Самопочитта предуслов во остварување на правата

Самопочитта предуслов во остварување на правата

Автор: Драшко Костовски, програмски директор на НВО Хера

Преземено од http://sr4all.wordpress.com/

 

Во минативе десетина години имав можност да се соработувам со различни луѓе, различни по многу основи: позиција во општеството, заедница, класа, образование, возраст и род. Сите тие имаат или би требало да имаат еднакви човекови, а со тоа, и еднакви сексуални права. Подолу во текстот се обидов да ги наведам и да ги коментирам ставовите, на оние „најлибералните“, во однос на концептот на сексуалните права. Како што ќе се види, најчесто овие права, ги врзуваат со ЛГБТ заедниците. Без многу да инсистирам на менување на овој став, ќе истакнам како овае поврзано и се одразува на поимањето на чове- ковите права воопшто.

 
 
1. Сексуални права се за, … за сексуална ориентација, за хомсексуалците
 
Правото на сексуална ориентација, се согласувам, не треба да биде запишано и дефинирано како право. Бидејќи правото на взаемна и консензуална љубов, на тоа кој кого може да сака, меѓу кои било граѓа- ни, не може да биде регулирано со закон. Секако потребен е еден посебен пристап кога се во прашање децата и нивните потреби и развојни капацитети. Но се додека јавно, а противзаконски бидејќи хомосексуалноста не е забранета, ја осудуваме различноста и се додека се обидуваме да ја дефинираме љубовта само како право меѓу различните полови, правото на сексуална ориентација ќе мора да го истакнеме и да го разбереме како посебно право во нашите закони. Сепак да дополнам: Сексуалните права не се сведуваат само на избор на сексуалниот партнер. Тие се лични и човекови, тие се однесуваат целото сексуално и репродуктивно здравје, на пристапот до најсовремени здравствени услуги, сексуално образование, правото да се планира бројот и времето кога да се имаат деца, правото да се прекине бременоста, правото на недискриминација итн.

 
 
2. Сексуалните права се за во спалната соба
 
Ова е еден редукционистички пристап. Сите зборови со коренот секс се сведуваат на само едно значење, на активноста, на глаголското значење. Во име на некаков замислен, анахроничен морал, интимноста се поистоветува со молкот. Прокламација на зборот срамота, ми паѓа на памет. Тап заборав дека првиот бакнеж, па и првото галење, првото излегување во ноќен клуб и редица други работи, се случиле и се случуваат во јавен простор. Несвесен и раскомотен во секојдневното уживање на овие права, како никогаш да не можат да бидат сменети или одземени, „такви права мене не ми требаат“, вели соговорникот. Без да се заборави на правото на приватност, сексуалните права се отсекогаш надвор, во јавниот простор, само сега треба да бидат надвор за сите.

 
 
3. Сексуалните права се за мала група на граѓани. Сами нека си се борат за нив.
 
Соговорникот и понатаму сексуалните права ги поистоветува со правата на ЛГБТ. Функционалистички ги рангира човековите правата според квантитет. Тука се воочува една контрадикција. Од една страна, се тврди дека сексуалните права се за ЛГБТ кои во Македонија не се доволно на број за бараат „посебни“ права, од друга, ја живее паниката дека просторот му станува загрозен бидејќи смета дека хомосексуалноста кај нас е во мода и подем, и дека бројката расте. Обичниот граѓанин, оној осиромашениот, неактивниот и обесхрабрениот, наеднаш се чувствува моќен како држава, па некому дава и одзема права. Да се нема став за правата на другите околу себе, а да се гледа неправдата, само кажува за односот кон сопствените права и за чудното поимање на солидарноста кога се во прашање сексуалните парва. Сексуалните права се за сите, вклучувајќи ги и ЛГБТ.

 
 
4. Има други права кои се приоритетни

 

Ваквиот став започнува да се гради на замислената хиерархиска скала на есенцијални права, па следи прифаќање и утврдување на локалниот менталитет и услови, а потоа и откривање и помирување со граѓанската неверба и неактивност, на крајот конспирација. Мислата тече вака: „ Посебни правата треба да им се дадат само на оние што се навистина загрозени, човековите права се за на хартија, овде никој не почитува закони, посилниот добива, концептот на човековите права, а особено на сексуалните, ни е наметнат од страна.“ Сексуалните права, како сите човекови права, се социјални, се неделиви, еднакво важни и заеднички. Доволна е самопочитта, малку храброст и морална одговорност за да се избори своето право, какво и да е. Тогаш полесно се разбираат правата на другите, на сожителите.

 

 

Пет факти
1. Во Македонија дел од сексуалните права се загарантирани со уставот и со законската легислатива
2. Хомосексуалноста во Македонија е легална
3. Правото на пристап до сексуално образование за младите во Македонија е ограничено
4. Општо познато е дека хомосексуалноста беше намерно исклучена од Законот за заштита од недискриминација, иако дискриминацијата кон ЛГБТ во земјата е на високо ниво
5. Во Македонија, во последно време, се поставуваaт под прашање правата на пристап до здравствени услуги и на користење на научните достигнувања.