѓу два состаноци, во кантината на компанијата, одвои време за ова скромно интервју.

Дали сметате дека политиката треба да биде смешна?

– Да, сметам дека сè треба да биде смешно. Мислам дека важноста на хуморот како дел од комуникацијата, културната интеракција и решавањето на проблеми е потценета. И мислам дека, на многу начини, и заради многу различни нешта, ја имаме занемарено комичната интелигенција. Мојата теорија е дека една од главните причини за ова е патријархатот, затоа што хуморот, и елементите и разните нијанси на истито честопати се сметаат за женствени елементи. Оттаму, во многу култури, во однос на јазикот на пример, насмевката, па дури и смеата се доживуваат како женствена, или детска работа, или како знак на недостаток на интелигенција. На англиски може да речете I laughed like a buffoon, или „тој се смее како идиот“, и во сите јазици во светот смеата се поврзува со глупавост. Малите девојчиња се смеат, и тинејџерките се смеат, и ние не сакаме да бидеме како нив, затоа што сме интелигентни, ние не сме тинејџерки, ние сме паметни луѓе, ние сме мажи, и ние сме сериозни, а сериозните мажи не се смеат. Не плачат и не се смеат, затоа што се мажи. И сè зависи од тоа како го дефинирате хуморот. За мене хуморот е сè, од  поглед до насмевка, до смеа, до кажување шега или правење нешто смешно. За мене, како уметник, игривоста е дел од било кој креативен процес. Мора да оставите место за игривост. Фактот што сите сме толку зависни од сериозноста и логичката мисла исто така се должи на патријархатот. Сметам дека тоа се менува сè повеќе денес, на многу начини, во различни делови од општеството, и дека денес повеќе акцент се става на комуникациски вештини и способноста да се соработува и комуницира со други луѓе, дури и со луѓе кои не го говорат истиот јазик како и ти, и има многу повеќе меѓународна соработка, и некако, што сметам дека се должи на Интернетот, креативноста стана поважна од порано. Сериозните мажи сè повеќе сфаќаат дека хуморот носи пари, а со тоа и квалитет. На пример, кога бев дете, имав кила и морав да одам во болница често, постојано бев на операции, и се сеќавам дека хирурзите, сите мажи, ниту еднаш не ми се насмевнаа, ниту еднаш не ми прозбореа, за нив бев како гума што мора да се смени или залепи, како расипано радио, или наједноставно, како предмет. Не паметам дека беа пријателски настроени, туку дека беа важни, затоа што беа хирурзи, сите ги почитуваа, и беа мажи, во бели одела, во костуми. Сега кога имам  деца и кога треба да ги однесам на доктор, докторите се сосема различни. Некој ги научил дека ако работат со деца мора да бидат способни да комуницираат со нив, па знаат да се насмеат и дури да ги погледнат во очи и да ги прашаат „Како си денес? Имаш трема?“ и дури има и жени, што порано не беше случајот. Јас имам само 48 години, така што многу работи се сменија, во здравството, и во другите сегменти, луѓето сфатија дека комуникацијата е важна. Ми се чини дека сега станува сè поочигледна потребата од хумор и комедија во политиката со цел да се подобри демократијата.

DSC_0318

Во САД демократијата во пракса е едно големо реално шоу, спектакл, или добра ТВ серија. Мислите ли дека тамошните политичари го сфаќаат хуморот сериозно?

– Да, особено затоа што луѓето ги заведува моќта и парите, и тоа се паметни луѓе. Многумина важни теоретичари тврдат дека САД технички повеќе не се демократија, и тоа е сосема валидно. И ми се чини дека само прашање на време е кога тоа ќе се случи во Европа.  Европа се движи во таа насока. Имаме различни проблеми, како на пример поранешните советски земји каде има многу корупција и многу организиран криминал. Понекогаш, во некои земји на избори победуваат криминалци.

Имам некои земји на ум каде тоа е случајот. Нејсе. Во Исланд постоеле две опции во времето на вашата кандидатура, левица и десница, и вие сепак се одлучивте за трета опција. Дали тоа беше можно затоа што бевте водени од идејата да се забавувате?

