24 Oct Европските парламентарци загрижени поради зачестените напади врз ЛГБТ лицата во Македонија
Членовите на Европскиот Парламент изразија загриженост поради зголемувањето на хомофобични инциденти во Македонија. Минатата недела, млад активист за правата на геј луѓето беше нападнат во Скопје, а во понеделникот Ален Шаќири, раководителот на организацијата ЛГБТ Јунајтед -Македонија, беше насилно нападнат на улица.
Во изминатиов месец неколку македонски политичари дадоа јавни изјави против правата на ЛГБТ заедницата.
На 12-ти октомври, Минстерот за труд и социјала, Спиро Ристовски, изјави дека на истополовите двојки не би требало да им се дозволи стапување во брак и дека децата треба да растат во брак составен од сопружници од различен пол.
Европската парламентарка Улрике Луначек, која е и копретседател на ЛГБТ интергрупата на ЕП, изјави: „Како што Европската комисија забележа оваа година, Македонија заостанува од ЕУ стандардите за анти-дискриминација на основа на сексуална ориентација. Јас се обратив во Парламентот во Скопје пред две години и побарав унапреден закон за анти-дискриминација. Тажна сум што гледам дека нееднаквостите не само што преовладуваат, туку дека нетолеранцијата се зголемува“.
Европскиот парламентарец Мајкл Кешман, вториот копретседател на ЛГБТ интергрупата, додаде: „Политичките лидери, и особено Министерот кој е ресорен за законот за анти-дискриминација, би требало да бидат повеќе совесни отколку да даваат понижувачки коментари, особено во јавност. Македонците не заслужуваат да бидат заплашувани на овој начин“.
Во 2011-та, Интернационалната лезбејска, геј, бисексуална, транс и интерсекс асоцијација (ИЛГА -Европа) ја рангираше Македонија како најлоша земја на Балканот по прашање на зашатитата на ЛГБТ граѓаните.