20 Nov Одржан трет протест пред Јавното Обвинителство
Денеска по трет пат беше оддржа протест пред зградата на Јавното Обвинителство на кој се бараше решавање на насилните напади врз ЛГБТИ заедницата кои кулминираа со нападот на двогодишнината на ЛГБТИ Центарот за поддршка кој се случи минатиот месец во кафулето Дамар. На протестот преку озвучување беа пуштани звуци од кршење на стакло и снимка од глас кој прашуваше „Истрагата е во тек … до кога?“.
За време на протестот, Антонио Михајлов, претставник на Националната мрежа за борба против хомофобијата во Македонија, како и на организацијата Субверзивен фронт, изјави:
„Тука сме да го изразиме нашиот револт против неказнувањето на насилството врз ЛГБТИ заедницата во Македонија. Овој звук од кршењето и нападите врз ЛГБТИ центарот во Скопје пренесуваме порака на револт, незадоволство и гнев што повеќе од 2 години, случаите стојат некаде во фиоките или воопшто не се процесирани од страна на надлежните органи“.
Тој потсети дека овој протест не е само за водењето на предистражна постапка за нападот врз Дамар, туку и за четири останати случаи за кои досега не се идентификувани напаѓачите.
Михајлов исто така го запраша државниот јавен обвинител Марко Зврлевски како тој или членовите на неговото семејство би се чувствувале доколку би доживеале сличен напад.
Организаторите велат дека по денешниот протест кој траеше траеше петнаесеттина минути, мирните протести ќе продолжат се додека не се решат сите досегашни случаи на напади врз ЛГБТИ заедницата.