Покана за изложбата „ Уметноста на неуспехот: афективни странци“

Покана за изложбата „ Уметноста на неуспехот: афективни странци“

Во организација и продукција на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, на 9-ти декември со почеток во 20 часот во просториите на Мала Станица ќе биде отворена групната изложба „Уметноста на неуспехот: афективни странци“.

На изложбата со свои дела ќе се претстават уметниците Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Нада Прља, Јане Чаловски, Неда Фирфова, а куратор на изложбата е Славчо Димитров. Во рамките на изложбата ќе биде промовиран зборник/каталог, настан кој ќе се оддржи на 20-ти декември.

 

„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ претставува групна изложба која ангажира дел од најзначајните македонски современи уметници, а со цел да ги истражат, проблематизираат и преосмислат потенцијалите за продукција на алтернативни и нехегемонски социјални и културни светови. Тргнувајќи од претпоставката дека уметноста претставува праксис преку кој се генерираат алтернативни, ненормативни, очудени и иновативни модели на дистрибуција на сензибилното (Жак Рансијер), односно интервенција и трансформација на доминантните културни модели преку кои се санкционира и регулира перцепцијата, чувствувањето, мислењето и делувањето на/во заедничкиот свет, изложбата стреми кон ангажирање на ваквиот потенцијал на уметноста, а со цел да се понудат трансформирачки и субверзивни организации на заедничкиот, споделен свет.

 

Неуспехот, искуството на срамот (како конститутивно за идентитетската позиција и себе-доживување на малцинските субјекти), и негативните и ’парализирачки’ емоции (анксиозност, меланхолија, оплакување, депресија, страв итн.) се предмет на анализа од различни позиции на секој од уметниците вклучени во изложбата, и материјал за трансфигурација и трансформација преку перформативно генерирање на позиции на отпор против хегемониските модели на општеството, од една страна, и индикатори за структурните ефекти на социјалната нееднаквост и насилството врз интимните, отелотворени и афективни искуства на родово и сексуално ненормативните малцинства.

 

Емоционалните искуства на сите оние тела социјално маркирани како настрани, изопачени, девијантни, изроди, ненормативни, па дури и ненормални, или како квир (во рамки на англо-американската терминологија и политичко искуство), искуства кои се исцртуваат на маргините на нормативниот социјален простор како маркери на неуспехот да се отелотвори родовата и сексуалната норма, или пак нормата за достоиствен, легитимен, и вреден живот во рамки на капиталистичка хиерархиска скала и националната имагинација, во рамки на изложбата се промислуваат и истражуваат како можност за креација на алтернативни линии на живот, нови форми на социјалност и сродство, пријателства и модели на интимност и љубов.

 

Губењето во неуспехот, одовде, станува место за колективна пракса на отпор со која се отфрла и се одбива здраворазумското прифаќање на доминантната логика на успехот, како ефект на моќ и дисциплина, односно на хегемониските императиви и норми кои дефинираат што се вреднува како животен успех, и кој се вреднува како признаено човечко битие врз основа на овие норми.

 

Проживеаните и неподносливо болни инскрипции на моќта врз телата на малцинските субјекти, кои се исчитуваат во непрепознаените и невидливи секојдневни искуства на траума, и го исцртуваат затворениот и повлечен интимен простор на меланхолијата и депресијата, односно „бездната што тагата ја создава, на неискажливата болка која понекогаш, а често долготрајно, не обзема се додека не го загубиме целокупниот интерес за зборовите, дејствувањеата, па дури и за самиот живот“ (Кристева), во рамки на изложбата се анализираат надвор од приватизирачките, психологизирачки и патологизирачки рамки, односно се истражуваат како ефект на нееднакви социјални релации и односи на моќ, дискриминација и исклучување.

 

Заглавеноста, застојот, парализата, недејствителноста, одбивањето на партиципација во секојдневниот тек на нормативната јавност, лепливоста на минатото како загуба, назадната приврзаноста за отсутните и неостварени љубови, идеали, и социјалности, како ефекти и симптоми на меланхолијата, се поставуваат како афективни интензитети со кои се одбива императивот за продуктивноста во национал-капиталистичката машинерија, се комеморираат историите на страдање и насилство избришани од усмереноста кон иднината на хетеронормативната фамилијарност која се репродуцира и одржува присилно до недоглед, и се создаваат јавни светови и контракултури на тажење и визибилизација на неизговорливите и невидливите загуби.

 

Истовремено, целта на изложбата е да понуди линии на мобилизација на овие емоционални комплекси во насока на изместување и прекин на хабитуираните и нормализирани модели на споделени групни емоции, и преку театрализација и ре-перформирање на срамните искуства, желби, задоволства, емоции, релации и тела, да се преиспитаат и растетерават стерилизираните нормативи и морализаторски рамки на човековата интелегибилност.

 

„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ ја преиспитува човековата ранливост, неизвесност и изложеност како можни основи за нови разбирања на тоа што не дефинира како луѓе и кои се нашите споделени услови врз основа на кои сме поврзани со другите и преку кои ја замислуваме и градиме заедницата вон насилните тоталитарни, хомогенизирачки и есенцијалистички политички и етички модели. На тој начин, изложбата го поставува прашањето за можноста за градење на алијанси и коалиции на отпор против различните модели на нееднаквост и експлоатација оттаде идентитетските рамки, ограничувања и исклучувања, односно врз основа на споделените искуства на срам, неуспех, исклучување, и емоционално ’парализирање’ помеѓу различни општествени локации и групи.

 

Изложбата ќе биде проследена со публикација во која ке бидат застапени делата на уметниците, како и критичко – есеистички текстови на современи автори од областа на квир теориите. Преводите на некои од најзначајните текстови во областа на родовите и квир теориите уредени во рамки на публикацијата се истовремено и клучни референци за теориската позадина на која се потпира основниот концепт на изложбата, односно афективната квир теорија, квир теории на срамот и меланхолијата и негативните емоции и нивните политички и културни извори и импликации (Даглас Кримп, Дејвид Халперин, Хедер Лав, Џудит Халберстам, Ен Цветковиќ, Сара Ахмед, Ли Еделман, Марина Гржиниќ, Мајкл Ворнер).

 

Изложбата е поддржана од Фондација отворено општество, Њујорк и Амбасадата на Кралството Холандија