ПРОТЕСТ НА КОЛИЧКИТЕ – a во секоја деветта количка по едно потенцијално хомосексуално бебенце

ПРОТЕСТ НА КОЛИЧКИТЕ – a во секоја деветта количка по едно потенцијално хомосексуално бебенце

Автор: Мимоза Ристова

Извор: http://www.plusinfo.mk/

Нeoдамна во Скопје се отвори Центарот за поддршка на припадниците на ЛГБТИ (лезбијки, геј, бисексуални, трансродни и интерсексуални) групата и нивните семејства, под покровителство на Хелсиншкиот комитет, а со финансиска поддршка на Холандската амбасада во Скопје. На самото отворање разменивме мислења дека треба наскоро да се очекува кршење на стаклото од просториите на Центарот во Старата Чаршија, и дека не треба да се очајува, туку веднаш да се замени скршеното со ново. Длабоко во себе верував  дека „ние“ секогаш ќе имаме повеќе мирни глави отколку што „тие“ имаат подвижни ѕидови, наменети за кршење на нашите глави, зашто ние работиме за доброто на оваа мала наша двомилионска Македонија, зашто се бориме против дискриминацијата – една од најопасните појави во кревките демократии. И бидна така како што предвидовме, го искршија стаклото, тоа се замени со ново па се средија некои проблеми од  јурисдикцијата и владеењето на атарот на Турска чаршија, и сега главите се за еден бод во предност пред ѕидовите.

 

Штом си помислив, ете ќе работи беспрекорно Центарот на својата благородна мисија, поддршка на овие тешко маргинализирани човечки групи во ова нехумано и мизантропски извитоперено општество, кога, на денот кога требаше и министри да излезат на чело на Маршот на толеранцијата, излезе некој манијак со ќулавка на главата и стори две кривични дела. Умоболникот истовремено стори попречување на јавен собир и изврши и физички напад во кој им нанесе телесни повреди на двајцата активисти, наши сограѓани кои мирно си го местеа штандот со печатените материјали за поддршка на овие луѓе. Едниот од жртвите на физичкиот напад е храбриот Кочо Андоновски, кој имаше сила и доблест прв, во почетокот на овој век да излезе пред камери и да признае пред јавноста дека е геј, да покаже дека не е плашило за деца и потоа цела деценија активно да работи на правата на овие тешко маргинализирани граѓани во РМ.

 

Сведоците и жртвите на настанот ми помогнаа да ја реконструирам случката на тој срамен простор, во тој срамен момент од Маршот на толеранција. Имено, Кочо и Марко си го поставувале штандот на плоштадот. Да напомнам дека и маршот и штандот биле благовремено уредно пријавени и одобрени од МВР, па соодветно на големината на ризикот на настанот – еквивалентен на Геј-прајд парадите, се очекуваше дека некој сериозен веројатно пресметал со која човечка сила МВР треба да го обезбеди физичкиот интегритет на учесниците во маршот. Лице со ќулавка од дуксер или од јакна, натната над глава и закопчана до под очите, од сите присутни во тој дел од плоштадот му пришло директно на пионерот на толеранцијата, Кочо Андоновски и му реколо „Имаш четири секунди да се собереш и да се чистиш од овде“. За да биде бељата поголема, лицето на Кочо воопшто не му ги дало ветените четири секунди, ами веднаш го удрило со бокс во пределот на главата. Боксови добил и активистот Марко Ковачевски, кој добил обилни крварења. Обајцата биле пренесени во болница за да бидат лекувани и третирани од омразата што и е толку мила на оваа власт. Омраза без основа. Хомофобија. Од каде толку омраза во мирољубива Македонија? Или, можеби, ударите од оваа чурук-сорта боксерска индивидуа биле нарачка од некој што има омраза за сите поинакви и за сите што имаат виуги во черепот што продуцираат поразлични мисли.

 

 

Се прашувам себе си, ама всушност сакам да ја запрашам гордата министерка, Гордана Јанкулоска, која јуначки и возгордена се огласи со веста за : приведување на сторителот. Каде беа полицајците што требаше да го обезбедуваат и поставувањето на штандот, ако се знаеше со голема веројатност ќе го поставуваат активисти кои се под ризик и хомофобична закана? Знае ли таа министерка, дека првиот полицаец во униформа што го сретнале активистите на Хелсиншкиот комитет и од кого побарале помош им одговорил дека тој е должен да го обезбедува протестот на АМАН, па им порачал да си најдат друг за потребите на нивниот марш? Дали знае (ако не знае, може и да си провери) дека извршната директорка на Хелсиншки, Уранија Пировска, по мобилен била приморана да повика полиција и го пријавила инцидентот, и сѐ било како да е божем некој обичен ден, како да  немало пријавен настан од висок ризик за безбедноста на учесниците, па полицијата треба по телефон да си ја повикаш, наместо да биде видлива и да превенира криминал. Дали знае Јанкулоска дека постојат сведоци од активистите од АМАН дека и ним ден претходно, маскирано лице им ги вандализирало штандовите и побегнало? Ама, случајно да не се работи за истиот човек кој обавува нечии гнасни диктати? А чинам, имаше ист таков „профил“ на протестот на Архибригада пред 2 и кусур години, тепач со ќулавка од црн дуксер. Дали таа и нејзините шефови знаат дека целата нормално-расудувачка јавност стравува дека овој инцидент е директна последица на тоа што самата власт води интензивна кампања со која ткае во етерот хомофобична атмосфера, кампања која го подгрева лонецот за варење на првиот жртвен хомосексуалец?

