Реакција на говорот на омраза и дискриминација кон ЛГБТИ луѓето во собраниската дебата за уставни измени

Реакција на говорот на омраза и дискриминација кон ЛГБТИ луѓето во собраниската дебата за уставни измени

Запрете ја хомофобичната кампања која поттикнува омраза, дискриминација и насилство!

 

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, згрозена од политичкиот варваризам, најостро го осудува говорот на омраза и дискриминацијата кон ЛГБТИ луѓето искажан вчера во Собранието на Р. Македонија по повод предлог уставните измени за дефинирање на бракот.

 

И на врапчињата на покривите им е сосема јасно дека иницијативата за уставни измени е всушност „нов бран“ на старата партиско-медиумска кампања која шири говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето, и создава ирационален страв и паника дека „геј лобито“ е закана за „здравата нација“ и причина за „рецесија на наталитетот“. Токму затоа, најостро ја осудуваме повторната злоупотреба на парламентарната дебата и собраниската говорница за предизвикување на „нов бран“ чувство на пониженост и повреда на достоинството на група луѓе врз основа на сексуална ориентација.

 

Како да се сфати постојаното инсистирање на владејачката партија да се води јавна расправа на тема „истополови бракови“, кога ЛГБТИ луѓето се изложени на неказнето насилство и на постојани закани и дискриминација во сите општествени сфери, кога полицијата се уште ги нема пронајдено силеџиите кои извршија дивјачки напади врз активисти и организации за човековите права на ЛГБТИ, и кога ниту една невладина организација во Република Македонија не го покренува прашањето за редефинирање на бракот?

 

Слично како во 2010, владејачката партија и провладините медиуми шират омраза и поттикнуваат дискриминација обидувајќи се да ја манипулираат јавноста со прашањето за „истополови бракови“.Тогаш собраниската говорница беше злоупотребена при носењето на законот за заштита од дискриминација. Сега повторно сме сведоци на говор на омраза и нетолеранција од одделни пратеници и на бесрамни обиди за манипулација на јавноста за време на т.н. собраниска „дебата“ за уставно „прецизирање“ на бракот. Манипулациите одат до таму што јавно се изнесуваат лажни тврдења дека пред Уставниот суд била поднесена иницијатива за легализирање на истополови бракови, иако стануваше збор за сосема друг вид иницијатива, односно пошироко дефинирање на „лични и блиски односи“ со цел овозможување на заштита од семејно насилство и на партнери од ист пол. Дали пратеникот Владимир Ѓорчев мисли дека може да ги лиши геј луѓето од нивните лични блиски односи или самиот тој не го разбира терминот?

 

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, како и во 2012 години преку барањето за усвојување на Декларација за осуда на говорот на омраза кон маргинализираните заедници, повторно јавно ги повикува пратениците во Собранието да се воздржат од понижувачки и недостоинствен говор кон ЛГБТИ луѓето и да почнат да го почитуваат Законот за заштита од дискриминација кој самите го донесоа. Потсетуваме дека Комисијата за заштита од дискриминација во 2011 веќе утврди вознемирување, предизвикување на чувство на пониженост, и повреда на достоинството на група луѓе кое произлегува од дискриминаторска основа, во содржините на учебникот кој хомосексуалноста и лезбејството ги претставуваше како „опачини“ и како „изопачен, неприроден, и ненормален живот“, а хомосексуалците како „личности со психички потешкотии и пречки“. За жал, повторно сме сведоци на политички говор кој нема ништо заедничко со слободата на изразување и демократската дебата, но кој има многу заедничко со говорот на омраза и нетолеранција. Сметаме дека е политички перверзно и нехумано политичката партија која во континуитет одбива да прифати дијалог и да отвори јавна расправа во однос на осудата на говорот на омраза како и воопшто да ги спомене ЛГБТИ луѓето во контекст на заштита на истите од насилство и дискриминација, да отвора дебата за прашања за коишто ниту ја консултирала, ниту самата заедница ги побарала. ЛГБТИ луѓето ниту во најлошиот научно-фантастичен филм не очекуваат дека би виделе ваква опсесија, имагинација и желба за нивните интимни животи, колку што можеше да се слушне во говорите на Влатко Ѓорчев.

 

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ апелира до владејачката партија да ја запре перманентната пропагандна кампања против истополови бракови која поттикнува дискриминација и насилство врз основа на сексуална ориентација.Таквата негативна кампања денес не е својствена ниту за европските конзервативисти, ниту пак за десничарите. Имено, токму конзервативците на власт во Британија донесоа закон за истополови бракови, а десничарската Европска народна партија (во која членува и ВМРО-ДПМНЕ) отворено застанува во борба против говорот на омраза и дискриминацијаврз ЛГБТИ луѓето (писмото од Европската Народна Партија ви го доставуваме во прилог).

 

Идејата за уставни измени нема ништо заедничко ниту пак со традицијата која ја афирмира пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ (античкиот македонизам). Како е можно истите пратеници кои ги величаат полигамистите Филип II (кој имал дури седум сопруги) и Александар Македонски (кој во еден ден се оженил со две перциски принцезии стовремено), сега јавно да се залагаат за „одбрана на традиционалните вредности“ и за „бракот исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена“? Дали третманот на жената како предмет на размена меѓу мажи од две фамилии е традицијата на бракот за којашто се застапуваат пратениците од ВМРО ДПМНЕ? До кога пратениците на ВМРО ДПМНЕ ќе ја манипулираат македонската јавност со лаги за историјата и традицијата?

 

Наместо бесплодни расправи за прашања кои никој не ги покренува, Коалицијата бара од Собранието и од Владата да подготват легислатива која ќе го стопира неказнетото насилство (кривичните дела од омраза) и говорот на омраза (врз сите основи, вклучително и врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет).