27 Feb Сумарен преглед на наоди од Извештајот во сенка кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ-ЕСЕ и Здружението Акција Здруженска, следејќи ја праксата на постојан мониторинг на женските човекови права и известување за состојбите пред соодветните меѓународни и регионални тела, подготвија извештај во сенка кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените (КЕДЖ)(1) и земаа учество на 54 седница, каде ги презентираа состојбите во земјава. Ова е втор пат Република Македонија да известува пред овој Комитет, задолжен за следење на имплементацијата на за прогресот (2) на полето на родовата еднаквост и дискриминација врз жената. Извештајот во сенка беше подготвен со помош и соработка на дванаесет граѓански организации.
Од правната анализа и утврдена состојба за напредокот на полето на родова еднаквост и заштита од дискриминација во Македонија може да се извлечат следниве генерални констатации:
1.Незначителен е напредокот во однос на хармонизирање и имплементација на законите кои се однесуваат на родовата еднаквост. Во однос на спроведувањето на законите и политиките, продолжува трендот на продукција на закони и национални и локални стратешки документи и планови кои се користат како оправдување за посветеноста на државата на ова поле. И покрај тоа истите не резултираат со постигнување на напредок.
2. Државата не обезбедува потребни ресурси, посебно финансиски ресурси за имплементирање на севкупните активности во однос на родовата еднаквост. Приоритетите, динамиката и видовите на мерките кои се спроведуваат на ова поле во голема мера зависи од странската финансиска помош, а не од средствата на Буџетот на РМ.
3. Неповолна е фактичката положба на жената во семејството и различните сфери од општественото живеење, што е видливо од постојаниот тренд на промовирање на ретроградни традиционални и патријархални вредности помеѓу мажите и жените преку законодавни и програмски мерки и исклучително скапи медиумски кампањи.
Насилство врз жени
– Постои сериозно прекршување на правата на жените кои даваат сексуални услуги од страна на државните институции. (на 20.11.2008 година, 23 сексуални работнички од страна на полицијата без објаснување беа приведени и лишени од слобода повеќе од 20 часа, при што беа третирани крајно нехумано и деградирачки). Не постојат одделни програми за обезбедување на социјална заштита и елиминирање на здравствени и безбедносни ризици.
– Не постои воспоставен систем за превенирање и заштита на жртви од силување. Досега не е спроведено истражување за оваа појава.
– Постои висока застапеност на семејно насилство во период од десет години. Истражувачките резултати од последното истражување од 2010 ги потврдуваат претходните наоди по однос на застапеноста (психолошкото насилство го пријавиле 64.80%, физичкото 27.70%, а сексуалното 13.80% од испитаничките). Отсуствува стратешки пристап на државата во обезбедување на потребната заштита на жртвите на семејно насилство. Бројот на државни засолништа е намален од 7 во 2009 на 4 засолништа во 2011. Финансиските средства кои државата ги обезбедува за здруженијата на граѓани кои обезбедуваат заштита и помош на жртвите на семејно насилство се движат околу 1200 УСД. Не постојат санкции за непочитување на привремените мерки за заштита од страна на сторителот на семејно насилство.
– Државата не алоцира финансиски средства за реализирање на активности за превенирање на појавата на трговија со луѓе, ниту пак средства за обезбедување на потребната заштита на жртвите (83% од финансиските средства за функционирање на државното засолниште обезбедуваат граѓанските здруженија, а Министерството за труд и социјална политика само 17%).
– Постои висока застапеност на психичко вознемирување на работно место(мобинг). Според последното истражување спроведено од Здружение ЕСЕ, секоја втора жена пријавила дека била жртва на мобинг. Сексуалното вознемирување на работно место сеуште се третира како табу, што резултира со низок степен на пријавување на истото (само 17% од жените пријавиле сексуално вознемирување).
Политички и јавен живот
Ниска застапеност на жените во извршната власт, односно како министри и заменици министри. Ниту една жена не е избрана за градоначалник на последните локални избори. Постои нееднаква застапеност на жените на сите нивоа на јавна администрација.
Вработување
Речиси половина од невработеното население во Македонија се жени, висока стапка на учество на жените во вкупниот број на неактивно население, висок број на жени како неплатени семејни работници. Бројот на мажи кои работат во формален сектор е поголем од бројот на жени во истиот сектор. Бројот на жени кои работат во формален сектор е помал од бројот на жени кои работат во неформален сектор. Принципот на еднаков надомест за работа со еднаква вредност не се почитува.
Здравствена заштита
Постои ниска стапка на користење на контрацепција од страна на жените во репродуктивниот период. Абортусот се уште се користи како метода за контрола на раѓањето, особено помеѓу жените кои се во брак. Здравствените установи кои вршат абортус во недоволна мерка ги советуваат жените за употреба на средства за контрацепција, како и за самата постапка на абортусот. Постојниот третман не е соодветен на потребите на жените кои користат дроги. Постои пораст на момчиња и девојчиња кои користат дроги и кои развиваат зависност од дроги. Возраста на која се почнува со користење на дрога е исклучително ниска, односно 5 годишна возраст. Не постои пристап до соодветен третман, програми за рехабилитација и ресоцијализација на момчиња и девојчиња.
Рурални жени
Државата нема спроведено анализа за состојбата на руралните жени соодветно на заклучните препораки на Комитетот, ниту системски мерки за подобрување на положбата на руралната жена (во политичкиот и јавниот живот, здравствена заштита и економско јакнење). Отсуствуваат сериозни и системски мерки за економско јакнење на жената од рурална средина, односно елиминирање на пречките со кои таа се соочува. Мал е бројот на жени кои користат одредени видови на финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој. И покрај воспоставените советници од страна на Министерството за земјоделие за помагање на жени фармери во креирање на бизнис план и аплицирање за кредити на ИПАРД програмата, од 125 склучени договори само 15 се со жени.
Правна еднаквост и правна способност.
Не постојат ефикасни и бесплатни механизми за обезбедување на правна помош и заштита на жените.
Брак и семејни односи.
Постои висок степен на прифатливост за склучување на договорени бракови и висок степен на малолетнички бракови.
Извештајот во целост можете да го преземете овде.
1. Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената претставува прв универзален документ кој на сеопфатен начин ги елаборира клучните прашања за елиминирање на дискриминацијата врз жената и предвидува цели и мерки кои државата треба да ги преземе за нејзино надминување. Оваа конвенција предвидува преземање на сеопфатни мерки за промовирање на принципот на родова еднаквост во политичкиот и јавен живот, образованието, вработувањето и правата од работен однос, здравствена заштита и права од областа на репродуктивно здравје, стопански и општествен живот, правна еднаквост и правна способност, бракот и семејните односи, стекнување, менување или задржување на државјанство, како и положбата на руралните жени.
2.Прогресот на државите членки потписнички на оваа Конвенција, меѓу кои и на РМ се следи врз основа на донесени заклучни препораки од страна на Комитетот ( Заклучните препораки врз основа на кои се анализираше напредокот на РМ од поднесениот извештај во 2006 до поднесениот извештај во 2013 година се достапни на на http://daccess-dds-ny.un.org/doc/UNDOC/GEN/N06/238/24/PDF/N0623824.pdf?OpenElement).