Соопштение за јавност – одржан петтиот Mарш на толеранцијата

Соопштение за јавност – одржан петтиот Mарш на толеранцијата

На 16 ноември, 2013 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центарот за поддршка во соработка со уште четиринаесет други невладини организации, по петти пат го организираа Маршот на толеранцијата одлучувајќи заедно да му кажат НЕ на насилството кое станува дел од секојдневието на нашето општество.

 

Маршот, кој се одржа под слоганот „Македонија има љубов за сите – Насилството не почнало и нема да заврши со мене!“ и чија цел беше одбележувањето на Меѓународниот ден на толеранцијата, беше посветен на правото на живот ослободен од насилство. Симболично во пет минути до дванаесет часот пред Владата на Република Македонија, овогодинешниот Марш започна со кратко излагање на претставници од секоја од организациите кои земаа учество во настанот, каде од аспектот на својот делокруг ги претставија предизвиците на насилното однесување со кое секојдневно се соочуваат. Иако говорите се разликуваа, пораката во нив беше иста – НЕ за насилството, НЕ за молкот на институциите, НЕ за неказнивоста на насилниците!!!

 

Оттаму, поворката се упати кон центарот на градот, од каде преку Камениот мост пристигна на платото пред стоковната куќа Мост, каде првиот дел од настанот заврши со културно уметничка програма, поетски стихови и музика. Обележувањето на Меѓународниот ден на толеранцијата заврши со проекција на кратки филмови и дебата, по што следеше краток коктел и забава.

 

Задоволство ни е да изјавиме дека Маршот помина мирно и без никакви инциденти. Хелсиншкиот комитет и ЛГБТИ Центарот за поддршка ја поздравуваат професионалноста и добрата соработка со полициските службеници од СВР Скопје при Министерството за внатрешни работи. Присуството на припадниците на Полицијата со својата добра организација и висока видливост во текот на целиот настан се покажа како доволно за да се избегнат сите инциденти кои можеби и се закануваа на успешната организација на Маршот.

 

Невладините организации кои во овогодинешната поворка решија да застанат заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права и ЛГБТИ Центарот за поддршка во осудата на насилството и неговата неказнивост се: Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Tiiiit! Inc. – женско движење, Субверзивен фронт – здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста, СТАР – СТАР – Граѓанска инцијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници, TerraFloria – здружение за заштита на животната средина, Паркобрани, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилствo, ХОПС– Опции за здрав живот,Анима Мунди – здружение за заштита на животни, НРЦ – Национален Ромски Центар, Civil – Центар за слобода, Плоштад Слобода и МОФ – Младински образовен форум.

 

Преземено од lgbti.mk/