Марихуана: филм ве прелажува

Марихуана: филм ве прелажува

Во не толку далечната 1971 година, американскиот претседател Ричард Никсон за првпат ја употреби синтагмата „војна против дрогите“. Оттогаш наваму, САД но и другите, а особено западните држави, трошат огромни ресурси и повеќе милијарди долари годишно за спроведување на кампањите за прохибиција и милитарна интервенција во рамки на она што тие го нарекуваат дефинирање и намалување на илегалната трговија со дроги. Во средина на оваа војна се најде едно растение за чие постоење и употреба постојат записи стари и 7000 години. Канабисот претставуваше, но и сè уште претставува фокус на морализаторство, но и политикантство. Пропагандната борба на Американската влада против марихуаната во 20. век можеме слободно да ја перцепираме како манифестација на перманентна ксенофобија кон Мексиканските емигранти и нивнатa практика на пушење марихуана. Прохибициските реторики на САД претставуваат приказна за една скапа и залудна крстоносна војна против супстанцата со ефекти проблематични за здравјето, пропагандна војна која ги разниша основните човекови права и слободи.

 

Повторно, не толку одамна, во 2006 година, годината на парламентарни избори во Македонија, политичката дебата во еден сериозен обем се вртеше околу артикулираните три НЕ на една политичка партија. НЕ за легализација на марихуаната, проституцијата и хомосексуалните бракови. Во годишниот извештај на специјалната мобилна единица „алфи“ за 2012 година стои дека приведени лица за поседување опојни дроги се вкупно 460, од кои дури 387 се за тревкаста материја, што изнесува високи 84%. Претпоставувам дека е и повеќе од очигледна оваа војна против марихуаната спроведувана од властите и органите на државата. Жртви во оваа војна никогаш не се крупните дилери и збогатените криминалци, туку најчесто млади луѓе од ниска или средна класа кои едноставно уживаат да ја користат придобивката на природата – растението канабис или марихуаната.

 

Прохибицијата на канабисот е креирана преку одредени процеси кои вклучуваат многу сегменти во општеството без исклучување на криминалот или огромните нелегални финансиски придобивки од кои имаат полза мал број луѓе. Сепак, не смееме да го потценуваме игнорирањето на еден дел од научните и медицински истражувања кои отвораат нови предизвици во борбата против марихуаната, но и резултати кои ги разнишуваат досегашните испитувања што ги истакнувале штетните влијанија на марихуаната. Истовремено, денес можеме да се сомневаме во мотивите на прохибицијата бидејќи информациите кои со кои располагаме, а ги посматраме низ историска дистанца, укажуваат на влијанието кое големите корпорации го имаат врз рестриктивните политики (прохибицијата) кон употребата на марихуана, а кое се остварува преку различни методи како корупција, закани, уцени и користење на медиумите како најсилна алатка на пропагандните чинители. Целта веројатно е и повеќе од јасна – профит. Во Америка забраната за користење марихуана е донесена во 1937 година. Тоа не значи дека до таа година ова растение немало своја употреба кај луѓето. Оваа забрана е донесена врз лажни факти и информации кои од денешна перспектива изгледаат смешно. Имено, дека марихуаната е токсична супстанца што предизвикува висок степен на зависност, создава лудило и може да резултира со смрт. Овие дезинформации се користат за перење на мозокот на луѓето преку развиени пропагандни тактики како што се дисеминирање пропаганден материјал во јавниот простор, со поддршка на медиумите и преку креирање на медиумски дискурси кои ќе сеат страв и паника, па дури и преку специјални кратки, но и долгометражни пропагандни филмови. Ова пропагандно лудило трае и до денес, но со поинаква реторичка механизација. Средствата кои се трошат за да се убедат луѓето дека марихуаната е лоша и нелегална и за нарко-босовите да можат да уживаат во своите неоданочени милијарди, можат да нахранат многу семејства, да го подобрат здравствениот систем, да го подобрат животниот стандард на работниците и да остварат сериозен придонес за други хумани дела.

 

 

Ова растение има своја долга традиција и важна улога во животот на луѓето од минатото. Марихуаната, пред да биде објавена војна против неа, беше присутна во животот на луѓето како храна, материјал за правење коноп, односно облека, се користеше за медицински цели, за градба, за хартија и гориво. Со последните изблици на оваа војна ние се соочуваме со остуство на ефекти и резултати во поглед на намалување на употребата, но со забележително зголемување на профитот на мафијата и криминалните структури и бројни случаи на кршење на човековите права на лицата кои користат марихуана од страна на полицијата и други репресивни органи. Затоа затворите се полни со млади деца од ниска класа кои користеле марихуана, а не со големите ѕверки кои го контролираат црниот пазар. Згора на сè, она што денес го добиваме од политичките елити и естаблишментот е срамно признавање дека војната против дрогите, а и војната против марихуаната претставува тотален неуспех. Прохибицијата не функционира. Токму оваа војна која ја започнаа западните политичари против нас, обични луѓе, нè донесе до работ на социјалните немири, војни, трговија со дроги која носи многу човечки животи и ресурси. Околу 46% од случаите на судир со законот се за поседување марихуана. На тој начин се осудуваат, отфрлаат, казнуваат и затвораат голем број млади луѓе кои се ненасилни и кои не предизвикуваат никаква штета во општеството. Да се одбере страната на солидарноста и емпатијата со обичните луѓе значи да се спротивставиме на оваа војна која троши огромен потенцијал и ресурси за да ги контролира и опресира обичните луѓе, војна која демонизира, стигматизира и, да бидеме реални, убива, убива како што марихуаната никогаш не убила.

 

 

 

Автор: Жарир Симрин, активист за правата на корисниците на дроги.

Преземено од Окно.мк