23 Aug Реагирај! –нова платформа во борбата против родовото насилство
Реактор – Истражување во акција има чест да ви ја претстави новата онлајн платформа Реагирај!, со мотото Сподели приказна, спречи насилство, која има за цел да ги направи јавните простори во Скопје побезбедни за жените. Платформата е дел од истражувачки проект за Насилство против жените на јавни места во Скопје, спроведена од страна на Реактор, а поддржана од страна на UN Women.
Реагирај! е онлајн алатка која можат да ја користат девојките и жените од Скопје за анонимно споделување на нивните искуства со било каква форма на родово насилство на кое биле жртви или сведоци, а кое се случило на јавните простори во градот. Покрај ова, платформата ќе се користи како алатка за прибирање на инаку недостапни податоци за малтретирањето и насилството со кое се соочуваат жените, а кое се случува многу почесто отколку што се пријавува. Конечно, преку собирање на приказни, слики и видеа, Реагирај! ќе претставува социјална мрежа посветена на спречувањето на родовото малтретирање и насилство на јавните простори.
Преку вклучување на овие три аспекти, очекуваме дека платформата ќе им биде од корист на различни видови корисници, почнувајќи од жртвите кои ќе имаат можност анонимно да ги раскажат своите приказни, до полицијата која ќе може да ги искористи овие анонимно собрани податоци за да идентификува ризични локации, како и фреквенцијата и видовите на насилство со кои жените се соочуваат и да превземат соодветни чекори за намалување на опасностите.
Самиот веб сајт ја користи едноставната за употреба и open source платформа Ushahidi и е достапен на македонски, албански и англиски јазик. Пријавите можат да се поднесат со користење на апликациите за Андроид и iPhone (кои можат да се преземат од сајтот), или преку пополнување на онлајн формуларот кој е достапен на следнава локација: http://www.reagiraj-bidibezbedna.mk/reports/submit