04 Oct Украина гласаше за предлог-законот против „геј пропаганда“
Украинскиот парламент масовно гласаше за предлог-законот со кој ќе се забрани хомосексуалната „пропаганда“. Околу двесте и девеесет пратеници гласаа „за“, ниту еден „против“, а само еден беше воздржан. Околу шеесет пратеници беа отсутни од собраниската сала.
Гласањето беше најавено завчера (2-ри октомври), поради што ЛГБТ активистите немаа време да се организираат против предлог-законот. И покрај тоа, околу дваесетина активисти од различни организации и иницијативи се собраа на протест против предложениот закон. Тие ги повикаа парламентарците да не го усвојат предлог-законот, велејќи дека оди наспроти човековите права. Полицијата, исто така, беше присутна на протестот за да ги заштити учесниците.
Олена Шевченко, од организацијата Инсајт, ја предводи кампањата за спречување на хомофобичниот предлог-закон. За „Геј стар њуз“, таа изјави: „Ова е прилично сериозна работа. Не се работи само за ЛГБТ правата. Тоа може да биде за што било, бидејќи се работи за цензура. Според предложениот закон, не е јасно што се смета за „пропаганда“. Тоа може да биде интервју во медиумите или протест. Доколку се наоѓате на улица со својот партнер, некој би можело да се пожали дека тоа претставува пропаганда“.
Законот воведува административна и казнена одговорност за увезување, произвотство и дистрибуција на производи кои „промовираат“ хомосексуалност.
Активистите велат дека со законот се цензурираат медиумите, граѓанското општество и застапниците на човекови права.
Следното гласање е закажано на 16-ти октомври, иако би можело да се случи да биде презакажано. Доколку помине исто како и првото гласање, предлог-законот ќе биде потпишан од претседателот на парламентот и претседателот на државата и веднаш да стапи на сила.
Предлог-законот е сличен на оној кој годинава беше усвоен во Санкт Петерсбург во Русија, кој предизвика бурни меѓународни реакции на осуда.
Минатиот јуни, околу шеесет илјади лица ја потпишаа петицијата на ОлАут против украинскиот предлог-закон против пропаганда. Предлог-законот беше осуден од страна на Хјуман Рајст Воч, Амнести Интернешнал, канцеларијата на ОН во Украина, Европскиот Парламент и генералниот секретар на Советот на Европа.
Во моментот, активистите од Украина бараат од Европската Унија и Советот на Европа да интервенираат во стопирањето на овој предлог-закон. Украина е членка на Советот на Европа но не и на Европската Унија.