Луѓето со ХИВ и по 25 години се соочуваат со предрасуди

Луѓето со ХИВ и по 25 години се соочуваат со предрасуди

Извор: http://www.netpress.com.mk/

 

И после 25 години, кога е регистриран првиот случај на ХИВ во Македонија, луѓето со ХИВ во земјава се’ уште се соочуваат со предрасуди и недостаток на информации кај општата популација, а понекогаш дури и кај стручната јавност, константираше Андреј Сених, координатор на Заедно посилни – работната група за поддршка на лицата што живеат со ХИВ во Македонија.

 

Во пресрет на Светскиот ден за борба против СИДА-та – 1 декември денеска се одржа заедничка прес конференција на Министерството за здравство, Тематската група за ХИВ при ОН и оваа работна група на која апелираа дека е неопходно да се зголеми бројот на антиретровирусни лекови што им се достапни на пациентите, бидејќи терапијата за ХИВ претставува комбинација од барем три различни лекови, при што комбинациите можат да се разликуваат во зависност од индивидуалните карактеристики на пациентот и во зависност од тоа дали постои стекната резистентност на вирусот на одредени лекови.

 

“Најважно од се е да се надминат административните пречки во процесот на обезбедување на терапија за ХИВ, кои секоја година доведуваат до исцрпување на залихите и до ризик од прекин на терапијата. Пациентите се изложени на стрес и се принудени да се снаоѓаат ’на црно’“, вели Сених.

 

Заедно посилни, во соработка со експерти од областа на јавното здравје, здравствената економија и третманот на ХИВ, направиле сеопфатна анализа со проценка на финанасиските импликации, според која е неопходен буџет од 30 милиони денари, според реалните пазарни цени на АРВ лекови во регионот, наспроти 3,2 милиони денари кои биле буџетирани за минатата година.

 

Оваа година МЗ го зголеми буџетот предвиден за терапија во 2013 година.