Сан Франциско ќе стане првиот град во САД кој нуди бесплатна промена на полот

Сан Франциско ќе стане првиот град во САД кој нуди бесплатна промена на полот

Сан Франциско ќе стане првиот град во САД кој ќе овозможи бесплатна операција за промена на полот. Здравствената комисија на овој калифорниски град гласаше за создавање на програма за целосен третман на трансродовите лица, објави Асошиејтед прес.

 

Барбара Гарсија, директорката за јавно здравство, рече дека Сан Франциско веќе нуди хормонски третман, советување и рутински здравствени сервиси за трансродовите граѓани, но се уште не нуди бесплатни операции.

 

„Заедницата мислеше дека ова е дисркиминаторски, па ние сакавме тоа да го промениме“ – изјави Гарсија.

 

Сан Франциско отсега ќе нуди операции за отстранување на градите, генитална реконструкција и други оперативни зафати за трансродовите лица во рамките на градскиот универзален план за здравствена нега, усвоен пред пет години.

 

Гарсија рече дека таа се надева дека програмата ќе профункционира следната година. Меѓутоа, истакна дека нејзиниот оддел мора најпрво да направи студија колку луѓе ќе опфати оваа програма, колку ќе чини, кој ќе ги изведува операциите и каде ќе бидат изведувани.

 

Катрин Штојерман, членка на трансродовата група за застапување, изјави дека последната одлука на градот ќе им помогне на трансродовите луѓе да избегнат запаѓање во долгови за да ги покријат операциите.

 

„Исполнета сум со надеж и благодарност што го постигнавме ова ниво на подршка за благосостојбата на трансродовата заедница“ – изјави таа.

 

Во 2001-та, Сан Франциско стана првиот град во САД кој ги подмирува трошоците за операција за промена на полот на државни службеници. Од минатата година, се дуплираше бројот на големи компании кои ги покриваат трошоците за операции за промена на полот на своите вработени.