02 Oct Соопштение за јавност
На 02.10.2014 година Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ одржа прес-конференција во Клубот на новинари во Скопје.
Платформата ја сочинуваат 16 граѓански организации коишто директно се вклучени во спроведувањето на теренските активности за превенција, грижа и поддршка за ХИВ помеѓу ранливите групи граѓани.
Како претставници на платформата од 16 здруженија коишто секојдневно работат на терен со ранливи групи граѓани и коишто редовно ги следат истражувањата и научните податоци поврзани со превенцијата и лекувањето на ХИВ, потсетуваме на следните факти:
– За да се заштитиме од ХИВ најважно е да користиме заштита, односно кондом при секој сексуален однос, без разлика на полот, сексуалната ориентација, брачниот статус, надворешниот изглед на партнерот/партнерката.
– Крвниот начин на пренос на ХИВ се спречува со употреба на стерилна опрема при инјектирање на дрога, односно со употреба на стерилни инструменти при медицински и останати интервенции
– ХИВ не претставува директно пренослива инфекција, невозможно е да се пренесе преку вообичаените социјални контакти и затоа не смее да се третира како карантинска болест и да се нарекува „зараза“
– ХИВ претставува хронична инфекција со којашто, доколку се открие навремено, како и со соодветна здравствена грижа и терапија, луѓето живеат долг и квалитетен живот, со животен век кој е речиси еднаков на оној кај општата популација
-Докажаните начини да се контролира ХИВ-инфекцијата се зголемувањето опфатот на доброволното тестирање за ХИВ кај населението и обезбедувањето навремена терапија за оние што живеат со вирусот
– Обединетите нации децидно нагласуваат дека нема успешна контрола на ХИВ инфекцијата без почитувањето и промоцијата на човековите права на најранливите групи граѓани
Дополнително, како претставници на Платформата:
– Апелираме до сите дека сензационалистичкото известување за местото на живеење, возраста, образовната средина, сексуалното однесување и сл. не само што можат да доведат до индиректно разоткривање на нечиј идентитет, туку и сериозно ги обесхрабруваат луѓето да се тестираат за ХИВ; а оние што веќе се тестирале и се ХИВ-позитивни, ги одвраќаат од тоа да побараат здравствена грижа и да пристапат кон лекување
– Апелираме до стручната јавност при известувањето да користи информации коишто ќе понудат сеопфатно информирање на јавноста за начините на пренос и превенција од ХИВ, и нема да ја доведат јавноста во паника и да поттикнат стигма кон дел од граѓаните во земјата
– Апелираме до јавноста дека нема простор за паника доколку во нивното семејство, образовната и животната средина некое лице има ХИВ
-Потсетуваме дека е од огромна важност, луѓето кои биле во ризик, што порано да го дознаат својот ХИВ-позитивен статус, бидејќи навремената терапија значи долг, здрав и квалитетен живот. Исто така, терапијата значи и превенција, бидејќи т.н. антиретровирусни лекови ја намалуваат веројатноста за пренос на вирусот по сексуален пат за дури 96%
– Апелираме до Владата на Република Македонија дека по заминувањето на Глобалниот фонд во 2016 година, кога Македонија ќе престане да прима донациски средства за програмите за ХИВ, државата ќе треба да изнајде начин како овие клучни јавноздравствени програми да продолжат успешно да функционираат во соработка на граѓанскиот сектор и Министерството за здравство.
Елизабета Божиноска,
програмска раководителка во ХЕРА
078 396 186