28 Aug Хомосексуалноста е табу-тема во семејствата, пишува Дневник
Автор: Марија Тасев
Преземено од Дневник:
Многу често се случува поради сексуалната ориентација на децата да им се ускратува поддршката, да ги малтретираат, казнуваат, па и да ги избркаат од дома.
На мајка ми и кажав дека сум геј речиси пред пред една година. Едноставно не можев повеќе да кријам, да ги лажам дома, а тие постојано ме опсипуваа со внимание и љубов. Станав рано наутро и низ плач, признав: Мамо, јас сум хомосексуалец. Двајцата плачевме, а мајка ми како да претчуствувала. Беше шокирана, но рече дека мора да смисли како да му каже на татко ми. Се обиде да ме смири, но јас уште плачев, не знаев како да го избркам тоа чувство на вина. По извесен период му кажавме и на татко ми, тој беше многу лут, демонстративно се исели од дома, но по неколку дена се врати и разговаравме. Рече дека ме сака, но не може да прифати дека сум „обратен“ и не сака да слуша ништо за тоа. Сега веќе можам да кажам дека нормално живеам. Но, кога ќе ми се јави мајка ми на телефон да ме праша каде сум и ќе и речам кај пријателот, таа секогаш коментира: Подобро ќе беше да си кај пријателка. Ова ме боли до коски, вели еден млад студент од Скопје.
Многу често се случува поради сексуалната ориентација на децата да им се ускратува поддршката, да ги малтретираат, казнуваат или да ги избркаат од дома. Родителите често сакаат своите деца да ги излекуваат, па ги праќаат на психолози и психијатри. Поради тоа децата се принудени или постојано да ја бараат вината во себе и да продолжат да живеат во континуиран страв.
Деновиве девојка која на родителите им признала дека е лезбијка, била избркана од дома. Таа останала на улица, па сега е принудена да престојува кај пријателка, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, кои помагаат заедно со една организација што се занимава со правата на ЛГБТ (лезбијки,геј, бисексуалци, транссекуалци).
Уранија Пировска, претседател на Хелсиншкиот комитет, вели дека тие биле навреме информирани за овој случај.
– Ако девојката се реши, ние би можеле да и обезбедиме и правна помош и поддршка во случај да реши да ги тужи родителите. Тоа зависи само од неа. Во моментов е сместена кај пријателка, но се разбира, тоа не е трајно решение. Таа е студентка и без финансиската помош што досега и ја давале родителите таа не може да си го продолжи факултетот. Девојката била жртва и на семејно насилство. За жал, кај нас с` уште постојат предрасуди кога станува збор за ЛБГТ-заедницата, но ние како Хелсиншки комитет дискриминацијата од кој било тип нема да ја толерираме – вели Пировска.
Психолозите и психијатрите во Македонија не се многу расположени да зборуваат за односите во семејството кога родителите ќе се соочат со признанието на детето дека е со поинаква сексуална ориентација. Велат дека за просечно македонско семејство хомосексуално дете е табу-тема. Дури, еден познат психијатар веќе не сака јавно да коментира за геј-популацијата, оти неодамна, откако дал свое мислење за луѓето со различна сексуална ориентација, некои здруженија барале да му се одземе дипломата.
Во Србија – група за поддршка на родителите
Во соседните држави, покрај океанот од информации и совети за геј-популацијата, луѓето многу поотворено зборуваат за различностите и сексуалната ориентација и состојбите во семејството
Психологот Ивана Чворовиќ од Србија за еден тамошен портал зборува и ги советува родителите како да се однесуваат ако детето им соопшти дека е заинтересирано за истиот пол. Таа води група за самоподдршка на ЛГБТ-луѓето и советува дека родителите кои ќе се соочат со признание од своето дете дека е геј, многу е важно да му ја почитуваат искреноста.
Таа нагласува дека родителите не смеат да дозволат срамот и предрасудите да направат детето да биде дел од негативната статистика, која зборува за бројот депресивни ЛГБТ-лица, оние што пробале да се убијат и оние кои немаат дом.