29 Sep Демократијата е нашето последно засолниште! (Реакција на новинарски текст)
Пишувам и реагирам загрижено после објавата на текст во еден од македонските медиуми кој претставуваше референца за слободата на критичкото мислење и пример за одржување на јавна сфера со демократски потенцијал, медиум кој со години во својата работа беше насочен од мотивот за креирање на македонското општество како општество чиишто основни вредности се слободата, еднаквоста и правдата. Овој текст го пишувам како остра реакција на текстот објавен во дневниот весник ’Дневник’, на 23.09.2011, со наслов ’Европската хомосексуалност и балканските правила: Семејството е нашето последно засолниште!’, а под авторство на Бобан Нонковиќ. Текстот, и покрај провидните реторичките оградувања на авторот, тврдам дека претставува класичен обид за деградирање, стигматизирање и дехуманизирање на нехетеросексуалците, односно веќе проверена и утврдена реторика на шовинизам и популистичка манипулација која креира морална паника.
Имено, станува збор за текст во кој останува нејасно дали се работи за новинарски став или за теолошка проповеда. Остануваат нејасни серија експертските и научните извори на кои новинарот се повикува, што навистина е недозволива постапка за сериозен новинарски профил и истражувачки професионален пристап. Недвосмислено и јасно е усвоено од сите релевантни научни асоцијации (Светска здравствена асоцијација, Американската психијатриска асоцијација, Американската психолошка асоцијација, Американската асоцијација на педијатри, Македонската психијатриска асоцијација, Австралиската медицинска асоцијација итн.) и авторитети дека варијациите на сексуалната ориентација не претставуваат резултат на патолошки психо-сексуален развој, на трауми од несоодветно детство, нити пак се последица на инфериорност во менталниот и физичкиот развој. Референците на кои авторот се повикува во текстот се или непостоечки, или идеолошки индоктринирани и конзервативни квазинаучни позиции или се нерелавантни и испревртени и изманипулирани податоци. Истата манипулација со аргументи се среќава и во обвинувањата за педофилија и инцестуозност на хомосексуалците (антрополошките истражувања покажуваат дека првите културни забрани за инцест се однесуваат на хетеросексуалниот инцест како опасност). Додека како врвен авторитет се повикуваат репрезентите на католичката црква, авторот, по се изгледа, заборава дека истиот негов авторитет со децении го бијат скандали за педофилија.
Понатаму, загрижувачки се импликациите на текстот дека истополовите романтични врски и семејни заедници се редуцираат на ненормални, неприродни, и во крајна линија, воопшто не се препознаваат како легитимни интимни човечки заедници. Повторно, ваквиот став е комплетно неподржан во научните истражувања кои покажуваат дека најголемиот број хомо/бисексуални лица се способни за љубов, посакуваат и успешно формираат долготрајни и среќни романтични врски, дека во споредба со хетеросексуалните двојки се поегалитарни во распределбата на родовите улоги и поделбата на трудот во домот, подобро се справуваат со конфликти во врски и се помалку агресивни кон партнерите. Децата пак на истополовите двојки, истражувањата покажуваат, се исто онолку психо-социјално адаптирани и покажуваат инциденца на нехетеросексуалност како и децатаод хетеросексуални бракови[1]. Од друга страна, во целиот контекст провејува морализаторскиот тон со кој целосно се прогонува сексуалноста и стигматизира сексуалната активност, реторика препознатлива во историјата на мизогинијата и хомофобијата. Очигледно за авторот на текстот, единственото легитимно човечко суштество кое смее да го ужива статусот на граѓанин на оваа држава е мажот/жената кои сексуалноста ја спозноваат и практикуваат единствено во брачната постела и романтичната прегратка, додека ’промискуитетноста’ е протерана како најголемо зло од ’Државата’ на Г-динот Нонковиќ. Застрашувачки е фактот дека за авторот на текстот сите граѓани кои одбиваат да се покорат и да ја следат хетеронормативната репродуктивна матрица треба да бидат предмет на гадење, дека сите алтернативни форми на сексуалност, интимност, љубов и идентификација треба да се табуизираат и подложат на деградирање. Па зарем овој модел не е модел на хомо (иста)-сексуалност со кој сексуалната норма се репродуцира самата себе, а иднината е хоризонт без разлики и промени, хоризонт на истото? Како во оваа ситуација новинарот ќе го оправда самотничкиот и нерепродуктивен живот на неговите библиски и христијански авторитети, како ќе ги регулира монашките редови во Македонија (поради економијата на текстот нема да влегувам во расправа која би го соголила комплетното непознавање на библиските текстови)?
