Ало хомофоби, олабавете! Што сакате, хомокауст?!

Ало хомофоби, олабавете! Што сакате, хомокауст?!

Сакам јасно и недвосмислено да се приклучам на осудата и апелот за прекин на насилството и омразата кон ЛГТБ заедницата и поединци.

 

Станува сè поевидентно дека говорот на омраза, повикувањето на црковни доктрини или традиционални вредности, лажното морализирање, политиките на отворена дискриминација, сè повеќе водат кон растечко насилство против една малцинска група граѓани.

 

Последните напади од страна на банди тинејџери или маскирани лица се само потврда дека лудилото е во подем. МВР која се фали за пофалби од Стејт департментот, треба да престане да биде нем набљудувач или соучесник, и да ја потврди својата наводна ефикасност со пронаѓање на насилниците.

 

Воедно, отсуството на осуда за ваквите постапки од страна на владејачката партија, прави повеќе галама одошто ја смирува ситуацијата и личи ако не како прегрнување, тогаш како галење на овие загрижувачки тенденции. Толерирањето на ваквите испади, носи ризик до цела една генерација на граѓани да се испрати порака дека хомофобијата е нешто сосема во ред.

 

Да, бидеме искрени, живеењето во режим на сите ни го прави животот тежок, правата ни се ускратени на сите нас без разлика дали сме геј или не. Но, ЛГБТ популацијата е двојно диксриминирана. Прво како граѓани на оваа земја кои треба да уживаат еднакви права и слободи, потоа и како индивидуи или група. Во едно конзервативно, неслободно, по дефолт дискриминирачко општество, да бидеш сатанизиран и поради својата интимна сексуална ориентација е навистина ужасно, ако не средновековно.

 

Ако на тоа го додадеме и растечко насилство, насочено кон едно малцинство кое режимот отворено го негира или стигматизира, тоа веќе е чист нацизам и тука секој граѓанин, без разлика во што верува или како се чувствува, треба да се загрижи. Можеби утре тој ќе се најде на удар.

 

Деновиве еден млад актер ја раскажа својата приказна, им објасни на сите колку е важна личноста, колку и покрај сите можни различности сме исти или барем така треба да се третираме едни со други. Дечкото доби пофалби, но и цинични критики, демек: не си ти Рок Хадсон (машкиот секс симбол од 50-тте години), па да нè замараш со твоето признавање. За мене лично, признавањето е најмала од работите. Петар можел порано, можел подоцна, но, факт е дека е еден од ретките што имал храброст во ова општество да истапи.

 

Петар мораше да ви го објаснува очигледното, нешто што како нормални луѓе треба сами да го разберете, но ете, некои (не)луѓе попрво избираат самите да се избркаат од членство меѓу човештвото.

 

Само накратко ќе ви кажам до кај може да отиде хомофобијата. Нацистите имаат убиено преку 100 илјади германски хомосексуалци, луѓе кои ги обележувале со розов триаголник. Која контрадикција за аријанската раса, која, нели, по крв не може да биде различна од повеќето. Сакам да ви кажам, ако будалата или нацистот убива една различност, тој сака да ја убие секоја различност. Затоа, ценете, почитувајте и бранете ја секоја различност, затоа што во нејзе впрочем и лежи нашата човечност.

 

 

Автор: Ивор Мицковски

Слика: Свирачиња

Прземено од Окно.мк