– Па почна така. Во тоа време работев како драматург во градскиот театар, и требаше да напишам претстава, по можност за кризата. Многу ми беше чудно да седам сам во мојата канцеларија во градскиот театар пред лаптоп, додека сè се случуваше надвор од театарот. Долго време ме фасцинира, уште од дете, надреализмот и надреалистичкото движење. Истовремено ме фасцинираат и политичките идеологии. Многу сакав да читам за политички идеологии, особено за анархизам, феминизам и разни социо-политички движења, а надреализмот бил политичко движење. Надреализмот ви е исто како тоа да го земете хуморот и креативноста и да ги претворите во политичка платформа.  Додека ја пишував претставата, која требаше да биде апсурдистичка, имав создадено некои ликови и некаква рамка, а потоа го изгуглав Манифестот на Бретон за надреализмот, го прочитав и сфатив дека самиот Манифест всушност нуди доста специфични инструкции за тоа како да направите политичка партија, како да се кандидирате за државна функција, како да држите говори, како да победите и како да направите сите да ве сакаат. Едноставно ги следев тие инструкции до најмал детаљ. Потоа сфатив дека можам да напишам претстава за некој кој е дел од партијата на Андре Бретон, надреалистичката партија, кој ги следи инструкциите од надреалистичкиот Манифест, и да видам што ќе се случи. Бев запознаен и со Меѓународното ситуационистичко движење во 50те и 60те во Европа, па си играв и со тоа во претставата што ја пишував. Во одреден момент си помислив, а не си верувам многу на себеси, дека треба ова да го извадам од театарот, затоа што во театарот постојано се трудиме да го скршиме четвртиот ѕид, и да им го доближиме театарот на луѓето, да го направиме поопасен итн. Сега имаме телевизија, комедија на телевизија што дозволува да бидеме многу провокативни, но сепак се криеме зад стаклен екран и не сме вистински опасни, секој може едноставно да не исклучи ако сме премногу страшни.

Освен девојчето од The Ring

– Токму. Зошто да не го пренесеме спектаклот во спектаклот, затоа што е само спектакл. Самата помисла на ова ме ежеше. А што ако, наместо лик во претстава, којшто нема слободна волја, се ставам себеси во таа позиција? Што ако го пресликам мојот физикус во друг лик кој ќе го ставам на сцена? Вака почна се. Но најважната работа, што ја донесе најголемата промена, е што, бидејќи од многу причини вклучив многу мои пријатели во целиот процес, од кои повеќето се музичари, тие инсистираа да снимам песна за кампањата, и тоа добра песна, нешто што јас не сакав да го направам. Сакав да направам 5000 грди пенкала со логото на Best Party, и ниедно од нив да не работи, луѓето да почнат да пишуваат со такво пенкало и одма да снема мастило. Сакав тоа да бидат пенкала на разочарувањето. Но моите пријатели ми велеа „Да, да, да, ќе го направиме и тоа со пенкалата, но најпрво да снимиме песна за кампањата“. Тоа и се случи, снимивме песна, и од тој момент натаму, се се смени. Тоа беше клучниот пресврт.

 

Целосно ги смени правилата на игра, и мојот спектакл повеќе не беше мој, немав никаква контрола врз него. А дали некој воопшто имаше контрола? Јас ја загубив контролата и станав дел од спектаклот и тоа можев да го почувствувам, „Јон, не заповедаш со спектаклот, спектаклот заповеда со тебе“, и тоа е прекрасно. Јас не сум надреалист, надреализмот е јас.

Дали ви беше чудно кога ве избраа за градоначалник?

– Многу! Како тинејџер бев фасциниран од анархизам, марксистичка теорија, социјализам, комунизам, па дури и од идеологијата на либертаријанизмот, значи нешто помеѓу анархизам и либертаријанизам, но никогаш не следев современа политика. Не знаев кој ни е претседател, барем не секогаш, а името на претседателот на САД го дознав кога изби скандалот со Моника Левински. Не знаев ништо за него и не ми беше гајле, и не знаев кој е градоначалник на Рејкјавик се додека не се сретнавме. Кога се случи тоа, таа ме праша дали е точно дека сум оформил своја политичка партија, на што и одговорив да, и дека се вика The Best Party, затоа што е најдобра.