Останува нејасно и зашто авторот на текстот од сите европски земји кои ги споменува смета дека Полска е репрезентативен и парадигматичен пример за добро, успешно општество, додека сите други земји се целосно делегитимирани, и покрај тоа што сите факти врз основа на серија параметри за оценка го покажуваат спротивното. Нејасно е и како тоа хомофобичната политика на властите во Полска која беше главниот противаргумент на демо-христијанската владеачка структура кога се носеше законот против дискриминација во Македонија станува главен аргумент и на еден независен новинар?
Нејасно, но и застрашувачко е и тврдењето дека парадата на гордоста во ’Белград, еднаш предизвика масовен бој на улиците, а во друг случај општо апсење на сите потенцијални анти-ЛГБТ настроени лица.’ Застрашувачка е карактеризацијата на оние луѓе кои го демолираа центарот на Белград, кои напаѓаа полицајци и кои беа подготвени крвнички да претепаат и убијат одредена група на граѓани, а што го направија во 2001, да се именуваат како демократски политички и идеолошки опоненти (потенцијални анти-ЛГБТ настроени лица), и истите да се претставуваат како политички жртви кои биле уапсени. Импликациите на овој исказ не ни помислувам да ги анализирам подалекусежно!
Тврдењето дека семејството останува нашето последно засолниште претставува еквивалент на тврдењето дека секоја надеж за живеење и развивање во политичката зедница со другите луѓе и граѓани е целосно изгубена, дека економските, социјалните и културните услови во државата се доведени до неподнослив минимум и дека споделеното и заедничко творење, градење, креирање и организирање на животот во заедницата како основна карактеристика на човекот како политичко битие се дотолку неповратно изгубени што единствената утеха што авторот на текстот им ја дава на македонските граѓани е спалната соба и светот на соништата под закрила на, навидум политички невината, приватната сфера. Овој квазиаргумент не претставува, за жал, никаква иновација во расправата кога станува збор за конзервативистичките и десничарски пропоненти. Сепак, во светот на науката и разумот, стотици реномирани светски универзитетски професори, културолози, социолози и психолози недвосмилено покажаа во изминативе 60 години дека секоја посериозно општетствена промена или криза резултира со измислување и посочување на жртвени јарци (групи граѓани) во кои се канализираат колективните фрустрации и политичката немоќ, а веќе маргинализираните групи и ранливи граѓани во вакви ситуации се најлесната популистичка референца за посочување на виновници. Ваквата стратегија на креирање на култура на сентименталност и деполитизација, како што покажуваат политиколозите, претставува манипулативен политички апарат за дефокусирање на јавноста од сериозните социо-политички и економски проблеми. Манипулацијата на општествено кризна ситуација преку креирање на морална паника и стигматизација, деградирање и девалвирање на одредена маргинализирана група, а во името на фантазматската безбедност на мнозинската популација, не претставува ништо друго освен бескрупулозно учество на еден новинар во политичкото препокривање на суштинските општествени тензии и проблеми.
