Какви научни факти да приложам за да го докажам правото на љубов?

Какви научни факти да приложам за да го докажам правото на љубов?

Автор: Д-р Даниела Гаврилова, психијатарка која живее и работи во Мелбурн, Австралија

Извор: http://www.libertas.mk/

 

Текстов е поттикнат од хомофобната атмосфера во Македонија која интензивно се чувствува веќе неколку месеци. Таа иницијално беше означена со изјави на политичари, а поткрепена од социјални работници и претставници на верските заедници. Следуваше експлицитна насловна во „Вечер“ како и напис во истото списание за опасноста од посвојување деца од страна на хомосексуалците. На последниот протестен граѓански Марш за толеранција, кој се оддржа на 17 ноември во Скопје, а чија што порака беше застапувањето и отпорот против наметнатиот владин дискурс на хомофобија, мизогинија и транфобија, се случи форма на физички напад на двајца активисти – организатори на Маршот за толеранција. Говорот на омраза кој особено го практикуваат центри на моќ во Република Македонија, се чини дека веќе не може да се контролира и ги добива своите форми на насилие – психичко, но и физичко.

 

Посебно внимание ми привлече написот во Вечер „Децата посвоени од хомосексуални двојки се жртви на педофилија“, објавен на 17 октомври, а заснован на истражувањата на социологот Марк Регнерус, од универзитетот Тексас во Остин, САД. Според Регнерус, хомосексуалците се сосема неподобни како родители – заклучок кој ме заинтригира бидејќи е во дијаметрална спротивност со моите сознанија на таа тема.

 

Оригиналниот напис на Регнерус за првпат е објавен во реномираното колегијално списание Social Science Research во јуни годинава. Веднаш по објавувањето следува лавина критики како од професионалци така и од здруженија за правата на хомосексуалците. Како резултат на ова, во јули 2012, Social Science Research започнува внатрешна ревизија, чии заклучоци се објавени во ноемврискиот број на списанието. Според заклучоците, студијата на Регнерус изобилува со слабости во однос на начинот на собирање и анализирање на податоците, нерепрезентативноста на примерокот, неразграничувањето меѓу хомосексуалец и хетеросексуалец и носењето погрешни заклучоци. Освен тоа, и многу значајно, процесот на колегијална ревизија кој му претходел на објавувањето на написот бил компромитиран од конфликт на интереси. Имено, некои од членовите на издавачкиот одбор, кои дозволиле студијата да биде објавена, биле познати религиозни и политички конзервативци, истот како и Регнерус, и имале претходни професионални и финансиски врски со него. И на крајот, финансирањето на студијата било извршено од Фондацијата Брадли и Институтот Витерспун, две крајно конзервативни фондации. Од овие причини, Social Science Research јавно изјавува дека студијата на Регнерус никогаш не требало да биде објавена од нив. Со ова, списанието покажува доблест, способност да ја воочи и да извлече поука од својата грешка.

 

Постојат мноштво други студии кои покажуваат дека хомосексуалците се барем исто толку добри родители колку и хетеросексуалците, како и тоа дека децата во овие заедници се развиваат нормално. И од гледна точка на психосексуалниот развојот неиздржани се тврдењата дека хомсексуалните родители се штетни за развојот на детето. Едиповиот триаголник многукратно е ревидиран, а подоцнежните теории, како што се објектните релации, его и психологијата на себството, теоријата на приврзување, и истражувањата кои произлегуваат од нив, не постулираат обврзувачка хетеросексуална средина како предуслов за нормален развој. Она што е битно е топлиот,  грижлив и рефлективен однос на родителот или старателот, кој му овозможува на дететото да се запознае себеси, а како дел од тоа, да ја осознае и сопствената сексуалност.

Во ова светло, многу научни здруженија имаат недвосмислени ставови и изјави достапни за јавност, во кои јасно укажуваат дека луѓето со нехетеросексуална ориентација се вреднувани членови на општеството, со исти права и одговорности во однос на формирање заедница, подигање деца, извршување професионални обврски и верска определба. Како примери ќе ги наведам изјавите на Австралискиот и Британскиот колеџ на психијатри и Американската психијатриска асоцијација, иако тие се далеку од единствени.

 

И тука некаде би завршила со аргументите за полезноста на научните факти и докази за нормалноста на хомосексуалноста. Бидејќи ова дискусија веќе одамна е излезена од рамките на научните докази, не само затоа што нив ги има повеќе од доволно, туку затоа што науката ги нема сите одговори. Оваа дискусија е поставена и треба да се поставува од позиција на основни човекови права. Се работи за тоа што сексуалноста е комплексен и суштински феномен на човековото постоење. Таа се однесува не само на сексуалниот акт, туку го вклучува формирањето интимни односи и градењето заедница, кои се витални човечки потреби. Затоа замолувам секој од нас да си го постави прашањето: како да докажам дека имам право на љубов? Звучи апсурдно, нели, бидејќи како може потребата за љубов да бара докази!? Но некои од нас се ставени во позиција од која треба да го докажуваат истото, со алтернатива да бидат невидиливи, токму заради нивната сексуална ориентација. Трагично е тоа што тие се меѓу нас, членови на семејство, колеги, пријатели, кои се приморани да водат лажни животи, затоа што доколку се отворени за својата сексуалност, се изложени на многубројни ризици, од емотивна, професионална па и физичка природа.

 

Затоа мислам дека е време да се погледаме малку подолго и подобро во огледалото за да ги согледаме различните во нас, и да ги видиме вредостите и богатството кои произлегуваат токму од тие разлики.