31 May По повод Предлог законот за прекинување на бременоста (по скратена постапка)
Сосема се согласувам со иницијативата за донесување нов закон за прекинување на бременоста. Имено, стариот закон е донсен во 1972 година (Службен весник 22/1972), а не во 1977 година како што се тврди во предлогот поднесен од страна на Владата. Измени на законот се направени во 1976 и 1995 (значи никаде не се спомнува 1977 година).
Во меѓувреме, во Македонија се смени политичкиот систем, ја ратификувавме Европската конвенција за човековите права и низа други меѓународни документи од оваа област и го започнавме патот кон ЕУ.
Дефинитивно, треба да се донесе нов закон за прекинување на бременоста. Тогаш, што е проблемот со Предлогот на закон за прекинување на бременост поднесен од страна на Владата на 21.05.2013 година?
1.Прв проблем е скратената постапка во која се протуркува овој закон. По скратена постапка се носат промени на закони кои се од помала важност. Прашањето на абортусот е едно од најконтраверзните прашања на современиот свет, на кое се кршат копјата на религијата и концептот за човекови права. Тоа е прашање кое бара сериозна филозофска, етичка, правна и секако медицинска анализа. Такви анализи не се направени, што значи дека наместо демократска процедура, власта најдиктаторски и авторитарно го наметнува сопствениот поглед на свет и вредносен систем кој во многу елементи е спротивен на концептот за човековите права и основни слободи и ратификуваните од страна на Македонија конвенции поврзани со овој концепт. Отсуството на јавна расправа води кон единствен можен заклучок дека ПРЕДЛАГАЧОТ ЈА УЗУРПИРА ВЛАСТА И НА НЕДЕМОКРАТСКИ НАЧИН СЕ ОБИДУВА ДА РЕГУЛИРА ОДРЕДЕНА МАТЕРИЈА. НЕДЕМОКРАТСКОТО ПОСТАПУВАЊЕ СПОРЕД УНИВЕРЗАЛНАТА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВОДИ КОН БУНТ И НЕДЕМОКРАТСКО СИМНУВАЊЕ НА ВЛАСТОДРШЦИТЕ.
2. Втор проблем е тврдењето дека законот се носи со цел внесување промени соодветни “со современиот здравствен систем и актуелните методи и принципи на лекување“. Со оглед на тоа дека немало јавна расправа во која ќе може да се слушне гласот на стручњаците од оваа област и нема ниту една референца која што би упатувала на што точно мисли предлагачот, единствен можен заклучок е дека ПРЕДЛАГАЧОТ НА ЗАКОНОТ ЛАЖЕ.
3. Тврдењето дека овој Закон нема импликации врз буџетот на државата, односно, нема фискални импликации, е ЛАГА. Имено според чл. 8 од законот “Трошоците за работата на второстепената комисија паѓаат на товар на Министерството за здравство.“
4. Тврдењето на предлагачот дека станува збор за дополнување на Законот за прекинување на бременоста (дадено во воведот на предлагачот) е ЛАГА. Имено, воопшто не станува збор за дополнување туку за сосема нов закон, што јасно произлегува од материјалот доставен до Собранието на Република Македонија.
5. Проблем е што во законот не се предложени промени со кои ќе се адресираат недоследностите на претходниот закон и ќе се направи текст кој ќе соодветствува на определбата на Република Македонија да стане дел од ЕУ и своето право да го гради врз основа на концептот за човекови права.
6. Членот 2 од Законот според кој „Прекинување на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена“ е ЛАГА.Целокупниот натамошен текст на Законот е наменет токму за ограничување и оневозможување на жената слободно да одлучи за прекинувањето на бременоста.
7. Ограничувањето на периодот во кој жената може да абортира на 10 недели (направено во 1976 година кога е скратен овој период од 12 на 10 недели) нема ниту медицински ниту правни оправдувања. Напротив, во многу поразвиени општества, со подобри здравствени капацитети и напредна технологија, е утврдено дека нема место за скратување на овој период, бидејќи шансите за преживување на плодот на таа возраст се минимални. Најголем број од државите го имаат прифатено периодот од 12 недели, а помал се определиле за 18 односно 24 недели.
8. Ставот 2 од чл. 3 на предложениот закон според кој „Прекинување на бременоста не може да се изврши ако од прекинување на претходната бременост не поминала една година“ (задржано од претходниот закон) е спротивен на претходно утврдената слобода на одлучување на жената. Во отсуство на релевантна дискусија на стручно ниво и на релевантни стручни податоци, ова решение едноставно нема оправдување.
9. Членот 5 од предлог законот според кој „Во постапката за одобрување и извршување на прекинување на бременост се обезбедува почитување на достоинството на бремената жена, на правото на приватност, информираност, прифаќање и одбивање на медицинска интервенција и на доверливост на личните и медицински податоци согласно прописите за заштита на правата на пациентите“, е контрадикторен на останатиот текст од законот во делот за почитување на правото на приватност на бремената жена, информираноста, доверливоста на личните и медицинските податоци (види точка: 11 и 12 од овој текст).
