Стравовладение

Стравовладение

Автор: Копач
Преземено од Окно.мк

 

Состојбите со толеранцијата во Македонија стануваат сè позагрижувачки. Она што некогаш беше катче од Балканот кое колку-толку беше дистанцирано од балканските екстремизми и примитивизми, постапно склизнува во калта на балканските „стандарди“. Етнички и верски екстремизам, национализам, нетрпеливост, нетолеранција, виреење на говор на омраза, фобии од секаков можен тип, засилено со технолошките придобивки од типот на агресивен PR-популизам, злоупотреба на медиумите, интернетот и многу други. Тоа денес се само некои од омилените играчки на локалните дрматори за диктирање на трендовите, настаните, јавната агенда, водени од иста цел: држење на пружините на моќта во свои раце. Општество кое низа години, децении и векови со право беше именувано како толерантно и инклузивно, средината во која пристојно собивствувале разни етникуми, вери, култури, идентитетски групи, постапно ги губи своите обележја на толерантно место за добро живеење на сите. Причината за овие сериозни негативни промени се, а каде ако не, во политиката. Ниту по 21 година демократска независност во Македонија не се смени политичкиот холизам, односно убедувањето и навиките политиката да решава и да контролира сè, од министри и амбасадори, до претседатели на спортски сојузи и хигиеничарки по државните училишта, а за медиумите и д ане зборуваме.

 

Во таков контекст се наметнати и се случуваат овие негативни промени на планот на општествената кохезија, а кои се рефлектираат на сите нивоа, од политички односи до навудим случајни тепачки на младите по градските автобуси. Се работи за наметнато поттикнување на стравот кај масите и промовирање на владеачките гарнитури како „бранители на идентитетот и нормалноста“. Откако ова беше наметнато како некаков модерен тренд за македонски услови, кој е речиси мувлосан во поразвиените демократии, овие тактики и стратегии, по логиката сите ги копираат победниците, се прошири и во другите сфери на политичкиот спектар, вклучувајќи го и албанскиот политички кампус. Дури и коалиционите партнери во власта еден ден се тепаат, друг ден се сакаат (по онаа детската, кој се тепа, тој се сака), еден ден откриваат споменици, наредниот ќе ја заострат со по некоја изјава „кризата во Владата“, и така редум во недоглед.

 

Со други зборови, политичката формула е популизам кон своето гласачко тело и тупаница за сите други. Формите на пројави на ваквата тупаница варираат од симболички, вербални, процедурални, сè до буквални, ако ви се случи да се најдете на погрешно место во погрешно време, во некоја од сè почестите тепачки на јавни места. Популизмот, пак, варира од реторички, и верглање на сè она што народот сака да го чуе, до правење инфантилни рингишпили во центарот на Скопје.

 

Гледано пошироко, тогаш кога „светлото сонце на иднината“ реално беше затемнето со неспособноста да се решат проблемите од типот на блокираните евро-интеграции и економската криза, клатното се поттурна кон темниот пол и се промовираше стравот како инструмент за владеење и држење на моќта. Промените првично беа наметнати преку мускулите на државниот апарат, а воспоставениот шизо-систем на „популизам и омраза“ жилаво се одржува во ова младо и, гледано низ демократски очила, кревко општество.

 

Со слаткоречивиот пиар популизам, кој речиси автоматизирано репродуцира медиумски и архитектонски траги за да ја отелотвори својата „нова идеологија“, Македонија направи еволуциски исчекор во својот општествен живот , но во погрешен правец: се вброи во редот на оние општества каде стравот е основниот инструмент за владеење. Наместо развивање почит и самосвест за колективните вредности, како тие се практикуваат и одржуваат, изборот за тоа како граѓаните треба да ја доживуваат државата е стравот од нејзината долга рака.

 

Да се разбереме, во тој ред на земји каде „стравот ги чува овците“ често се наоѓаат и земји-големци, како САД на Буш помладиот или Франција на Саркози, но стравот како политички инструмент во македонското општество очигледно нанесува далеку поголеми штети на демократското ткиво и го спречува нејзиниот развој. Способноста да се апсорбираат ударите на популизмот и на стравовладението на една Америка или Франција е далеку поголема, зашто нивните општества имаат капацитет да издржат, но и да понудат стратегии на отпор, алтернативи и излезни решенија.

 

Политиките на разни американски администрации, проследени со подмачкувањето на сопствената воена индустрија и корпорациско-милитаристичката експанзија низ светот, често се потпираа на стравот: стравот од комунистите, стравот од азиската наезда, стравот од емигрантите, сè до најскорешната епизода, војна против тероризмот и експлоатирање на стравот од Исламот. Интересно е што републиканскиот кандидат на претседателските избори оваа година во САД упорно го гради новиот бастион на стравот со кој сака да ги добие изборите: Русија! Формулата која функционирала за некои претседателски претходници, повторно се враќа во игра. Во сите овие случаи улогата на медиумите во засејувањето на стравот во свеста на американските граѓани е круцијална. По пат на постапно оприродување на медиуските форми на стравот и прифаќањето на политичките конструкции за тоа од што треба да стравуваат граѓаните, Американците го продолжуваат животниот век на една примитивистичка методика на политичко функционирање.