Истата стратегија придонесува кон понатамошно онеспособување на политичкиот потенцијал на граѓаните за дејствување, промена и поставување на политички барања до власта преку имагинарното детектирање на виновници помеѓу граѓаните внатре државата и мечтаење за ветените подобри времиња (фантазматска конструкција)кои ќе бидат подарени од и кои се отелотворени во имагинарни политички конструкции како нацијата и универзалното и непроменливо семејство. Да поедноставиме, додека надвор, во јавната сфера, пламтат општествени антагонизми, нееднаквост, неправда и сиромаштија, граѓаните се повикуваат да ги прежалат оние кои се на работ на егзистенцијата, што е еднакво на социјално и симболичко убиство, и да се свртат кон удобната перница и безбедната спална соба на брачната заедница (додека стомаците им вијат од глад). По логиката на Г-динот Нонковиќ би требало општеството да го прогласиме за неповратно изгубено и заедничкото живеење да го замислиме како изолирано собирање на приватизирани и оттуѓени човечки битија кои ја имаат изгубено секоја способност и потенцијал за заедништво и политичко живеење. Уште повеќе, логиката на авторот, наместо критички да се поставува кон негативните последици што годините на транзиција ги имаат и кои го распрачија ткивото на заедницата, изгледа како да стреми кон одржување на ова статус кво на политичка и социјална парализа. Доколку Г-динот Нонковиќ е до толку загрижен за семејните вредности, многу пологично е да заземе про-семеен став отколку став насочен кон одредени групи. Простата логика наложува дека неговата загриженост би требало да продуцира барања насочени кон обезбедување на советувалишта за брачни парови, подобри економски услови за луѓе во брак како охрабрувачки мерки, борба против семејното насилство, проширување на образовниот курикулум со додатни предмети итн, и покрај тоа што останува фактот дека државата нема да може никогаш да воспостави целосен монопол над бракот на луѓето. Во спротивно веројатно би требало државата да ги забрани разводите. Едноставно оваа логика не држи води. Дали хомосексуалните врски се заразни? Дали доколку истополовите парови ги уживаат привилегиите на хетеросексуалните парови голем број хетеросексуалци би се одлучиле за истополов брак?Или пак е прашање на некое магично заразно делување од страна на хомосексуалците? Можеби местото на кое Нонковиќ би требало да се обрати се неподносливите семејни нормативи што пропишуваат улоги кои претставуваат неостварлив идеал кој како товар врз индивидуата е нужно подложен на неуспеси и растетерувања.
Не ме изненадува популистичкиот обид за делегитимизација на нехетеросексуалците преку делегитимизацијата на ЕУ и западноевропските земји, ова е веќе видена и анализирана стратегија кај дел од конзервативниот блок јавни личности и новинари во Македонија. Она што не загрижува е дека новинар-професионалец го манипулира својот медиум за изразување на сопствениот личен гнев од своето неодамнешно искуство, а како алатка за тоа, без никаков конкретен социјален повод (личните мотиви не би ги интерпретирал), ги зема хомосексуалците, група граѓани кои веќе се маргинализирани, исклучени и дискриминирани во рамки на традиционалистичкиот национален контекст. Очигледно Г-динот Нонковиќ не може да разбере дека се додека ги префрла социјалните проблеми во Македонија на друга страна и кај други инстанци, истовремено го подржува нашето онеспособување да се справуваме со проблемите и да демонстрираме потенцијал за правда сами, по демократски пат. Како што многу активисти ширум светот веќе извикуваа, “WE ARE HERE, WE ARE QUEER, SO DEAL WITH IT!”
За крај, останува нејасно дали новинарот има заборавено дека можноста на неговата професија, можноста да стекне позиција од која го пишува текстот за кој расправаме, ја има стекнато токму преку демократскиот развој, односно демократизацијата, отварање и плурализација на јавната сфера, истата онаа против која тој сега зборува? За крај, да се потсетиме. Основните граѓански императиви на солидарност, заедничките услови на постоење не прават возможни како индивидуи. Светот во кој живееме го градиме и менуваме заедно со другите кои се нашето првично и последно упориште. Улогата на медиумот е да отвора заеднички простор, просторот на јавната сфера, кон демократските афекти на љубов, почитување, подршка, разлики и солидарност.
Автор: Славчо Димитров, директор на Коалицијата
[1] Kurdek, L. A. (2005). What do we know about gay and lesbian couples? Current Directions in Psychological Science, 14, 251-254. И Goldberg, A. E., Epstein, R., & Riggs, D. W. (2010). Gay and lesbian parents and their children: Research on the family life cycle. Washington DC: American Psychological Association