16 Oct Министер за труд и социјала или „доктор“ за „здрава нација“? (1)
Автор: Жарко Трајаноски, преземено од окно.мк http://okno.mk/node/22736
„Секогаш мора да имаме на ум дека во многу случаи цврстата и здрава нација се има појавено од искушенијата на најкрвавите граѓански војни, додека од условите на мир кои биле вештачки одржувани најчесто произлегла состојба на национално гниење со смрдеа до небеса.“ (Адолф Хитлер) [1]
„Хитлер честопати се именуваше себеси како ’Доктор на нацијата’ и ја интерпретираше расната чистота како синоним за политичкото здравје на нацијата.“ (Брајан Е. Крим) [2]
Предизборни манипулации: „Меѓународниот ден на женското дете“ го претворија во ден за превенција на истополови бракови
Аман, не го викајте друг пат Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на одбележувањето на „Меѓународниот ден на женското дете“. Наместо да се држи до темата – како да се превенираат малолетничките бракови, министерот влезе во „предизборен филм“ и почна да си зборува за сосем друга тема – превенција на истополови бракови и посвојување на деца од хомосексуални двојки.
Сите очекуваа министерот да помогне за сензибилизирање на правата на „женското дете“ и за „намалување на можноста и ризикот од злоупотреба на женските деца“. Но, Спиро Ристовски ја злоупотреби својата државна позиција и како на предизборен митинг почна да го сензибилизира своето гласачко тело за прашања на кои најмногу инсистира неговата партија:
„Во Законот за семејство јасно е дефинирано дека бракот е заедница меѓу еден маж и една жена и тоа ќе остане така додека ние го раководиме министерството и Владата. Не сакам ни да дискутирам за прашањето на хомосексуалните парови да им се дозволи да посвојуваат деца, затоа што сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот“.
Со овие сензационалистички изјави беше медиумски засенето одбележувањето на „Меѓународниот ден на женското дете“. Наместо да известуваат на тема превенција на малолетнички бракови, речиси сите медиуми почнаа да известуваат небаре тема на „Меѓународниот ден на женското дете“ беше превенција на истополови бракови.
Зошто изјавата на министерот е дискриминаторска?
„Не сакам ни да дискутирам за прашањето на хомосексуалните парови да им се дозволи да посвојуваат деца…“ – рече министерот. Ептен неуверливо. Ако некој не сака да дискутира за одредено прашање, тогаш нема да дискутира, особено кога никој не го покренува, освен „преродбеничките“ пропагандни медиуми. Ама, очигледно на министерот многу му се дискутираше за прашањето на посвојувањето на деца од хомосексуални парови, па продолжи: „…сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот“ ?!
„Во вистинска смисла на зборот“, министерот жестоко се обиде да го “превенира” посвојувањето на деца од истополови двојки, иако во Македонија нема ниту законска иницијатива за регистрирање на истополови заедници, уште помалку за „легализација на истополови бракови“. Приоритетни прашања за организациите кои покренуваат ЛГБТ прашања се насилството, дискриминацијата, борбата против хомофобијата и трансфобијата во образованието, медиумите, политиката, како и говорот на омраза и нетолеранција кон нехетеросексуалците.
Овојпат, со својата дискриминаторска реторика министерот вознемири и понижи повеќе групи луѓе, не само ЛГБТ лицата:
1. Изјавата “…сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак…” го повредува достоинството на сите деца и на луѓето кои не се родени или израснати во брак.
Изјавата на министерот неоправдано прави разлика помеѓу децата по основа на брачна состојба. Со својата изјава министерот морално пропишува што е “правилен” детски раст и развој. Изјавата подразбира дека децата родени во брачни заедници “правилно” растат и се развиваат, за разлика од децата кои не се родени или израснати во брачна заедница. Наместо Министерството за труд и социјална политика да се бори против сите поделби на “брачни” и “вонбрачни” деца, против привилегирањето на “брачните деца” и социјалното исклучување на “вонбрачните деца”, министерот почна неоправдано да ги дели децата. Ваквите поделби на децата на “правилно развивани” (деца растени во брак) и “неправилно развивани” (деца кои не се растени во брак) ги вознемируваат и создаваат непријателска, понижувачка или застрашувачка средина за децата и родителите кои не живеат во брачна заедница.
2. Изјавата “…сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко…” е исклучувачка и ограничувачка за родителството. Ваквата изјава му дава првенство на еден вид родителство (мајка и татко во брак), со што ги вознемирува другите форми на родителство и го повредува достоинството на: родители кои не се во брак; семејните домаќинства со еден родител кој не е во брак; децата без мајка, без татко, или без родители…
3. Со изјавата “…сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот“ дополнително се ограничува родителството. Изјавата на министерот неоправдано прави разлика помеѓу родителство кое настанува со раѓање и родителство кое настанува со посвојување. Со ваквите изјави се повредува достоинството на:
– родителите кои имаат посвоено деца и посвоените деца;
– родителите кои имаат добиено деца зачнати со вештачко оплодување и децата зачнати со вештачко оплодување;
– родителите и нивните деца кои раснат во семејства со мајка и татко каде едниот родител не е “биолошки” родител;
– родителите и децата кои се посвоени и израснати од страна на еден родител во земјите каде што е тоа дозволено;
– родителите и децата кои се посвоени и израснати од страна на истополови двојки (во земјите каде што е дозволено посвојување)
– децата кои живеат со старатели или се под старателство на државата…
Здруженија на граѓани итно реагираа на дискриминаторската изјава
Неколку здруженија на граѓани остро реагираа уште истиот ден кога беше објавена изјавата на министерот. Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ и Мрежа за заштита од дискриминација укажаа дека “Со оваа изјава Министерот ги дискриминира сите деца и форми на заедници и семејства во кои децата добиваат неопходна грижа, љубов и внимание, како на пример деца израснати од самохрани мајки, децата израснати со блиски роднини, децата без родители, посвоените деца, децата за кои се грижат поголеми групи на жени (најчесто во услови на миграција), децата кои се израснати од страна на истополовите двојки и заедници, децата од различни култури во кои принципот на брак и биолошката двојка не е клучен во процесот на одгледување и грижа за децата итн.”
