01 Nov Денес е 1-ви ноември – „Меѓународен ден на корисниците на дрога”
Денес е 1-ви ноември – „Меѓународен ден на корисниците на дрога”, ден кога луѓето кои употребуваат дрога ја слават силата и разновидноста на својата заедница, солидарноста и еманципацијата.
Овој ден го одбележуваме со изјавата на „Меѓународната мрежа на луѓе кои употребуваат дроги” и повикуваме на прекин на “војната против дрогите“, напуштање на идеите што водат кон забрана и криминализација и престанок на стигмата и дискриминацијата што ја оправдуваат т.н. “војна против дрогите” и резултираат во масовни повреди на човековите права на лицата кои употребуваат дроги и нивните најблиски.
Идејата за еден ден од годината да биде посветен на постоењето, достигнувањата, животот и работата на луѓето кои користат дроги и нивните акции што го менуваат светот, ја иницираше Холанѓанецот и активистот Тео ван Дам.
Во 1999 г,. Тео ван Дам престојуваше во Македонија, како предавач на семинарот што ХОПС го организираше во соработка со Канцеларијата на Советот на Европа во Македонија, на кој зборуваше за улогата на корисниците на дроги во програмите за намалување на штети и ги пренесе своите искуства како активист за правата на луѓето кои употребуваат дрога.
Во продолжение ви пренесуваме дел од изјавата на Меѓународната мрежа на луѓе кои употребуваат дрога.
„Насекаде во светот, луѓето кои употребуваат дроги се демонизирани и стереотипизирани. Луѓето кои употребуваат дроги се стигматизирани како болни и опасни и постојано се оцрнуваат како неспособни да се грижат за себе или за своите најблиски. Стигматизирањето на луѓето кои употребуваат дроги поттикнува дискриминација и води кон социјално исклучување, што се одразува врз нивното здравје и општа благосостојба. Стигмата и стереотипите се она што само ја оправдуваат т.н. “војна против дрогите” и резултираат во масовни повреди на човековите права на лицата кои употребуваат дроги, повреди кои во најголем број случаи остануваат неказнети.
Повредите на човековите права на лицата кои употребуваат дроги се премногу чести. Луѓето кои употребуваат дроги се апсат и затвораат. Се затвораат на присилна работа во кампови. Предмет се на тортура и егзекуции. Постојано им се одбива пристап до здравствените и социјалните услуги, како и до програмите за намалување на штети. Малтретирани се и напаѓани од страна на полицијата. “Војната против дрогите”, војната што е главна причина за сите овие повреди, се покажа како чист неуспех (дури и во однос на сопствените промашени цели), бидејќи не успеа да ја намали употребата на дрога и наместо тоа, предизвика огромни штети по животите на луѓето кои употребуваат дрога и заедниците на кои тие им припаѓаат.”
Преземено од ХОПС