best-party-logo-iceland-jon-gnarr1

Логото на The Best Party

Таа ми честиташе и ми порача дека ќе се видиме накоро, па откако си замина прашав некого која е таа жена, на што ми одговорија „Зарем не знаеш? Тоа е градоначалничката на Рејкјавик“. Така да, нормално дека ми беше чудно. За мене тоа беше културен шок. А такви сум имал два во животот. Првиот беше кога станав градоначалник  на Рејкјавик, а вториот кога стапнав на Фарските острови. Цел живот сум многу емотивен, што нели, не е типично за еден маж, и имам секакви попречености. Имам слабост во мојата глава, во мојот мозок, дислексичен сум, имам редок вид на мигрена, и цел живот зависам од други луѓе, од моите пријатели и семејство за поддршка и совети и така натаму, и навикнат сум да соработувам и тоа да има взаемна корист за сите. Но ова беше нешто сосема различно, како еден тим против друг тим, а тоа е нешто што никогаш не сум го разбирал. Уште од дете не го разбирам фудбалот, ниту било кој спорт со натпреварувачки карактер. Го разбирам до одреден степен, не велам дека не ми е јасен во целост, но никогаш не сум навивал за ниту еден тим, не гледам натпревари, освен ако не се детски натпревари. Ако Ливерпул игра против Манчестер Јунајтед, гајле ми е кој ќе победи, се надевам дека и двата тима ќе победат. Ако Ливерпул даде гол, ќе навивам за Манчестер. Секогаш навивам за аутсајдерот. Но ако потоа Манчестер даде два гола, ќе ми биде жал за Ливерпул. Стварно не го разбирам ова. Политиката е слична. Глуми соработка, но во суштина е далеку покомпетитивна. Соработка до одредено ниво, но многу повеќе компетитивност. Така што, тоа е целосно различна култура од онаа на која бев навикнат. И тоа дополнително влијаеше на мојата мозочна слабост, а дислексијата ми донесе многу срам низ годините. Веќе не се срамам од неа, дури се гордеам што ја имам, ја прифаќам, но непријатно ми е кога станува збор за бројки. Некогаш, кога потпишувам книги, знам да напишам „Рејкјавик, 3025“, затоа што мислам дека е 3025 година, и кога ќе го видат тоа, луѓето се смеат затоа што мислат дека намерно сум го напишал така, и јас се смеам со нив. Низ годините научив хуморот да го користам како средство за преживување. Ми се чини дека многу луѓе го прават истото од рана возраст затоа што е многу подобро да бидете смешни отколку глупави. Го направив тоа затоа што сум смешен, надреалист, затоа што не сум глупав. Но ако кажам некому зошто навистина пишувам 3025 ќе ми одговорат „Ти си идиот. 2015 година е“. Да, сум. Затоа што живееме во свет каде важни се фактите и креативноста е важна но не толку, повеќе е како вкус, или зачин во храната, а вистинската храна е логиката. Зборувам премногу.

Ве молам, продолжете. Дали се сметате за политичар сега, откако истеравте еден мандат како градоначалник?

– Не, не, никако, сум го разговарал ова со луѓе, дури и на дебати ми велеле „сега си политичар“, но јас не можам да се согласам со тоа. Јас сум само странец во Политиканија, земјата на политиката. Јас сум посетител, турист, јас отслужувам време во политиката. Многу луѓе кои се во затвор не се криминалци, туку отслужуваат казна за нешто што се случило одамна, а јас преземам одговорност исто така за последиците од нешто што се случило одамна. Нешто како секс. Сексот може да биде забавен, но може да има и последици. На пример, сосема нова личност  како последица на нешто што се случило одамна и било забавно. Мора да преземете одговорност потоа, иако некои луѓе одбиваат да го направат тоа. Јас лично преземам одговорност. Така некако изгледа и мојот став по ова прашање. Ако отидам во Белгија, тоа не ме прави Белгиец, дури и ако живеам таму некое време. Една година откако живеев таму, едни пријатели ме прашаа дали веќе се доживувам како Белгиец. Им реков дека не, но затоа кога бевме излезени на вечера и ги прашав дали ќе ја поделиме сметката, веднаш ме прогласија за Белгиец. Не, не сум. Делење на сметката не е ексклузивна работа што се случува само во Белгија.

Дали сметате дека ни требаат повеќе луѓе што во политиката само ќе „отслужуваат казна“? Кои не се „вистински“ политичари?

