18 Oct Зошто треба да мразам?
Автор: Кочо Андоновски, преземено од Плусинфо http://www.plusinfo.mk/mislenje/617/Zoshto-treba-da-mrazam
Граѓаните на Република Македонија се збунети: треба да ги мразат хомосексуалците затоа што бараат бракови или затоа што не се толерантни кон браковите?
Во неделата се вратив од САД, каде на покана на Стејт Департментот бев на студиска програма, која оваа година беше посветена на правата на ЛГБТ луѓето. Програмата ни овозможи длабински поглед во американското општество, почнувајќи од Белата Куќа и Пентагон, па се до ресурс центри во Тексас и Сан Франциско. Имавме можност да видиме колку американското општество е вибрантно и колку политичките структури се обидуваат да ги продлабочат можностите за вистинско цветање на мултикултурализмот. Со сета контрадикторност на федералните и локалните овластувања, корпоративната реалност и индивидуалниот отпор кон неа, конзервативност и слобода на индивидуата, САД успеваат во континуитет да го развиваат своето општество и да овозможат дијалог околу насоката на промените кои секојдневно се случуваат.
Една од највпечатливите програми за мене беше таа во Минеаполис. Пред неколку години во период од неколку месеци се случуваат повеќе од седум самоубиства на средношколци, кои биле вознемирувани и исмевани (bullying) од своите врсници, затоа што биле перцепирани како припадници на ЛГБТ заедницата. Со предзнанијата кои ги добивме во Департментот за правда во Вашингтон, во Минеаполис се сретнавме со повеќе различни групи кои дејствуваат таму. Меѓу нив и Тами Ааберг, мајка на едниот тинејџер кој се самоубил. Станувајќи свесна дека нејзиното дете трпело вознемирување и исмевање до тој степен што му станал неподнослив животот и одлучил да го прекине, притоа училиштето без да преземе какви било мерки за да го спречи тоа, таа ја основа организацијата Подарокот на Џастин (http://www.justinsgift.org/), која нуди безбеден простор за тинејџери и се бори против вознемирувањето од кој било вид, по која било основа. Неможејќи да ги сокрие солзите на почетокот, Тами се уште беше во неверица како можела да не ја види болката со која нејзиното дете живеело и како наставниците и психолозите во училиштето не презеле никакви мерки за да го спречат ваквото стигматизирање. Она што е интересно е акцијата на државата. Освен судските спорови, Департментот за правда воведува низа мерки за превенција од вознемирување, меѓу кои и обука на сите вработени во училиштата за однесување со ЛГБТ деца, обука за спречување и заштита од вознемирување од кој било вид и по која било основа и така натаму. Државата не влегува во осуди на сексуалната ориентација или родовиот идентитет на децата, ниту дали за неа е тоа прифатливо или не, туку веднаш презема мерки за да обезбеди еднаков третман, безбедност и пристап до школување за сите свои граѓани.
Во целата програма можевме да видиме колку е различна и самата ЛГБТ заедница, се сретнавме од меинстрим организациите како Human Rights Campaign (www.hrc.org) или Out and Equal (www.OutandEqual.org) па сѐ до порадикалните групи како Get Equal (www.getequaltx.org) или пак геј крилото на конзервативната Републиканската партија Log Cabin Republicans (www.logcabin.org). Сите имаат различни агенди, различни приоритети и цели и покажуваат колку е невозможно да се сведат под еден именител или група. За слободарското Сан Франциско ќе зборуваме другпат и повеќе.
Од еден ваков контекст во неделата се враќам во Скопје, читам и не можам да верувам, министерот за труд и социјална политика „ничим изазван“, што би рекол еден наш познат колумнист, наеднаш започнува кампања против „геј бракови“. Јас не познавам организација во Република Македонија која во своите активности или платформа има нешто поврзано со „геј браковите“, ниту пак имам сознанија дека некој/и започнал/е иницијатива за легализација на „геј бракови“. Доколку такви сознанија има министерот, треба/ше да ги обзнани, така неговиот одговор ќе имаше смисла, односно ќе имаше прашање на кое тој одговара. Вака остана да виси во воздух прашањето: зошто министерот започна една ваква кампања?
За збунката да е уште поголема, после осудата од неколку граѓански организации за ваквиот начин и говор на омраза, се јавуваат пензионерите, социолозите, па дури и спортските здруженија кои ги осудуваат хомосексуалците за нетолеранција кон браковите. Верувам дека сега граѓаните се збунети од ваквите контрадикторни пораки со кои се бомбардирани: треба да ги мразат хомосексуалците затоа што бараат бракови или поради тоа што не се толерантни кон браковите? Во суштина, сето тоа станува неважно, важно е да мразат.
Ако се види контекстот и времето во кое сето ова се случува, станува повеќе од јасно. Верувам дека на министерот му било тешко на Денот против сиромаштијата и гладта да излезе и да каже дека сиромаштијата се намалува и во ист момент да даде податок дека е зголемен бројот на народни кујни. Ако се намалува сиромаштијата, зошто би се зголемувал бројот на народни кујни?! Сигурно му е тешко да објасни зошто според индексите сме една од најсиромашните држави во Европа? Зошто сме една од најневработените нации? Зошто ни се закануваат со враќање на визниот режим, кој сѐ тоа се иселува од Македонија и зошто? На розовата слика која сака да ја продаде, никој веќе не може да верува, па одлучил да му даде на сиромашниот и гладен народ „објект на омраза“. Канал низ кој ќе ги ослободи сите свои фрустрации и незадоволство од гладното секојдневие. Монструозно е да се стигматизира/жртвува една маргинализирана група за да се покрие бедната и сиромашна реалност. Уште помонструозно е да го прави тоа министер за труд и социјална политика. Ако продолжи ваквото практикување на власта со сеење поделби, омраза, страв и исклучување, зачинето со сиромаштија, не само хомосексуалците, туку никој веќе нема да сака да живее во оваа држава.