02 Dec Реакција до медиуми
Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ најостро реагира против сензационалистичкото, стереотипизирачко и стигматизирачко пренесување на информациите поврзани со последните податоци за состојбата со ХИВ/СИДА во Македонија, а кои беа објавени во дел од македонскиот медиумски простор на 30.11.2010.
Сензационалистичкиот пристап во пренесувањето на информациите беше евидентен во фактот што голем дел од насловите од весниците ширењето на ХИВ вирусот и СИДА го доведоа во непосредна врска со хомосексуалноста, односно лицата со поинаква сексуална ориентација и идентитет. По однос на ваквата стратегија на информирање и реторика реагираме врз основа на неколку причини.
Прво, податоците кои се пренесени се однесуваат на мал процент на мажи кои имаат секс со мажи, а кои претставуваат категорија во употреба за целите на епидемолошката евиденција и стратегиите на превенција. Мажите кои имаат секс со мажи не може и не смеат да бидат изедначени со хомосексуалците, затоа што во првиот случај станува збор за сексуално однесување и акти, додека во вториот за самоидентификација и самодефиниран сексуален идентитет.
Понатаму, овие бројки сами по себе не пренесуваат никаква квалитативна, нити пак суштински аналитичка информација по однос прашањето за пренос на вирусот, бидејќи истите не се споредени со бројките од претходните години, со бројките во светски размери, и не се воопшто доведени ниту во врска со културните, социјалните, бихевиоралните фактори. Голото повторување на бројки доведува единствено до слепа циркулација на стереотипи и ’факти’ без притоа да се разгледуваат нивните причинители и ефективно да се застане во борба против негативните фактори и структури.
Како трето би сакале да нагласиме дека преносот на вирусот не се поврзува со категории луѓе, карактери и идентитети, туку единствено со видови на однесување. На тој начин, би сакале да повториме уште еднаш, не постојат ризични категории на граѓани, постојат единствено ризични однесувања кои можат да бидат подеднакво присутни кај сите луѓе без разлика на нивните специфики и разлики.
Конечно, дека станува збор за стеротипизирачки и стигматизирачки сензационализам ни сведочи уште еден факт. Во претходните години во Македонија доминантен начин на пренос беше хетеросексуалениот, денес 50% од регистрираните случаи се хетеросекуссалци, па сепак нити еднаш главниот наслов во вестите во медиуми не посочувал на директен, нужен и природен линк помеѓу хетеросексуалците и ХИВ/СИДАТА. Ваквата медиумска реторика со големо жалење може само да не потсети на почетоците на ХИВ епидемијата кога сите предрасуди, омразата, дискриминацијата, исклучувањето и стереотипите кон маргинализираните групи беа дополнително злоупотребени за да овие луѓе се посочат како главни виновници за вирусот, и врз основа на тоа, да се оправда целокупното насилство и опресија не само врз хомосексуалците, туку и трансродните лица, корисниците на дрога, сексуалните работници, расните и етничките малцинства, и луѓето со поинаков животен стил.
Употребата на ваква стигматизирачка реторика од страна на дел од медиумите станува уште поалармантна доколку се земе предвид интензивирањето на хомофобијата во Македонија, посебно во текот на последната година и последниов месец. Како потсетување само би напоменале неколку примери. Хомофобичните искази кои ја проследија дебатата за законот за недискриминација. Понатаму, хомофобијата во образованието и игнорирањето од страна на Министерот за образование по однос сите упатени барања и петиција за повлекување на хомофобичите учебници и измена на наставните програми, како и сузбивањето на критичката мисла по однос овие прашања (тужба против Ирена Цветковиќ). Континуираните хомофобични колумни на Драган Павловиќ Латас, од кои посебно згрозувачка беше колумната со наслов ’Знамиња’ во која се поттикнуваше страв и нетрпеливост кон хомосексуалците како „закана“ и „опасност“, не само за граѓаните на Република Македонија, туку и за целиот човечки род, и имплицитното се одобруваа насилниците кои на најбрутален начин се обидоа да ја попречат Парадата на гордоста во Белград , како и јавното обелоденување на ХИВ статусот на лице затвореник. Во оваа насока се придружува и текстот ’Белата чума и хомосексуалноста’ потпишан од новинарката Марија Дамјановска во весникот Нова Македонија кој изобилуваше со расистички, националистички и хомофобични инсинуации, како и патологизација и дискриминација на нехетеросексуалците. Последна во оваа серија хомофобични искази е емисијата Медикал на Канал 5, односно емисијата од 30.11.2010 во која беше повеќе од евидентна тенденцијата на водителката да креира негативна атмосфера кон хомосексуалците и, повторно, да ја збогати стигмата со доведувањето на истите во каузална врска со ХИВ/СИДА.
Ја користиме оваа прилика да го поздаравиме пристапот на повеќето медиуми (А1, Алфа, Сител, Канал 5, МРТВ, АБ, Дневник, Шпиц, Утрински весник, Вест, радио Метрополис, радио Дојче Веле, интернет медиумите и други) кои известуваа врз основа на принципите на истражувачкото новинарство и чии објави на 1 и 2 декември се засноваа на сите информации произлезени од државните и граѓанските организации кои се одговорни и релевантни за ХИВ во Македонија. Начините на кои тие ја објавија веста беше несензационалистички, не стигматизираше и не бараше виновници, туку повикуваше на поголема информираност, превенција и почитување на правата. Особено го цениме фактот што овие медиуми овозможија да се чуе гласот на лицата кои живеат со ХИВ и да се отвори јавна дебата за нивните предизвици и барања.
За крај повторуваме, на 1 ви декември 2010, дека светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА се однесуваше на и упатува силен апел за :
-почитување на човековите права и намалување на стигмата и дискриминацијата кон лицата кои живеат со ХИВ и групите кои се изложени на најголем ризик од ХИВ
-подобрување на животот на на лицата кои живеат со ХИВ особено во обезбедување на пристап до терапија и социјална заштита, како и нивно, поголемо општествено вклучување
-зголемена информираност на младите и населението за ХИВ превенцијата
-да се зголеми информираноста и пристапот кон сервисите за доброволно и доверливо советување и тестирање за ХИВ