Соопштение за медиуми: Одбележан Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата

Соопштение за медиуми: Одбележан Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата

Скопје, 18 мај 2014

 

Денес, на Школка во Градскиот парк симболично беше одбележан IDAHO – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата. Оваа година, IDAHO беше посветен на борбата против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентиет, како една од главните политички потреби на ЛГБТИ заедницата, преку измена и дополнување на Член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Организаторот на настанот – „Иницијатива Член 3: Поддршка и солидарност со ЛГБТИ заедницата“ успеа да привлече посетители кои од 12:00 можеа да ја проследат 4-часовната програма, во која акцент беше ставен на повикот за поддршка и солидарност кон оваа ранлива и маргинализирана општествена група.

 

„Четири години по донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, потребата од негова измена и дополнување е сè поочигледна, посебно поради фактот што ЛГБТИ заедницата е постојано жртва на хомофобичен и трансфобичен говор на омраза, семејно насилство, непостоење/одбивање на здравствени услуги, физичко и вербално насилство во јавниот простор, и уште поважно, непостапување или изземање од надлежност од страна на релевантните институции во случаи на евидентирана дискриминација. “ – вели Драгана Дрндаревска, од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, која е носител на Иницијативата „Член 3“.

 

Уранија Пировска од Хелсиншкиот Комитет на Република Македонија додаде „Денешниот настан го сметаме за голем успех на ЛГБТИ заедницата во Македонија, бидејќи за прв пат организирано излегуваме во јавен простор. Поддршката и солидарноста со ЛГБТИ заедницата е се’ поголема и фронтот се шири.“

Една од активностите во вчерашната програма вклучуваше потпишување на картички до пратениците со барања за иницирање на измени во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

 

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ:

Американскиот народ, преку УСАИД, има инвестирано околу 500 милиони американски долари во Македонија од 1993. УСАИД работи со луѓето од Македонија за да креира работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да се подобри интегрираното образование и студентите да се подготват за работна сила. Овие иницијативи го подобруваат квалитетот на живот и ја поддржуваат македонската транзиција кон една стабилна и просперитетна демократија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји. За повеќе информации посетете ја веб страницата macedonia.usaid.gov или www.facebook.com/USAIDMacedonia