 

Јас да бев на место на министерката, и ако бев чиста пред себе, веднаш ќе побарав снимки од камерите од плоштадот. Или, можеби, повторно не работат тие пусти непослушни камери, исто како што мистериозно не работеле баш во времето кога го претепаа Мартин Нешковски до смрт. Во рацете на Јанкулоска се податоците за тоа, каде биле распоредени нејзините сини момци, чија основна должност била и е превенцијата на насилството, и зошто не делувале превентивно? Кое било синото момче кое не сакало да интервеира, зашто имало задача да ги „чува“ демонстрантите од АМАН?

 

Еден мој пријател, познат борец за човекови права, апропо успехот на МВР и брзото фаќање на сторителот вели: „Значи, пораката што ни ја упатија е дека ние на следниот марш ќе излеземе со страв дека ќе нѐ испотепаат со боксови во глава, но треба да сме си мирни, оти нашата полиција бргу ќе ги фати, па нашиот обвинител, можеби ќе го обвини, и нашите судии можеби ќе го осудат“. Ок, дечки, овие од МВР нема што нема да нѐ чуваат, ама ние имаме повеќе глави од ѕидови, па самите ќе си земеме приватно обезбедување од кај урковците.

 

И за да трагедијава добие смешна конотација, утредента се случи најсмешниот контрапротест во нашава кратка историја на контрапротести во ова ново, контрапротестно време. Не можам да верувам кој го измисли контрапротестов, и од каде џвркна во етерот таа генијална и брзо реализирана идеја – марш на детските колички. Марш на реализираните сперматозоиди. Леле колку се срамам од тоа што сум граѓанин на земја во која маршираат количките, мајчичките и леунките со бебињата во количките преку ваква дегутантна злоупотреба на децата. Дали овие мајки, наши сограѓанки (патем јас сум мајка на 3 деца), сакаа со туркањето на количките да го негираат постоењето на геевите, лезбејките и транссексуалците, или сакаа да им порачаат дека не се продуктивна раса, за разлика од потентната и плодна Гоцева раса? А знаат ли тие дека европската статистика кажува дека од секои 9 хумани битија еден е припадник на ЛГБТ заедницата? Дали тие впрегнати плодни жени со бебешки колички знаат дека постои огромна веројатност една од 15 да има сопруг бисексуалец. Да појаснам, дали некоја од нив може да си замисли дека мажот ѝ си има и дечко со кого се сакаат и имаат најредовен секс во некоја скриена „гајба“ (знам неколку вакви случаи)? Дали, можеби, некоја од контрапротестантките ќе се сети дека и таа самата некогаш се подзаљубила во некоја своја блиска другарка од студентската соба, ама успеала тоа да го заборави? Дали знаат тие жени дека една од девет меѓу нив турка прекрасно мало бебенце кое еден ден ќе се стори геј или лезбијка, и дека едно од токму тие бебиња уште во градинка ќе се вљуби во детенце од истиот пол, или ќе посака да си се облекува во облеки од спротивниот пол? Пуста останала статистиката на малите броеви, па ништо не е толку сигурно. Но на ниво на оваа држава од 2 милиони жители, знајте дека од секои 100 мајки што родиле по 2,5 деца (да речеме вкупно 250), ќе се создадат минимум по 25 потомци што ќе се чувствуваат како ЛГБТИ. Под претпоставка дека секој потомок родил по две деца, тогаш тие 100 мајки ќе станат баби на 500 внучиња. Значи, повеќе од 50 ќе излезат со вродена хомосексуална матрица. Значи од истиве 100 мајки што тркалаа колички, 50 ќе си добијат свое хомосексуално внуче. Конечно, ако одиме до генерацијата на правнуците, ќе дојдеме до бројката дека секоја од овие контрапротестантки ќе си има свое родено хомосексуално правнученце. А тие ќе страдаат, пред сѐ, од односот на нивните родители кон различните. Ќе растат во болката од семејно неразбирање, а потоа од целата заедница, што ќе биде слика и реплика на она што го живеат дома. Дали навистина сфаќаат овие плодни жени дека со својата темелна лекоумност и изведувањето на маршот со погрешни побуди ќе му го загорчат животот на едно свое идно правнуче, своја крв и месо, свој ген?