 

Македонското кревко демократско општество, за жал, нема толку силен имунитет само да се одбрани од вакви штетни појави и атавистички пројави, та во таа смисла кохабитацијата со овие стравовладетелски модели на управување на општеството е недопустлива. Во јавниот простор, кој некогаш беше достатно и граѓански, што денес не е случај, мора да заживеат форми на отпор и посочување на алтернативи на овие доминантни тегобни феномени на мразоговор, нетолерантност, психолошки притисоци, насилство и прогон кон различноста и неистомисленикот. Македонскиот zoon politikon почнува да се однесува буквално како животно водено од нагони кои го бришат неговиот цивилизациски идентитет.

 

***
Како што беше спомнато претходно, улогата на медиумите во сеењето на стравот и култивирањето на нетолерантната средина е суштинска. Без медиумите и различните форми на медиумско канализирање на идеите и пораките, создавањето на општество управувано од стравот е практично невозможно. Медиумската логистика преку активирање на поттурнатите и прикриените стравови ја операционализира политичката идеологија на стравовладението така што нејзините „апстрактни форми“ ги доближува до секој поединец. Преку медиумите стравот добива опипливи форми, а од него почнуваат да „растат“ очите на секој од нас: дали комшијата со различна етничка или верска припадност ќе ме нападне во влезот, дали ќе ме претепа некој млад хулиган на улица или можеби ќе ме зајава некој хомосексуалец додека пазарам на тезга.

 

Неслучајно, вакцинацијата со страв секогаш се случува во „сензитивни“ политички периоди и со опортуни тајминзи. Медиумската машинерија се става во погон, па кој и да е од карши нека му ја мисли, по логиката на онаа кого фатам, не жалам. И така, се случува настаните да се разлеат од самите врвови на политичките „елити“, па чекор по чекор да влезат во секој дом. Некогаш е тоа провокација на министер, некогаш е изјава на прес, а понекогаш е преку случаен си фејсбук статус или Youtube видео. Каква и да е самата иницијација на стравовладетелската кампања, машинеријата на прскање против разните „штеточини“ започнува бучно и сите можеме јасно да го слушнеме нејзиното фрчење, речиси исто како кога прскаат против комарци. И како во лош филм, улогите на добри и лоши момци се од поодамна распределени: добрите и храбри момци на власта, млади, полетни, во сојузништво со најгледаните и најчитаните медиуми кои ги следат на секој чекор, се впуштаат во нова битка против негативците и лошотилоците на денешната Македонија. А негативците исто така со однапред распределени ролји, како во третокласен холивудски филм: отпадници на транзицијата, предавници на името, странски платеници, слуги на опозицијата, поданици на нечесниот, и на крај оние „болните“ од малцинските сексуални заедници. Формулата за жигосување мора да остане едноставна и да се повторува до бескрај, а жртвите мора да бидат изолирани и слаби за никако да не се доведе во прашање победата на добрите момци. По идентификување на негативците, следната фаза е верглањето на воспоставените негативни локални стереотипи сè додека тие не му влезат под кожа на граѓанинот.

 

Една од последните форми на медиумските кампањи против оние кои размислуваат поинаку од властодршците е ширењето на морална паника. Повторно низ наменско сеење страв од Другиот, различниот или „ненормалниот“, ако сакате, се репродуцира чувството на загрозеност на основните семејни и општествени вредности, државата и здравјето на нацијата. Неизвесноста демнее насекаде, а стравот владее. Токму низ таа матрица на политички опортуно однесување власта „отвори дебата“ за прашањето посвојување деца од хомосексуални парови, како да е тоа горечко прашање во моментов, откако сите претходни проблеми кои ги мачат граѓаните се расчистени и средени. Но, ваквите пиар-популистички изблици за жал го имаат својот ефект: го пипкаат нервот на македонскиот граѓанин, кој наеднаш мора веднаш да се изјасни и престрои во кој табор е, со Русите или со Американците, на страната на Доброто или со Злото.

 

Тогаш кога ќе ја заматите вода до степен на непрепознавање кој е кој, престројувањето е само уште една манипулација која јавноста треба да ја оттргне од вистинските теми од кои зависи квалитетот на животот на луѓето. Последиците од ваквите процеси се навистина сериозни, а една од позначајните е тоа што стравовладението води кон целосно урнисивање на толеранцијата кон Другиот и Различниот. Тие во мојата свест не постојат, или постојат само доколку знам дека од Него ме делат цврсти ѕидови и бариери. Толерантен сум сè додека можам да бидам индиферентен кон нешто. А тогаш кога некој случајно или намерно ќе ги отстрани бариерите помеѓу нас станувам политичко животно од најбрутален тип. Токму ова ја охрабрува сегрегацијата од секаков тип, градењето како на физичките така и менталните ѕидови кон другите со кои не го споделувам во целост својот идентитет.

 

Во таа смисла Македонија се наоѓа пред силен предизвик да ја одржи во живот традиционалната толеранција, а по можност и да ја надгради низ процесот на своја европеизација. Тоа е единствениот можен развоен правец на ова општество, а алтернатива е внатрешната сегрегација до микро-ниво, која апсолутно не може ниту да изгради, ниту да одржи општество кое ќе се интегрира каде било, а најмалку во ЕУ.