Промоција на зборник/каталог УМЕТНОСТА НА НЕУСПЕХОТ: АФЕКТИВНИ СТРАНЦИ

Промоција на зборник/каталог УМЕТНОСТА НА НЕУСПЕХОТ: АФЕКТИВНИ СТРАНЦИ

Задоволство ни е да ве поканиме на промоцијата на зборникот/каталог со кој ја заокружуваме групната изложба УМЕТНОСТА НА НЕУСПЕХОТ: АФЕКТИВНИ СТРАНЦИ. Зборникот е последното презентирано дело од изложбата, дизајнерско решение на Неда Фирфова.

 

Дата: 26 декември, 2014 Време: 20:30

Локација: http://seriousinterestsagency.com/contact-2/ 

 

Промоцијата на зборникот ќе биде проследена со краток разговор со уметниците кои учествуваа на изложбата.

 

Првите 50 кои ќе дојдат на промоцијата го добиваат зборникот како Божиќен подарок

 

Издавач: Коалиција СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
Главен и одговорен уредник: Славчо Димитров
Дизајн: Неда Фирфова
Превод од англиски: Јулија Мицова, Душица Димитровска
Фотографии од поставката: Жарко Чулиќ
Уметници: Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Велимир Жерновски, Нада Прља, Јане Чаловски, Неда Фирфова

 

Издавањето на книгата е поддржано од Фондации отворено општество, Њујорк и Амбасадата на
Кралството Холандија во Македонија

 

Зборникот/каталогот претставува публикација во која се застапени делата на уметниците, како и, за првпат преведени кај нас, текстови на современи автори од областа на квир теориите. Преводите на некои од најзначајните текстови во областа на родовите и квир теориите уредени во рамки на публикацијата се истовремено и клучни референци за теориската позадина на која се потпира основниот концепт на изложбата, односно антисоцијалната квир теорија, афективната квир теорија, квир теории на срамот, меланхолијата и негативните емоции и нивните политички и културни извори и импликации (Даглас Кримп, Дејвид Халперин, Хедер Лав, Џудит Халберстам, Ен Цветковиќ, Сара Ахмед, Ли Еделман, Марина Гржиниќ, Мајкл Ворнер, Славчо Димитров).

 

„Овој каталог претставува процес на дизајнерско истражување и обид за формално втемелување на овој кураторско-уметнички проект (каталогот) во основата на публикуваните квир-теориски текстови (зборникот), и нивно обединување во една публикација. Скратувањето во ширината на насловната страна во однос на страните на зборникот (кои пак се пократки од страните на каталогот), претставува “нежна” дизајнерска интервенција која симболизира разголување, незаштитеност нестабилност и ненормативност на книжниот објект, но и збирот архивирани содржини во него.

 

Се додека зборникот и каталогот не се конечно продуцирани и мултиплицирани, јас изработувам мокапи (dummies), во релација со растењето и менувањето на содржината која ќе се публикува, а јас ја дизајнирам. Овие мокапи (dummies) на прв поглед ја преувеличуваат опсесивната потреба од артикулирање на содржината која формално и недостига на изложбата (текстовите од зборникот), но од друга страна се неми, неартикулирани статични книги-објекти. Имаат за цел, како, да го маркираат просторот каде потенцијално би стоел испечатениот и мултиплициран каталог на изложбата, така и да дозволат можност тој да биде допрен, а со тоа и неможност да се продре во потенцијалната иднина на овој книжен објект,. Овој акт создава апсурдна атмосфера која наликува на неможноста да се биде самиот себе. Неможноста и невокалноста се главните теми кои ги обработува и графичкото решение за изложбата Уметноста на неуспехот: aфективни странци.

 

Мачнината, загубата, негативниот афект и нивните потенцијално крајни ефекти се евоцирани преку индексирањето со играта “бесилка“. Сите овие афекти се раздиплени низ отворен хоризонт, и ја навестуваат неодредената и непрепознатлива можност за трансформација на овие афекти во поинакви модалитети и позиции кои бараат интерактивна интервенција. Тегобноста и бавната смрт како исход на одземениот глас, на неможноста, неизреченоста, празнината и тешкотијата, маркирани со отсутните вокали во насловот, но и темно-сината позадина, го повикуваат “визуелниот читател“ да интервенира, и да даде поинаков тек на состојбата и да “си поигра“ со невозможното. Pantone Reflex Blue, односно сината боја користена во графичкото решение и во текстовите на книгата, евоцира една линија од квир уметничката историја (Клајн, Џарман), создава длабочина, и дава како рефлексивен акцент на текстовите во зборникот, така и истрајност во читањето и афективните структури на моќта и нивното испишување во искуството на маргиналните субјекти. “ – Неда Фирфова