04 Feb Кочо Андоновски на листата на 500 највлијателни геј личности во светот
Магазинот за глобална машка култура Мејт во својот есенски број направи листа од пестотини највлијателни геј мажи во светот. На триста дваесет и седмото место на листата се најде Кочо Андоновски, македонскиот ЛГБТ активист и првата личност која во Македонија јавно ја соопшти својата хомосексуална ориентација.
Во текстот од Мејс се вели: „Кочо Андоновски, кој себе си се опишува како бранител на човековите права е инволвиран во борбата за ЛГБТ правата уште од 2004-та година кога стана првата личност која се „аутираше“ преку македонските медиуми како претседател на Македонската Асоцијација за Слободна Сексуална Ориентација (МАССО). Оттогаш, Андоновски имал интегрална улога во спремањето на општ закон за недискриминација во 2008-та и во организирањето на првиот Марш на Толеранцијата во Македонија во 2009-та. Андоновски во моментот работи како координатор на ЛГБТИ програмата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, невладина организација која е фокусирана на подигањето на нивото на почитувањето на човековите права“.
Листата на Мејт магазинот беше избрана од страна на шест квалификувани лидери од целиот свет вклучувајќи ги и Ерик Батер, претседател на Мистер Геј светската организација, Марк Путман, директор на Аут ТВ. која претставува водечка геј телевизиска станица во Холандија, и Трис Рајд-Смит, ко-основач и уредник на Геј Стар Њуз.
На првото место на листата на Мејт се најде уметникот, филозоф, математичар и пронаоѓач Леонардо да Винчи, на второто филозофот Сократ, а на третото, уште еден Македонец, Александар Македонски. Четвртото место го освои британската ТВ личност Стивен Фрај, а петтото Оскар Вајлд.