И здружението ЛГБТ јунајтед укажа дека изјавата на министерот е дискриминаторска “не само за припадниците на ЛГБТ заедницата, туку за децата и луѓето кои живеат во различни форми на заедници и семејства кои не соодветствуваат на исклучувачката визија за семејство на министертот која вклучува маж, жена и деца.” ЛГБТ Јунајтед го потсети Министерот Ристовски дека “лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродните лица во најголем број потекнуваат од хетеросексуални заедници, врски и семејства.”
Министерот за труд и социјала – “доктор” за “здрава нација”?
Иако божем не му се дискутираше за некои теми, министерот Спиро Ристовски ја продолжи јавната дискусија на “Меѓународниот ден на женското дете“. Во јавната реакција изрази жалење што реагиралa “таканаречена” Коалиција на „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници„ и „Мрежа за заштита од дискриминација“.
Ем изрази жалење, ем ги навреди “таканаречените”. Притоа ни појасни:
“Јас никаде во ниту еден момент не говорев за другите форми на заедница во којашто одредени деца растат затоа што не по своја воља останале без еден или двајца родители, но за истите тие деца се грижат или најблиските или пак државата! И повторно и во едниот и во другиот случај тие деца ја имаат природната форма на згрижување.”
За каква пак сега “природна форма на згрижување” говори министерот, кога самиот претходно не убедуваше дека децата треба правилно да растат и да се развиваат “во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот“?
На критиката дека изјавата на министерот “наликува на застрашувачкиот модел на семејство и репродукција во служба на расно чиста нација”, Ристовски одговара:
“Почитувани, каде овде видовте заложба за „расно чиста нација“? Овде има заложба за здрава нација затоа што јас и партијата на којашто и припаѓам се залагаме за здрава нација! Впрочем статистиката говори за намалување на наталитетот, а тој како ќе го подигнеме ако не преку раѓање на здрави деца во здрава природна средина!”
Но, што всушност ни кажа во својата реакција министерот Спиро Ристовски:
1) Потврди дека на “Меѓународниот ден на женското дете“ не дал изјава како владин министер кој ја претставува државата, туку како партиски претставник кој “припаѓа” на партија која промовира идеологија за “здрава нација”.
2) Призна дека неговата контроверзна изјава не била дадена за “превенција на малолетнички бракови”, туку во функција на “подигање на наталитетот”?!
3) Со реторичкото прашање “како ќе го подигнеме [наталитетот] ако не преку раѓање на здрави деца во здрава природна средина!”, министерот отвори нови дилеми и прашања:
а) Дали само бракот е “здрава природна средина” за “раѓање на здрави деца” или пак и “другите форми на заедница во којашто одредени деца растат затоа што не по своја воља останале без еден или двајца родители”?
б) Ако бракот е толку битен за подигање на наталитетот, зошто тогаш партијата на која “припаѓа” министерот не предложи закон за забрана на развод на бракот, во функција на подигање на наталитетот? Дали децата кои не се родени во брак ќе се бројат во “пораст на наталитетот”?
в) Во кој пропис, во која стратегија или програма од областа на трудот и социјалната политика можеме да најдеме објаснување на изразите “природна форма на згрижување”, “здрава природна средина”, и “здрава нација”? Дали концептот на “здрава нација” ги вклучува или пак исклучува луѓето со попреченост, хронично болните лица, лицата со нехетеросексуална ориентација?
г) Дали категоријата “здрави деца” родени во “здрава природна средина” ги исклучува: децата родени вон брак, децата на еден родител, децата без живи родители, децата родени преку вештачко оплодување, посвоените деца, децата на ЛГБТ лицата? Од кога Министерството за труд и социјална политика се трансформира во Министерство за “здрава нација” и “здрава природна средина”?
д) Дали, според министерот, нациите во кои е законски можно посвојување на дете од еден родител (независно од неговата сексуална ориентација) и посвојување на дете од истополови парови не се “здрави нации”? Дали министерството за “здрава нација” ќе воведе законски забрани за стапување во брак со припадници на “нездрави нации”?
ѓ) Дали заложбата за “здрава нација” подразбира водење на сензационалистички хомофобични кампањи против ЛГБТ-лицата, и дали грижата за “здрави деца” подразбира објавување на “геј порнографија” на насловните страници на провладините медиуми?
[1] Адолф Хилер, во „Мојата борба“ (1925/6), кога зборува за потребата од “расчистување на сметките со марксистите”.
[2] Brian E. Crim, “We Ourselves Are the War:” Understanding the Relationship between the First World War and the Holocaust (Review Essay of Nations Have the Right to Kill: Hitler, the Holocaust and War). http://www.ideologiesofwar.com/docs/crim_koenigsberg.html