– Не можам да го одговорам ова. Можеби политиката е мртва. Можеби замира. Можеби се  ќе се смени од корен. Можеби политиката ќе претрпи радикални промени. Има многу општествени научници кои велат дека во следните 20-30 години моќта и важноста на парламентарната политика ќе опадне, додека пак моќта на општинската политика, особено во големите градови ќе расте, и дека градоначалниците се идните лидери. Сите проблеми, дури и најсериозните и најтешките проблеми со кои се соочуваме, најефективно се решаваат на ниво на градови, затоа што градовите и градската политика се многу поинакви од националната политика, и се далеку поориентирани кон директно решавање на проблеми, и се порелаксирани и попрофесионални. Сериозни прашања, како степенот на почитување на човековите права, секогаш се подобри во градови. Подобро е да се биде жена во град отколку во рурална средина или во помала заедница, секаде во светот. Жените се побезбедни и имаат подобар квалитет на живот во град. Истото важи и за ЛГБТ правата. Поверојатно е дека ЛГБТ луѓето ќе претрпат физичко насилство на село и во мали места, отколку во поголеми градови.

Jón_Gnarr,_mayor_of_Reykjavik_dressed_in_drag_at_the_head_of_the_Gay_Pride_2010_march_through_downtown_Reykjavik

Јон Гнар на чело на Парадата на гордоста во Рејкјавик, 2010.

Климатските промени, што веројатно е најважното прашање во моментов кое го тангира нашиот опстанок, се решава најпрво и најмногу на ниво на градови. Градовите пробуваат да ги решат проблемите, додека владите се уште размислуваат за нив, и дискутираат и имаат состаноци. Така што, прашањето е многу комплицирано. Кога ќе ме прашаат какви луѓе ни требаат во политика и дали треба да се исфрли моделот на професионални политичари, мојот одговор е „Не“. Ни требаат професионалните политичари, луѓе што ја сакаат политиката, нема „професионални политичари“, само луѓе кои стварно ја сакаат таа култура и уживаат во неа, и нам ни требаат таквите луѓе. Но исто така ни требаат и различни луѓе, научници, уметници, и уште повеќе научници и уметници, и повеќе жени, затоа што насекаде родовиот баланс е лош, и генерално мажите доминираат во политиката. Понекогаш луѓе ме прашуваат дали сум среќен сега и дали бев среќен додека бев градоначалник. Јас не знам што е среќа, искрено. Знам што е целосна екстаза и еуфорија, сум ги почувствувал и двете и тоа на различни начини, особено преку комедија. Еуфоријата е како дрога, пукаш, се смееш до бескрај , ти течат солзи, и знаеш дека тоа е еуфорија. Има и целосна мизерија, терор, кога си преплашен, до тој степен што ќе се посереш во гаќи, или нешто слично, кога си преплашен за сопствената безбедност, за сопствениот живот, кога ќе ти се случи нешто ужасно. И тоа сум го искусил. Среќа веројатно е нешто измеѓу. Значи јас секогаш сум среќен. Да се вратам на прашањето, да, во политиката ни требаат и комичари, но најмногу ни треба да се вклучат млади, образовани жени во политика, ете тоа ни треба најмногу. На глобално ниво, мислам дека тоа ќе смени многу нешта на подобро. Истовремено, кога ќе сретнам некоја млада, образована жена, не ми е лесно да ја охрабрам да се занимава со политика. Ова е своевиден парадокс. Во таква ситуација сакам да им кажам „Оди, занимавај се со политика!“, но и сакам да им кажам „Има многу фасцинантни работи на светот, најдоа вода на Марс, можеби ќе сакаш да бидеш меѓу првите што ќе ја населат таа планета. Следи си го срцето, интуицијата, соништата. Ако навистина сакаш да се занимаваш со политика, и таму можеш да придонесеш многу, но биди свесна дека таму не сакаат луѓе како тебе. Нема да те ценат, ќе те гледаат со презир, и најверојатно ќе бидеш вербално малтретирана, и ќе ти биде тешко.“

Јохана, асистентката на Јон, не прекинува, покажувајќи на саат дека ги чека шефот. Накусо ја споделуваме фасцинацијата за The Wire и новата серија на Дејвид Симон, ми го потпишува примерокот од How I Became the Mayor of a Large City in Iceland and Changed the World , со љубов од 3025. Белким таму не чекаат повеќе луѓе како него во политиката.

 

Рејкјавик, 2 октомври, 3025 година.