На љубовта ѝ е потребен ризик

На љубовта ѝ е потребен ризик

Потребен ми е некој чиј дух сече како сатар на трупец, за кого и врвот на апсурдот е возвишен, а врвките на обувките заслужуваат обожавање. Кому да ја откријам неодложната потреба на мојата страст? Ужаснат сум колку е величествено „нивното“ чувство за ред, колку е убава нивната послушност. Без здив сум од трчаницата и од победата. А пулсот така ми удира врз челото, зад очите, што сè танцува. Нема ништо мирно, ништо средено во оваа вселена. Сите нешта поигруваат, танцуваат. Сè е движење. (Вирџинија Вулф)

 

Она што е важно да се каже е дека на љубовта ѝ е потребен ризик. Одбраната на љубовта сфатена како ризик не е сaмо филозофска, дискурзивна, уметничка практика. Тоа е политичка но и онтолошка поставеност на оваа емотивна и интелектуална човекова одредница. Тоа веројатно би значело, како што вели поетот Рембо, нејзино одново и одново измислување. Треба одново да се измислуваат авантурата и ризикот на љубовта како борба против конфорот и сигурноста.

 

Проектот на Велимир Жерновски, наречен „Сета убавина мора да умре“, во кураторство на Славчо Димитров, го сметам за крик против насилството на наметнатиот, „достоен“ и со закони нормиран концепт на љубовта. Ова е проект-парадигма кој го провоцира копнежот да се соочиме и да ја отргнеме наметката на љубовта, која го исклучува ризикот, која лоботомизира и која колективизира. Ова е проект кој јасно се поставува наспрема обожавањето, наспрема послушноста, наспрема великоста на разулавените тела кои се во победничка, доминантна напрегнатост. Жерновски нежно, но јасно и прецизно танцува по рабните полиња на доминантните општествени императиви, фрагментирајќи ги, расцепкувајќи ги и претворајќи ги во калеидоскоп низ кој доколку погледнеме ќе треба да се мобилизираме во и за една поинаква вредност, различна од онаа наметната како единствена вистина. Проектот „Сета убавина мора да умре“, бара од нас мобилизација на нашите сетила, на нашиот мислечки и вредносен апарат, на нашата одговорност кон себеси и кон другиот.

 

Нашето општество конструираше сцена на спектаклот на која се поставени, во една апсурдна и насилна динамика, конфорот и стравот, исклучувајќи го ризикот како чин на обмислено дејствување и преземање одговорност. Ризикот е инцидент, случајна ситуација во која субјектот не сакајќи се нашол. Тој не е придвижувачки, креативен политички и интимен акт, кој води кон посакуваната промена, кон сонуваните простори. Ризикот е злосторство, па следствено, и ненормираната љубов е злосторство.

 

Ова е општество кое наложува, дисциплинира, пропагира, врамува, одредува. Ги одредува идентитетите, начините на вдишување и издишување на светот, ги одредува границите на слободата, ја пропишува граматиката на изразувањето, ја формулира љубовта (како заедница помеѓу маж и жена), ја контролира истата, ги контролира траекториите и значењата на родителството, ја обезвреднува и понижува заедницата со банален, но, едновремено, и брутален пропаганден материјал. Општество кое насилно ви ги впишува „брановите“ на вашето мислење, на вашиот говор, на вашите соништа, наметнувајќи ја конечната адреса на местото каде што вашето тело треба да се вдоми – адресата на супериорниот морал, кој е пропишан од владетелот.

 

Токму затоа сметам дека проектот на Велимир Жерновски и Славчо Димитров е фронтална и храбра битка за воспоставување на контекст во кој нема да владее виктимизацијата како колективно орудие. Жерновски злото и насилието на државниот и идеолошкиот апарат ги артикулира преку контрапланот на еден интимен визуелен и јазичен крик низ кој телото има увид во потребата на своето ослободување од прангите на зададената патријархална, маскулинистичка тиранија.Преку два вида текстуално обликување (визуелниот и јазичниот), создадена е субверзивна нарација, која се бори со авторитарноста на доминантната нарација.

 

Од месец на месец нештата сè повеќе губат од својата цврстина. Дури и моето тело сега пропушта светлина. Сонувам. Сонувам. Но тука сум никој и ништо. Ова големо друштво, облечено во темен серж, сака да ми го украде идентитетот. Сите ние сме тапи, без пријатели. Ќе побарам еден лик, смирен, тивок, невидлив лик, ќе го прогласам за сезнаен, ќе го носам под облеката како талисман, а потоа ќе најдам мала ливада во шумата и таму ќе направам изложба на моето необично богатство. Тоа си го ветувам и затоа нема да плачам. Секое глаголско време значи нешто друго. Има ред на овој свет? Постојат одлики, постојат разлики на овој свет по чиј раб чекорам. Зашто ова е само почеток. (Вирџинија Вулф)

 

Лудвиг Витгенштајн во еден свој запис радикално инсистира дека не смееме злото, насилието, одвратноста да ги мериме преку бројот на жртвите. Тој во 1944 година, насред ужасите на Втората светска војна, забележува: „Никаква колективна мака не може да биде поголема од онаа која може да ја претрпи секој еден човек. Целата планета не може да почувствува поголема мака од една душа.“ Значи, вистинитоста на Витгенштајн за злото не може да има мерливи индикатори, не се мери со бројки и статистики. Злосторот е единствен и недозволив без оглед на тоа дали го преживува еден или мноштво.

 

Каква вистина испитува, искусува, истражува и презентира Жерновски? Перспективата на моето читање е во насока на суптилното промовирање на различното читање на телото (класно, национално, општествено, интимно), кое сака да љуби во некоја поинаква напрегнатост, различна од онаа која колективот доминантно ја прифаќа. Во филозофскиот жаргон љубовта претставува интимна постапка на вистината, односно искуство околу кое се гради одреден вид вистина. Вистина за Двајца, вели Ален Бадју. Вистина за различноста како таква. Љубовта во таа смисла, секоја љубов која прифаќа искушенија, која го прифаќа светот заснован врз темелите на различноста, создава нова вистина за различноста. Секоја љубов предлага ново искуство за она што значи да се биде двајца, а не едно. Секоја љубов ни дава доказ дека светот може да биде откриен и искусуван со поинаква семантичка вредност. „Токму затоа ја љубиме љубовта, но љубиме и другите да љубат. Тоа е така затоа што ја љубиме вистината.“, вели Бадју. Луѓето ја сакаат вистината дури и кога не знаат дека ја сакаат. Еден аспект од вистината за која ни говори Жерновски е токму таа – копнежот по соочувачка артикулација на различното толкување на љубовта, но и на насилството врз љубовта.

 

Насилството не е ништо друго освен најфлагрантна манифестација на моќта. Апокалиптична шаховска игра помеѓу претендентите за моќ, која се игра во согласност со правилото „кој и да победи тоа е крај за двајцата“. Нејзината рационална цел е застрашување. Жерновски и Димитров, со проектот „Сета убавина мора да умре“, не само дискурзивно и естетски, туку и активистички и со темелна општествена одговорност кон потребата за ослободување на субјектот, се поставуваат наспрема застрашувачкото паноптикумско насилие врз колективот, а со тоа и врз секој еден. Овој проект е закрила за секој кој е застрашен од баналноста на злото и поттик за преземање активна иницијатива во битката со неговите мноштвени наличја.

 

 

Автор: Искра Гешоска

Извор: okno.mk