10. Одредувањето на стриктни протоколи и прецизна процедура, заедно со високите казни (25-50.000 евра за правното лице, 3-5.000 на одговорното лице, 5-6.000 за докторот и 2-3.500 евра за здравствениот работник), значат фактичко усложнување на барањето за абортус. Имено, за да се заврши целокупната постапка за добивање дозвола за абортус во рамките на утврдените 10 недели (според многу прецизните протоколи дадени во новите решенија, а избришаната одредба за итност на постапката постоечка во чл. 5 од актуелниот закон), истата треба да започне најдоцна на третата недела од зачнувањето. Ова значи дека е најдобро жената воопшто да не чека изостанување на првата наредна менструација за да се посомнева во евентуална бременост, туку после секој сексуален чин да проверува дали е бремена. Во спротивно во текот на неколку недели ќе треба:
– да закаже и направи ултрасонографски преглед
– да ја собере сета потребна документација предвидена во чл. 9 од Законот
– да достави писмено барање за прекин на бременост (кое некој треба да го разгледа и на него да одговори)
– да закаже средба со доктор кој „е должен да изврши советување на бремената жена за можните предности за продолжување на бременоста како и за ризиците при спроведување односно неспроведување на интервенцијата за прекинување на бременоста по здравјето и животот на жената“
– да поминат најмалку 3 дена од извршеното “советување“ од страна на докторот
– доколку докторот реши дека не сака да ја изврши интервенцијата, жената треба да се обрати до првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременост (до која поднесува: потврда од специјалист гинеколог, потврда од специјалист од соодветна гранка на медицината за заболувањето на кое се повикува) и која треба да одлучи во рок од 3 дена, а не подолго од 7 дена
– може да даде приговор на решението на првостепената комисија, а која исто така мора да одлучи во рок од три дена, а не подолго од 7 дена.
11. Покрај невозможната мисија за собирање на целокупната документација жената е изложена и на процес на дезинформирање. Имено, исто како и во стариот закон, докторот не е задолжен да и ги објасни на жената сите ризици (тоа значи и ризиците од раѓање на детето, односно, на бременоста, породувањето) ниту пак да и ги објасни можните предности од тоа да не се роди детето. Едностраната информација е рамна на дезинформација, а во услови на вака чувствителен период, ова значи МАНИПУЛАЦИЈА на бремената жена.
12. Правото на приватност на жената и доверливоста на личните и медицински податоци се нарушени во чл. 10 од законот, со тоа што на седницата на комисијата бремената жена и НЕЈЗИНИОТ БРАЧЕН ДРУГАР треба да присуствуваат доколку бидат повикани од страна на комисијата (што е дури и засилено во однос на постоечкиот текст), и со чл. 21 каде што е предвидено советување на сопругот на бремената жена за штетноста на абортусот. Уште повеќе, здравствениот работник кој нема да го информира брачниот другар за барањето на жената да ја прекине бременоста, ќе биде казнет со глоба од: 2.000 до 3.500 евра. Вмешувањето на брачниот другар веќе само по себе ја нарушува слободата на одлучување на жената, а во услови на патријахално семејство или религиозни забрани, ова може да значи потполно оневозмоување на жените да го остварат абортусот.
Во предлогот на закон ми се допаѓа барањето за постоење на програми за образование на младите во кои е вметнато и запознавање со средства и методи за контрацепција. Меѓутоа крајно нејасно ми остана што се подразбира под „воспитување на младината за хумани и здрави односи меѓу половите“ (чл. 22 став 1). Може да се толкува навистина на различни начини.
Можни последици од донесувањето на ваков закон:
-Засилените контролни механизми и казнената политика, без соодветно прилагодување на останатите одредби кон новите вредносни рамки на концептот за човекови права, можат да значат енормно зголемување на нелегалните абортуси (во несоодветни услови, на несоодветен начин и со тешки последици по здравјето на жените), посебно кај жените муслиманки и жените од руралните и неразвиени подрачја, како и жените со лош материјален статус. Според последните статистики, над 65.000 жени умираат годишно во светот заради несоодветно направени абортуси што вообичаено се должи на рестриктивни закони.
-Материјално оптоварување на бремените жени кои ќе побараат услуги во соседните држави.
-Ослабување на позицијата на жената во семејството и нејзино натамошно опресирање, малтретирање и силување во рамките на брачната зедница.
ЗАРАДИ ОВА, ВАКВИОТ И НА ВАКОВ НАЧИН ДОНЕСЕН ЗАКОН Е ЗАКОН ЗА ЗАБРАНА НА АБОРТУСОТ И Е ПРОТИВ, А НЕ ЗА ЖЕНИТЕ.
И заради ова, ваквиот и на ваков начин предложен закон е спротивен на светските трендови:
Во најновите извештаи на ООН, забраната на абортусот е идентификувана како вид на тортура;
правото на абортус постепено се издигнува на ниво на човеково право.
Затоа, ајде да донесеме нов закон. По редовна процедура. Со многу јавна расправа, со земање предвид на мислењата на жените, со вистинска примена на домашното и светско искуство, и следење на стандардите на концептот за човековите права и основни слободи.
Автор: Мирјана Најческа
Извор: Квадратура на кругот